Вести

Првенството го почнуваме на гости кај Прилеп

Во согласност со извлечените броеви на ждрепката со која беа одредени групите во суперлигашката конкуренција, беше изработен и планот за натпреварување за следната сезона. 
Предвидено е првенството да започне на 3-4 септември, а првиот дел од шампионатот да заврши на 17-18 декември. Во тој период ќе се одиграат 14 кола, по што екипите ќе бидат поделени во групи за плејоф и за плејаут.

РК Алкалоид својот прв суперлигашки натпревар ќе го игра на гостински терен кај екипата на РК Прилеп. Нашиот клуб ќе гостува и во второто коло, кај МРК Куманово, а првиот меч на домашен терен ќе го игра во третото коло на 17-18 септември. Гостин ќе ни биде екипата на РК Охрид. 

 

КОМПЛЕТЕН РАСПОРЕД НА ПРВИОТ ДЕЛ НА СЕЗОНАТА – ГРУПА „А“

Вести

РК Алкалоид во групата А во Суперлигата

Со полудиригирана ждрепка, во која беа земени предвид пласманите од претходната сезона, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги формираше групите во Суперлигата за сезоната 2022/2023.

Македонската Суперлига следната сезона ќе брои 16 екипи, а тие се поделени во две групи од по осум екипи. По одигрувањето на 14. кола екипите одново ќе бидат поделени. Најдобрите четири од секоја група ќе играат во плејоф-првенството, од каде што ќе се добијат новиот првак и учесниците во европските купови за следната сезона. Екипите кои во првиот дел ќе завршат од петтото до осмото место ќе играат за опстанок во плејаут-првенството. 

РК Алкалоид ќе игра во групата А заедно со екипите на РК Вардар 1961, РК Бутел Скопје, РК Охрид, на РК Струга, РК Прилеп, МРК Куманово и на РК Вардар Неготино.

Во групата Б ќе играат екипите на РК Еурофарм Пелистер, РК Еурофарм Пелистер 2, РК Тинекс Пролет 62, на ГРК Тиквеш, РК Радовиш, РК Голден Арт, РК Скопје 2020 и на РК Јуниор Кисела Вода.

Вести

Мислиме на нашата иднина!

РК Алкалоид ја комплетираше првата сезона, a се комплетираа и тренинзите на ракометните школи за нашите најмлади ракометари. Околу 500 деца на возраст од 6 до 14 години во целата наша држава беа дел од ракометните школи на РК Алкалоид, а нашето очекување е следната сезона бројот да биде уште поголем!

Влатко Котески, тренер кој последната деценија ѝ ја посвети на работата со млади ракометари и кој зад себе има завидно искуство, е последниот кој излезе од салата ова лето. Првата сезона во РК Алкалоид е завршена, задоволството од сработеното е видливо. 
„Здрави и среќни деца се нашата примарна цел“, вели Влатко Котески.
„Ова беше нашата прва сезона, па затоа и сама по себе е посебна. Заокруживме успешна сезона, во која ги исполнивме зацртаните цели, а ги исполнивме, во делови и ги надминавме, и плановите. Ги воведовме најмладите во нов систем, преку кој се дружевме, трениравме и учевме. Ги воведовме во светот на ракометот. Живееја, се забавуваа и другаруваа како тим, како спортско семејство“, вели Котески.

РК Алкалоид како клуб ги има подвлечено работата и пристапот спрема најмладите како една од најважните работи во клубот.

„Многу внимание им посветивме на дисциплината, на правилниот развој, како и на почитта спрема другите, спрема повозрасните и спрема околината. Во клубот сакаме да креираме личности, не само ракометари. Нема поубаво чувство од тоа кога ќе видиш среќни деца, па затоа следната сезона ќе се прошириме. Заинтересираноста постојано се зголемува. Ќе се обидеме во повеќе училишта да отвориме свои секции, да станеме достапни за што повеќе деца“, вели Котески.