Вести

РК Мулти Есенс направи голем чекор кон Суперлигата

РК ДРАЧЕВО – РК МУЛТИ ЕСЕНС 31-34 (15-15)
Сала: „Круме Кепески“ во Скопје. Судии: Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски. Делегат: Цане Куртовиќ


РК ДРАЧЕВО: Христов, Дабевски 4, Ристовски, Димовски 2, Божинов, Димов 2, Стојанов 4, Петковски 5, Стојановски, Ангеловски, Андовски, Анѓелковски 4, Бадаревски, Вељаноски, Дука 10
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 10 мин.


РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски, Димевски 7, Грујевски, Димитриевски 1, Д. Узунчев 12, Тричковски 5, Омерагиќ 1, Велков, Ерманоски, Младеновски, Т. Узунчев, Јорданов 3, Карасманакис 2, Костовски 3, Георгиевски
Седмерци: 8/10 Исклучувања: 12 мин.

РК Мулти Есенс направи голем чекор напред кон пласманот во Супер лигата. Откако во минатото коло славеше победа над РК Аеродром, вечерва го совлада и вториот ривал во трката за првите две места – РК Драчево.

РК Мулти Есенс забележа победа од 34-31 на гостински терен по 13 комплетирани кола има 13 победи. Со вкупно 39 освоени бодови, РК Мулти Есенс има предност од 11 бода пред споментите ривали на пет кола до крајот на сезоната.

Вечерва, домашниот состав тргаа силовито и беше во водство во текот на целото прво полувреме, на моменти и со шест гола разлика (13-7).
Нашиот тим покажа карактер и не потклекна, туку го засилуваше ритамот и влезе во серија од 5-0 со која намали на 12-13 и му направи притисок на домашниот состав.
На полувреме се замина со нерешени 15-15, а веднаш на стартот на вториот дел, момците предводени од Бранко Ангеловски беа растрчани и видно посвежи од противничкиот тим.


Со два гола на почетокот на вториот дел, нашиот тим премина во водство од 17-15, а потоа го зголемуваше притисокот и стигна и до водство од 26-20, 27-21…
Домашниот тим имаше обид да се врати резултатски во игра, на пет минути до крајот намали на минус два гола разлика, но РК Мулти Есенс ја зачува ладнокрвноста и не дозволи резултатска драма.

Вести

Победа над ГРК Охрид за пласман во Европската лига

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 31-23 (15-10)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Спаско Ќаев и Глигор Ќаев. Делегат: Цане Куртовиќ


РК АЛКАЛОИД: Галевски (14 одб), Трајкоски, Петров, Маркоски 2, Стојков 2, Серафимов 6, Стојковиќ 2, М. Митев 2, Ѓоргиев 4, Симоноски 4, Омерагиќ, Тодески, Кофилоски 4, Петковски, Д. Митев 3, Савревски 3
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 8 мин.


ГРК ОХРИД: Миленковиќ, Речкоски, К. Андоновски, Цејовиќ, Рустамов 6, Дрогришки 1, Цинцадѕе, Д. Андоновски 2, Василевски, Ристески, Тасески 4, Шешиќ 2, Каракоч 2, Бојаниќ 1, Цирар 5
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид го совлада ГРК Охрид во дербито на колото и по 11 одиграни кола има предност од 15 бода пред четвртопласираниот тим со што го завери пласманот на третото место кое, пак, носи пласман во Европската лига следната евро-сезона.
Вечерва, РК Алкалоид одигра уште еден добар натпревар против охридскиот ривал. Тренерот Кирил Лазаров одново шанса да стартуваат натпревар им даде на дел од помладите ракометари, а повторно 18 годишниот голман Иван Галевски одлично ја искористи укажаната шанса и имаше двоцифрен број на одбрани меѓу кои одбранети пенали, зицери и тешки шутеви.

Иван Галевски беше стартерот што ја раздвижи екипата на РК Алкалоид која по воведните 2-2 за десет минути игра, во следните пет минути направи серија од 6-0 со која стигна до водство од 8-2, а тоа се понатаму се покажа и како клучен период за конечниот епилог и се што му претходеше во 45 минути помеѓу.

Гостинскиот состав имаше обид да се врати резултатски во игра и тоа донекаде му успеа. Со три гола во серија негативата од 2-8 ја претвори во достижен минус (5-8), но овде и беше запрен налетот на гостинскиот состав.
Нашиот тим ја врати контролата врз настаните на теренот, неколку минути се играше околу разликата од три гола, а потоа одново поведовме со поголема разлика, од пет погодоци (12-7) што ја одржавме до крајот на полувремето кое заврши со резултат (15-10).

Во второто полувреме, развојот на настаните, особено резултатски беа речиси идентични како во првиот дел. Нашиот тим поведе со 18-12, а гостите со серија од 3-0 намалија на 15-18 и тука одново беше запрен нивниот налет.
Потоа се играше посмирено, без поголеми серии на која било страна сѐ до финишот на мечот. Одново РК Алкалоид беше поконкретен во завршницата и стигна до победа од осум гола разлика (31-23).

