Вести

Продолжи победничката низа на РК Алкалоид

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 30-24 (15-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Контролор: Камер Металари
РК АЛКАЛОИД: Галевски 1 (17 одб), Џонов 2, Младеновиќ 2, Маркоски, Серафимов 6, Стојчевиќ, Стојковиќ 1, М. Митев 5, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Омерагиќ, Трајкоски, Бинго 6, Петковски 1, Д. Митев, Савревски 2
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.
ГРК ОХРИД: Бркиќ, Ѓорѓески, Ојлески, Андоноски, Стоилевски, Дрогришки 1, Шипинкоски, Д. Андоноски 1, Тасески 3, Сафранко 2, Кукоски, Крстевски 2, Шешиќ, Орјоникидѕе 6, Бојаниќ 6, Цирар 3
Седмерци: 2/3 Исклучуваеа: 8 мин.

РК Алкалоид ја оправда улогата на фаворит и ја запиша деветтата победа од исто толку одиграни натпревари во првата фаза од Суперлигата.
Вечерва во „Автокоманда“ се играше дерби меч, а гостин беше екипата на ГРК Охрид, еден од најсилните екипи во домашниот шампионат.
РК Алкалоид ја преземе контролата врз играта кратко по почетокот на натпреварот откако по 3-4, премина во водство од 6-4 и не го испушти до крајот на натпреварот.

Голманот Иван Галевски беше јунак на денешниот натпревар. Младиот, 19 годишен чувар на мрежата доби шанса пред Благојче Трајкоски и запиша зад своето име еден постигнат гол и 17 успешни интервенции.
Во напаѓачката формација, Арно Бинго успешно ја користеше својата брзина и луцидност и постигна неколку ефектни погодоци и то во важни моменти.

Резултатот по водството од 6-4 го зголемивме на 10-7, а тие три гола разлика беа актуелни и на полувремето (15-12).

Во вториот дел во воведните минути се играше гол за гол, а потоа РК Алкалоид подобро се снајде, ја зголеми разликата на четири гола (24-20), потоа беше и 27-21 за натпреварот да заврши со победа од 30-24.

Од понеделник, дел од ракометарите на РК Алкалоид ќе ги сменат клупските со репрезентативните обврски, а наредниот првенствен меч е во втората недела на ноември кога ќе гостуваме во Битола кај Е. Пелистер 2.

Вести

РК Мулти Есенс не успеа да го изненади фаворитот

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК Е. ПЕЛИСТЕР 26-36 (13-17)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески. Контролор: Ацо Николовски
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ермоноски, Димевски 5, Костовски, Илиески 3, Петковски, Д. Узунчев 2, Трајчев, Омерагиќ 2, Иваноски, Василевски, Тодески, Т. Узунчев 5, Димовски 4, Јорданов, Карасманакис 5
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 8 мин.
РК Е. ПЕЛИСТЕР: Гедбан, Кизиќ, Цехте 2, Кузманоски 2, Тајник, Борзаш, Танкоски 2, Костески 6, Нилсен 2, Вилсон, Петровиќ 11, Петар Атанасијевиќ 1, Ѓорговски 3, Пешевски 2, Павле Атанасијевиќ 4, Стевановиќ 1
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 6 мин.

Еден од фаворитите во групата, екипата на РК Е. Пелистер денеска беше поуспешна од РК Мулти Есенс и со победа од 36-26 ги освои бодовите од првенствениот дуел што се играше во „Автокоманда“.
Нашиот млад тим послабо го отвори натпреварот и мошне брзо се најде во резултатска негатива (1-4, 3-9), по што се играше резултатски израмнето, а до крајот на полувремето РК Мулти Есенс успеа да намали два гола од негативата и на пауза се замина со резултат 13-17.


Во сличен ритам се одигра и второто полувреме. Гостинскиот состав стигна до двоцифрена разлика и околу таа бројка се водеше битката до крајот на натпреварот. Конечно, средбата заврши со резултат 26-36.
Давид Димевски, Тодор Узунчев и Валентин Карасманакис со по пет постигнати гола беа најефикасните играчи во нашиот тим.

​Сега следи репрезентативната пауза, а во следното коло што ќе се игра во втората недела од ноември РК Мулти Есенс ќе гостува кај тимот на РК Бутел Скопје.

