Вести

РК Војводина е новиот гостински предизвик на РК Алкалоид

Се ближи и крајот на првата европска сезона на РК Алкалоид во која нашиот клуб е македонскиот претставник во групната фаза на EHF Европската лига.
Пред РК Алкалоид има само уште два европски предизвика. Во вторник во Нови Сад, нашиот тим ќе се сретне со екипата на РК Војводина, а седум дена подоцна на затворањето на групната фаза и воопшто на есенскиот дел од европската клупска сезона, во Скопје ќе играме против шпанскиот тим Логроњо Ла Риоха.

Последното европско гостување на РК Алкалоид е во Србија. Нови Сад и нивната позната „Слана бара“ ќе го пречекаат нашиот тим.
Улогата на фаворит, но и резултатскиот притисок се на страната на домашниот клуб. Војводина мора да освои минимум бод од дуелот со РК Алкалоид за да го верификува пласманот во групната фаза. Во спротивно, разврската ќе биде префрлена во последното коло.

Нашиот тим, пак, нема резултатски притисок, освен тој што го носи реномето на клубот и желбата да се направи подобра промоција пред новосадската и генерално пред целата ракометна публика. Тоа е убав предуслов да се одигра послободно и да се остави посилен впечаток. Секој евентуален резултатски успех било тоа да е освоен бод или победа, ќе биде голем плус за зголемување на самодовербата и уште еден елемент плус вграден во системот што трпеливо и макотрпно се гради во „Автокоманда“.

Натпреварот ќе се игра во вторник со почеток од 18:45 часот, а директно ќе биде пренесуван на МТВ-3 и на ТВ Арена Спорт.

Вести

Митев: Добиваме искуство, ќе бидеме похрабри и подобри

РК Алкалоид го одигра и четвртиот меч од EHF Европската лига. Гостувавме кај првиот фаворит во групата данскиот Бјерингбро – Силкеборг, а иако рековалесцент, нашиот централен бек Марко Митев одигра одлична партија и беше најдобриот стрелец со девет погодоци од девет шутеви.

„Овој натпревар за мене, а верувам и за сите мои соиграчи е од огромно значење за тоа што нѐ чека понатаму. Сметам дека иако не го добивме овој натпревар, добивме многу на искуство и сметам дека понатаму ќе бидеме и подобри и сѐ похрабро ќе влегуваме на вакви големи и значајни натпревари.
Секоја чест за противничката екипа. И на возвратниот меч се покажа и докажа дека искуството на европската сцена значи многу, а играчите на Силкеборг го имаат многу повеќе од нас.
Овие натпревари ги гледам како можност за мене и моите соиграчи да напредуваме, да го градиме и усовршуваме нашиот стил на игра“, изјави Марко Митев.

Вести

РК Алкалоид не успеа да изненади во Данска

БЈЕРИНГБРО СИЛКЕБОРГ – РК АЛКАЛОИД 35-31 (17-16)
Јуск Арена во Силкеборг. Судии: Јап Кломпер и Коен Стубе од Холандија. Делегат: Кристијан Халдорсон
БЈЕРИНГБРО СИЛКЕБОРГ: Ловквист (17 одб 1 сед) Халбек 6, Илсо, Болдсен 6, Орис 6, Лауге, Лингард 1, Фриден 4, Тофт Хансен, Богојевиќ 4, Балинг 4, Вибе, Бјеринг, Солстад 4, Кнудсен, Санд
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 6 мин.
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски (5 одб), Галевски (4 одб), Џонов 4, Маркоски 1, Серафимов 4, Стојчевиќ, Стојковиќ 3, М. Митев 9, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Омерагиќ, Бинго 4, Кофилоски, Д. Митев, Савревски 2
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид го одигра и својот четврти натпревар во EHF Европската лига. Вечерва како гостин во Силкеборг, нашиот тим одигра меч во кој рамноправно се надигруваше со данскиот состав, на нивни терен, но имаше и еден лош период на почетокот на вториот дел по кој натпреварот доби тек каков што му одговараше на противникот кој на крајот и ги освои бодовите со резултат 35-31.

Домашниот состав на крилјата на голманот кој имаше 10 успешни интервенции во воведните 15 минути, ја казни серијата на промашувања на нашиот тим на почетокот на натпреварот и поведе со 7-3.


Но, се вративме во игра со трпелива игра во одбраната и постојано притискање со транзиција кон нивата дефанзивна линија.
Намали на 8-9 нашиот состав, потоа успеа да стигне и до израмнување од 13-13, 15-15, 16-16, а на одмор се замина со резултат 17-16 за домаќините.

Почетокот на второто полувреме беше фатален за нашиот состав и му даде поинаков тек на натпреварот. Слаба реализација комбинирана со технички грешки во првите осум минути во кои не постигнавме погодок, а примивме пет го одведоа Силкеборг до водство од шест гола разлика (22-16).


Потоа следеше долгиот период на враќање во игра.
Покажа карактер нашиот тим, не се помири со негативата и постојано притискаше. Стигнавме на негатива од три гола разлика со шанса средбата да стана подраматична, но домашните успеаја играјќи „7 на 6“ во еден период да го запрат нивниот пад во нападот и да се одржат во игра додека да истече времето.

Вести

Секунди го делеа РК Мулти Есенс од бод против Т. Пролет

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ПРОЛЕТ 62 31-32 (17-16)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Контролор: Игор Огненов
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 6, Костовски, Илиески 5, Д. Узунчев 3, Петрески, Трајчев, Трајковски, Василевски, Т. Узунчев, Димовски 7, Јорданов 6, Карасманакис 3
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 8 мин.
РК ПРОЛЕТ 62: Петковски, Јовановски, Крстески, Пецаковски, Василевски 3, Кочаров, Димов, Андоноски 5, Мајнов 6, Димковски 1, Стојановски 1, Јачев, Михаљевиќ, Палевски 5, Арсеновски 8
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.