Ова беше претпоследен меч на домашен терен за РК Алкалоид. Во следното коло му гостуваме на РК Бутел Скопје, потоа во „Автокоманда“ го пречекуваме тимот на РК Е. Пелистер 2 и во последното коло сезонава, ќе играме на гости кај РК Вардар 1961.

Вести

РК Алкалоид со три бода од гостувањето кај РК Т. Пролет

РК Т. ПРОЛЕТ – РК АЛКАЛОИД 22-28 (11-14)
Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески. Делегат: Камер Металари
РК Т. ПРОЛЕТ: Петковски, Василевски 6, Пецаковски 4, Додевски, Димов 2, Андоновски 4, Мајнов, Димковски 2, Крстески 2, Стојановски 1, Фичорски, Јанчев, Михаљевиќ, Палевски, Спасовски 1
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 8 мин.
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајкоски, Петров 2, Маркоски 1, Стојков 5, Младеновиќ, Серафимов 3, Стојковиќ, М. Митев 3, Ѓоргиев 5, Симоноски, Омерагиќ 1, Кофилоски 1, Петковски 1, Д. Митев 2, Савревски 4
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид ја запиша седмата победа во плејоф-првенството. Вечерва нашиот тим славеше победа над РК Тинекс Пролет, на гостински терен со резултат 28-22.


РК Алкалоид по почетното водство на противникот од 2-1, ја преземе комплетно контролата во следниот период и поведе со (4-2, 7-4, 10-6). Тренерот Кирил Лазаров, на овој натпревар им даде поголема шанса на играчите што не се стартери, а таквата шанса одлично ја искористија голманот Иван Галевски, бековите Дамјан Митев, Давид Савревски и Едвин Омерагиќ, пикерот Марко Стојковиќ и крилото Александар Стојков.


Домашниот тим не падна во ритамот и одржуваше негатива од три до четири гола во првиот дел. На полувреме беше 14-11 за РК Алкалоид.

Во второто полувреме, нашиот тим одново стигна до водство од четири гола (16-12), а потоа се играше период во кој нашето водство се движеше од два до три гола разлика.
Домашниот состав имаше обид да направи пресврт и еден момент успеа да стигне до израмнување (20-20). Но, РК Алкалоид ја задржа присебноста и до крајот на натпреварот постигна осум, а прими само два гола за конечни 28-22.

Пред почетокот на натпреварот, раководните луѓе на РК Т. Пролет му врачија благодарница на нашиот ракометар Иван Џонов кој во зимскиот преоден рок премина од редовите на РК Т. Пролет во нашиот клуб.

Со оваа победа РК Алкалоид стигна до 24 освоени бода, 12 повеќе од ГРК Охрид кој е зад нас на табелата и со кого во петок ќе ги одмеруваме силите во „Автокоманда“.

Вести

РК Мулти Есенс победи на големото дерби

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК АЕРОДРОМ  28-26 (14-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓе Василевски и Блаже Михајлов. Делегат: Мамер Реџепи
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски, Грујевски, Д. Узунчев 8, Тричковски 1, Омерагиќ 4, Велков, Ерманоски, Младеновски, Т. Узунчев 1, Продановски, Јорданов 9, Карасманакис 4, Костовски, Георгиевски, Иванов 1, 
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.


РК АЕРОДРОМ: Богдановски, Кизиќ, Пајкоски 4, Бучуковски 3, Бошковски 3, Миревски 4, Костов 2, Петровски, Таневски, Олтовски 2, Стојановски, Трифуновски 4, Неданоски, Василев, Анакиевски, Петрески 3
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

РК Мулти Есенс ја забележа својата 12 победа од 12 одиграни натпревари. Ова е една од највредните победи затоа што е извојуван над директен ривал во битката за влез во Суперлигата – РК Аеродром.

Интересен и возбудлив натпревар одиграа екипите на РК Мулти Есенс и РК Аеродром. Двата тима се на врвот на листата на фаворити за влез во суперлигата, а денешниот меч беше потврда дека и двете екипи имаат потенцијал да се натпреваруваат во најсилната конкуренција и да донесат нови моменти во македонскиот ракомет, со оглед на тоа дека знаат да играат брз ракомет.

Почетното водство на РК Мулти Есенс од 4-2, гостите со серија од 4-0 го претворија во водство од два гола разлика за нив. Предводени од Олег Јорданов, ракометарите на РК Мулти Есенс брзо го возвратија ударот и поведоа со три гола разлика (11-8).


На полувреме резултатот беше 14-12 за РК Мулти Есенс, а во вториот дел одново стигнавме со плус три (17-14), по што следуваше израмнување на 18-18, па уште една домашна серија за водство од 22-19. Потоа имавме и водство од 24-21 во 49 минута од мечот.


Гостинскиот состав успеа да израмни одново на 25-25 во 56 минута од натпреварот. Нашиот тренер, Бранислав Ангеловски по ова побара минута одмор, а потоа со головите на Омерагиќ и Тричковски на двапати се враќавме во водство.
Клучен момент во финишот беше одбраната на Ѓорѓи Ерманоски на минута и пол до крајот при резултат 27-26, по што следеше гол од Димитар Узунчев со кој ја зачувавме разликата и запишавме нови три бода.