Вести

ИСТОРИСКИ ЕВРОПСКИ БОД ЗА РК АЛКАЛОИД!

ЛОГРОЊО ЛА РИОХА – РК АЛКАЛОИД 29-29 (18-15)

Спортска сала „Ла Риоха“ во Логроњо, Шпанија. Судии: Иварс Чернавскис и Едмундс Богдановс од Летонија. Делегат: Марко Бранди од Италија

ЛОГРОЊО ЛА РИОХА: Солер 2, Пресиадо 7, Фернандез 4, Понсиано, Заја 3, Туа 2, Уриос 3, Ортиз, Паласич, Д. Кадарсо 4, Паломино 3, Е. Кадарсо 1, Абделмоталеб
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 4 мин.

АЛКАЛОИД: Ромеро, Трајкоски, Џонов 6, Маркоски 2 Младеновиќ, Серафимов 3, Стојчевиќ, Стојковиќ 2, М. Митев 2, Ѓоргиев, Велковски 4, Омерагиќ, Бинго 7, Петковски 3, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид натпреварот го почна помалку во грч, со промашени шутеви и технички грешки по кои домашниот состав успеа да воспостави контрола и да поведе со 4-1. Арно Бинго беше голгетерски расположен и додека да одмине првата криза го одржуваше тимот во игра. Потоа се ослободи Алкалоид од грчот, почнаа да погодуваат и други ракометари и по 14 минути игра беше 7-7.

Но, имаше висок процент на реализација домашниот тим и успеваше да ја задржи предноста, иако Алкалоид секогаш беше блиску, само на чекор заостанување. Но, кога и да бевме во позиција да израмниме ќе се случеше техничка грешка или голманска одбрана и Ла Риоха остана во водство до крајот на полувремето, а со последниот гол успеа да го врати највисокото водство од три гола (18-15).

На стартот на второто полувреме меѓу стативите во ритам влезе Благојче Трајковски. Благодарение на нашиот голман РК Алкалоид влезе и во гол-серија и со пет погодока го сврте мечот од 20-16, на 20-21. Оттогаш, дуелот во Шпанија беше вистинска игра на нерви. РК Алкалоид во повеќе наврати имаше шанса да избега на плус два, но неискуството го плати скапо, со нереализирани напади.

Ла Риоха тоа го казни со позитива од 27-25 на седум минути до крајот, но Трајковски пак влезе во елемент, фати два зицери на противникот и со шестиот гол на Џонов се влезе во неизвесна завршница (28-28). Во последната акција на мечот, крилото Петковски погоди за реми и прв историски бод на нашиот тим.

Изјави по натпреварот:

АРНО БИНГО: „Не е лесно за младите играчи во нашиот тим да играат против екипи кои имаат многу побогато искуство и многу учества во Европа. Затоа, мислам дека ова е добар резултат за клубот. Но, од друга страна, знам и дека можеме многу повеќе“

ИВАН ЏОНОВ: „Нерешениот резултат е добар, но имавме добра шанса да ги освоиме двата бода. Ни падна концентрацијата. Имавме во еден период неколку нереализирани напади во серија. И тие грешеа и промашуваа, но ако ги искористевме нашите шанси, ќе можевме до победа. Задоволни сме со нерешениот резултат, но нема да застанеме на ова. На секој следен натпревар ќе одиме со амбиција да победиме“

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС БЕЗ БОДОВИ ОД ДУЕЛОТ ДУЕЛОТ СО ГОЛДЕН АРТ

РК ГОЛДЕН АРТ – РК МУЛТИ ЕСЕНС 30-21 (15-10)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегат: Душко Камишевски
РК ГОЛДЕН АРТ: Даскаловски, Трајковски 4, Ончев 1, Глигоров, Даев 4, Стаменковиќ, Шилегов 5, Јанковски 5, Гошевски 4, Стојаноски, Миланов, Лешникоски, Милошески 5, Дрпљанин, Бардакоски, Гајиќ 1
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, ДИмевски, Костовски, Илиески 5, Петковски, Д. узунчев, Петрески, Трајчев, Омерагиќ 2, Василевски, Тодески, Т. Узунчев, Димовски 1, Трајковски, Јорданов 5, Карасманакис 5
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 4 мин.

