Вести

Шампионскиот пехар е во наши раце!

Претседателот на РФМ, г. Живко Мукаетов, му го предаде победничкиот трофеј на нашиот капитен. РК Алкалоид е официјално победник на шампионатот и нов член на Суперлигата!
Денеска испишавме клупска историја!

Нашата прва сезона ја завршивме со медал и со шампионски пехар!
Следната сезона сме дел од Суперлигата!

Вести

РК Алкалоид е шампион во Првата лига!

РК Алкалоид во последното првенствено коло на домашен терен славеше убедлива победа над екипата на РК Младост 1977 од Богданци 39 : 19 (17 : 8) и првенството го заврши на првото место. 

Нашиот тим доминираше во текот на целото првенство и со вкупен ефект од 27 победи и еден нерешен меч од вкупно 28 натпревари, или со 17 победи и со еден нерешен меч од вкупно 18 натпревари во плејоф-првенството, шампионатот го заврши со 52 освоени бода, дури 12 бода повеќе од второпласираниот тим на табелата.

Десниот бек Мартин Серафимов со 144 постигнати гола е најдобар стрелец во нашиот тим во првата сезона. Повеќе од 100 погодоци за РК Алкалоид постигнаа и Игор Ѓоргиев (126), Дарио Кофилоски (119), Александар Стојков (114) и Мартин Димовски (105). 

Вести

РК Алкалоид на едно коло до титула

Само уште едно коло го дели РК Алкалоид од шампионскиот пехар и од промоцијата во повисокиот ранг на натпреварување. 

Денеска, во рамките на претпоследното коло од прволигашкиот шампионат, РК Алкалоид го совлада РК Драчево како гостин со 42 : 28 (22 : 12). 

Нашиот тим немаше големи тешкотии во битката за 26-тата првенствена победа. Од почетокот на натпреварот наметнавме ритам што противникот не можеше да го следи, поведовме со 6 : 0, 10 : 3 и веќе на полувреме имавме двоцифрена предност (22 : 12). Во продолжението на натпреварот се играше резултатски поизрамнето, но од моментот кога поведовме со 24 : 14, разликата постојано беше двоцифрена.

Мартин Димовски со седум и Игор Ѓоргиев со шест гола беа нашите најефикасни ракометари на овој меч.

На едно коло до крајот РК Алкалоид е единствениот тим без пораз. Во последното коло на домашен терен ќе играме против екипата на РК Младост 1977.

Вести

Пионерите стигнаа до четврт-финале

Пионерската екипа на РК Алкалоид во својата прва сезона од натпреварувањето победи на сите осум натпревари во групната фаза на шампионатот. Во тој дел од првенството игравме по двапати со екипите на РК Рисови, РК Скопје 2020, РК Бутел Скопје и на РК Аеродром.

Како победник на групата, нашите најмлади ракометари обезбедија пласман во четврт-финалето на шампионатот. На натпреварот што го игравме во Струга не успеавме да го победиме домашниот тим РК Струга и да се пласираме на Ф4-турнирот.

Вести

Целта исполнета на три кола до крајот

РК Алкалоид денеска гостуваше во Гостивар и со победа од 46 : 21 (22 : 11) над екипата на РК Јехона стигна до предност што е недостижна до крајот на првенството пред второпласираниот тим.

Нашиот тим немаше проблеми во битката за трите бода кај гостиварскиот состав. Двоцифрена предност обезбедивме уште во првото полувреме, во вториот дел ја удвоивме разликата и средбата ја завршивме со 25 гола разлика.

На три кола до крајот нашиот тим има девет бода предност и подобар меѓусебен ефект во однос на РК Голден Арт, кој е на второто место, со што го обезбедивме првото место во шампионатот, па следната сезона ќе бидеме промовирани во Суперлигата како најдобро пласиран тим од Првата лига.

 
Нашата следна цел е првенството да го завршиме без пораз. Во следното коло во Салата „Автокоманда“, на домашен терен, ќе играме против екипата на РК Работнички.