Вести

РК Алкалоид беше блиску до втора сензација

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 27-28 (15-16)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски. Делегат: Ацо Николовски
РК АЛКАЛОИД: Трајковски, Галевски, Петров 1, Маркоски, Младеновиќ 3, Серафимов 4, Стојковиќ, Митев 5, Ѓоргиев 3, Иваноски, Симоноски 5, Омерагиќ, Тодески, Кофилоски 3, Петковски 3, Савревски


Седмерци: 5/8 Исклучувања: 6 мин.
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Лејсак, Кизиќ, Ојлески 1, Кисум, Танкоски, Радовиќ 1, Хосни 6, Костески 2, Вилсон, Кукоски, Петар Анатасијевиќ, Васиљев 6, Суси 1, Павле Атанасијевиќ 2, Хенеберг 6, Пешевски 3
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид одигра борбен и драматичен натпревар на кој победникот не можеше да се предвиди до последните секунди. Среќата не беше на наша страна и откако не реализиравме во последната минута, со гол во последните десет секунди натпреварот заврши со резултат 27 : 28.

Првото полувреме се одигра во доста брз ритам, со добра транзиција и со ефектни напади од двете страни. Гостинскиот состав во првата фаза преку тунискиот играч Усама Хосни се одржуваше во нападот, а кај РК Алкалоид во овој период од натпреварот Дарио Кофилоски и Михајло Младеновиќ наоѓаа решенија во нападот.


Битолчани го диктираа резултатот со минимална предност до резултат 7 : 7, а потоа поведе РК Алкалоид.
Нашиот тим бргу стигна и до предност од плус два гола (10 : 8, 11 : 9, 13 : 11). Гостите израмнија на 13 : 13, а на полувреме се замина со резултат (15 : 16).

Во второто полувреме се играше со сличен ритам. Гостите имаа предност во првата фаза од полувремето, но РК Алкалоид израмни на 24 : 24, а потоа се играше гол за гол до последниот напад. Нашиот тим имаше нерешено и напад во последната минута, но не успеа да реализира, а потоа гостите постигнаа гол на десетина секунди до крајот, што се покажа како решавачки момент на мечот и конечни 27 : 28.

Вести

РК АЛКАЛОИД СЛАВЕШЕ ПОБЕДА НА УШТЕ ЕДНО ДЕРБИ!

РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 29-26 (17-13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Драган Начевски
РК АЛКАЛОИД: Трајковски, Галевски, Петров 2, Маркоски 1, Стојков 6, Младеновиќ 2, Серафимов 7, Илиески, Стојковиќ 1, Ѓоргиев 2, Симоноски 1, Омерагиќ, Кофилоски 3, Петковски, Д. Митев 2, Савревски 2
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 10 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Брауновиќ, Стојановски, Анастасовски 3, Постолов, Темелкоски, Велков, Соколов, Стефановиќ 5, Димовски 2, Кондев 2, Окардов, Шулески, Коцев 1, Симиќ 5, Хамзиќ 7, Петровиќ 1
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид запиша победа на уште еден дерби натпревар. Вечерва во Автокоманда, нашиот тим славеше победа над екипата на ГРК Тиквеш (29-26) и ја запиша шестата победа по ред во суперлигашкиот плејоф.
РК Алкалоид одигра уште еден натпревар во кој играта во одбрана беше решавачки фактор, а трпеливоста силна страна, затоа што ваквите дерби натпревари, против тип на противници каков што е ГРК Тиквеш го бараат тоа.

Голманите беа во главна улога на почетокот на натпреварот. Гостите поведоа со 2-0, но благодарение на голманот Благојче Трајковски одбраната ја доби сигурноста, а во напад своја вечер имаше крилото Александар Стојков, кој вешто ги решаваше укажаните шанси.

РК Алкалоид брзо се врати во игра, израмнивме и по нешто повеќе од десетина минути веќе имавме водство од два гола разлика (6-4). Нашиот тим умешно ги чекаше и казнуваше грешките на противникот, па предноста почна да расте. Во финишот на полувремето имавме максимални шест гола предност (17-11). На полувреме, се замина со резултат 17-13.

Во вториот дел, РК Алкалоид не дозволи противникот да направи ситуација за резултатско враќање во игра. Одбраната ги затвори противничките шутери, го пресече протокот на нивните акции и постојано одржуваше водство од четири до шест гола.

Во текот на натпреварот, особено во второто полувреме, тренерот Кирил Лазаров во ротацијата, шанса да играат им даде речиси на сите ракометари. Во игра ги видовме и најмладите во нашиот тим, а тоа се голманот Иван Галевски и 17 годишниот бек Дамјан Митев.
Победата не беше доведена во прашање, имавме безбедно водство кое во финишот, гостинскиот тим успеа да го намали до конечните три гола.

Следен противник на РК Алкалоид ќе биде екипата на РК Е. Пелистер. И таа средба ќе се игра во салата „Автокоманда“.