Екипата на РК Мулти Есенс не успеа да му се реваншира на тимот на РК Голден Арт. Нашите млади ракометари попладнево се вратија без бодови од „Јане Сандански“ каде што се сретнаа со новиот скопски ривал.
Средбата заврши со резултат 30-21, а РК Мулти Есенс беше резултатски рамноправен во поголемиот дел од првото полувреме, но од резултат 9-8, домашните направија серија од 6-2 за водство од 15-10 на полувреме.
Во вториот дел се играше по слично сценарио, а на крајот домашните запишаа победа од 30-21 и ги освоија бодовите.

Вести

Нова убедлива победа на РК Алкалоид

РК АЛКАЛОИД – РК СКОПЈЕ 2020 38-25 (21-10)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Иво Георгиевски и Игор Наумовски. Делегат: Марјан Огњановски
РК АЛКАЛОИД: Ромеро, Џонов 3, Младеновиќ 1, Серафимов 1, Стојчевиќ 3, Стојковиќ 6, М. Митев, Ѓоргиев 5, Галевски, Велковски, Омерагиќ 2, Бинго, Кофилоски 2, Петковски 6, Д. Митев 3, Савревски 6
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 10 мин.

РК СКОПЈЕ 2020: Стојкоски, Фидановски, Мишевски, Чакалиќ 1, Тркалевски, Јакимовски 1, Шокоски 9, Митиќ 8, Ристовски, Стојкоски, Фичороски 3, Грујовски, Стојановски 1, Киселовски 1, Рангелов, Стојановски
Седмерци: 3/6 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид по втор пат сезоната го совлада тимот на РК Скопје и одново се одвои сам на врвот на табелата во групата „А“.
Како увертира на првото официјално европско гостување закажано за во вторник, РК Алкалоид вечерва играше со комбиниран состав во кој шанса да се покажат добија повеќе играчи, а со по шест постигнати голови се издвоија Марко Стојковиќ, Давид Савревски и Александар Петковски.

РК Алкалоид водеше во текот на целиот меч. Израмнето беше во почетната фаза од натпреварот, 3-2, 5-4, 8-6… а потоа разликата со серија од 4-0 се зголеми од 9-7 до 13-7, потоа до крајот полувремето комплетно доминираше РК Алкалоид и на одмор замина со 11 голови предност (21-10).

Во вториот дел беше порелаксирано, а предноста на РК Алкалоид се искачи на максимално 15 гола разлика во неколку наврати, за конечно, мечот да заврши со победа од 38-25.

Вести

РК Алкалоид е пред првиот меѓународен меч на гостински терен

РК Алкалоид е пред својот втор меч од EHF Европската лига, воедно прв официјален меч што ќе го играме на гостински терен.
РК Алкалоид во вторник (24.10.2023) ќе се сретне со екипата на Логроњо Ла Риоха, клуб што ја претставува Шпанија во ЕХФ Европската лига. Натпреварот ќе се игра во Спортската сала во Логроњо која има капацитет од околу 4000 гледачи, со почеток од 20:45 часот. Во Македонија ќе биде пренесуван на МРТВ 3.

Првиот гостински натпревар во ЕХФ Европската лига е голем предизвик за нашиот клуб и нашите ракометари. Ќе играме на терен на реномиран ракометен колектив кој годинава го прослави својот 20 роденден.
Логроњо Ла Риоха од 2006 година е дел од најсилната шпанска лига – АСОБАЛ. Нивните најголеми успеси се три вицешампионски титули во АСОБАЛ и две трети места. Четирипати имаат учествувано во Лигата на шампионите и уште седум други учества во вториот по квалитет Европски Куп.
Дресот на овој клуб низ годините го носеле познати шпански ракометари и интернационалци како Алекс Душебаев, Рубен Гарабаја, Хуанин Гарсија, Рафаел Капоте …

Реномето на нашиот следен противник е мотив плус за нашите ракометари да пружат максимум на теренот во обид да ги освојат првите европски бодови. Презентирањето на македонскиот ракомет надвор од границите е обврска што сериозно ја сфаќаме и клубот ќе настојува на секое поле да се подобрува.

РК Алкалоид во Шпанија ќе отпатува во понеделник и предвидено е да одржи тренинг во салата во Логроњо уште истата вечер.