РК Пролет беше посреќниот тим вечерва во Автокоманда и успеа со звукот на сирената да ги освои трите бода од дуелот со РК Мулти Есенс.
Гостинскиот состав важеше за фаворит, но нашиот млад тим одигра одличен натпревар и не само што не беше во подредена улога, туку во финишот на мечот имаше и водство и реална шанса да освои не само бод, туку комплетните три.

Гостите водеа во првиот дел, имаа стартни 5-2, но РК Мулти Есенс израмни на 8-8 потоа го презема водството и на полувреме имаше гол предност (17-16).
Во вториот дел гостите одново имаа гол до два предност, но постојано беше блиску и притискаше нашиот тим.


Конечно, по резултат 25-25, во водство премина РК Мулти Есенс. Имавме водство од 27-26, 29-28, а потоа во финишот РК Мулти Есенс напаѓаше за израмнување.
По последните 10 секунди, со гол од цепелин РК Мулти Есенс израмни на 31-31, но напаѓаше без голман поради исклучен играч.
Замената не се изврши доволно брзо за голманот да стигне во својот простор и РК Пролет со шут од центарот на игралиштето на празна мрежа успеа да погоди и победи.

Вести

Во Силкеборг со посилен мотив и поголема борбеност

Сезоната во EHF Европската лига влегува во втората половина од групната фаза. По три одиграни натпревари, РК Алкалоид има освоено еден бод, а натпреварувањето ќе го продолжи веќе во вторник, со нов натпревар со данскиот претставник Бјерингбро – Силкеборг.

Дуелот со првиот фаворит во групата ќе биде нова шанса за нашиот тим да ја почувствува жештината на гостинскиот терен во Европа и да ги одмери уште еднаш силите со скандинавски состав. Дуелите со екипите што играат ваков тип на ракомет се драгоцено искуство што се надеваме ќе ја подобри и нашата игра и ќе донесе бенефит во следните натпревари.

„Бјерингбро – Силкеборг покажа дека е фаворит број еден во нашата група и во моментов е најквалитетен тим. Ние ќе одиме во Данска да се надигруваме. Тој меч треба да ни послужи за собирање на ново искуство што треба да го искористиме за тоа што нѐ очекува во иднина. Се надевам дека ќе имаме подобра реализација и во реваншот ќе покажеме поголема борбеност и поголема мотивираност“, изјави тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров.

Голманот Благојче Трајковски и оваа сезона игра важна улога и ја дава потребната сигурност на одбраната. Неговото искуство е важно за младите ракометари во составот, а средбата со данскиот претставник и тој ја гледа како можност екипата да порасне.

„На првиот натпревар со Бјерингбро – Силкеборг имавме многу добри моменти, ама исто така и имавме и многу лоши во текот на натпреварот. Промашените пенали и зицери во Европа не чинат пораз еве веќе втор натпревар. На дуелот со Силкеборг ја почувствуваме силата на данскиот ракомет, а за нашите млади играчи е од непроценливо значење тоа искуство. Деновиве ни останува да продолжиме да ги анализираме Данците, да ги увидиме нашите грешки и да ги поправиме за на дуелот во Данска да го дадеме максимумот“, изјави голманот Благојче Трајкоски.

Натпреварот во вторник ќе се игра во Јуск Арената во Силкеборг. Почетокот на мечот е закажан за 20:45 часот, а директен ТВ пренос ќе има на МТВ 3.

Вести

Единаесетта победа по ред на РК Алкалоид

РК АЛКАЛОИД – РК АЕРОДРОМ 42-28 (19-18)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегат: Владимир Саздовски
РК АЛКАЛОИД: Галевски 3, Трајкоски, Џонов 2, Младеновиќ 4, Серафимов 4, Стојчевиќ, Стојковиќ 2, Ѓоргиев 1, Омерагиќ 1, Бинго, Кофилоски 9, Петковски 4, Д. Митев 3, Савревски 9
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 4 мин.
РК АЕРОДРОМ: Богдановски, Пајкоски 3, Бучуковски 1, Мелоски 6, Митревски 4, Костов 3, Марковиќ, Павличковски, Олтовски 2, Стојановски 2, Трифуноски 2, Трајчевски, Василев, Анакиевски 3, Анѓелковски 2, Грујевски
Седмерци: 2/5 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид меѓу двата европски натпревари со данскиот Бјерингбро – Силкеборг го одигра и својот натпревар од 11 коло во македонската Суперлига.
Гостин во салата Автокоманда беше екипата на РК Аеродром, а средбата заврши со победа на нашиот тим од 42-28.

Во првиот дел се играше резултатски израмнето, при што РК Алкалоид ја контролираше ситуацијата на теренот и имаше водство кое се движеше меѓу гол и два гола разлика.
На полувреме резултатот беше 19-18, а во вториот дел РК Алкалоид посериозно си ја сфати задачата и од резултат 21-20 со серија од 7-0 стигна до водство од 28-20 и потоа до крајот рутински ја одработи средбата.

Тренерот Кирил Лазаров штедеше дел ракометарите, а најдобри стрелци вечерва беа Давид Савревски и Дарио Кофилоски. Двајцата постигнаа по девет гола.
Голманот Иван Галевски и овој пат беше одличен на голот, а успеа да постигне и три погодоци.