Вести

РК Алкалоид без домашни бодови од Европската лига

РК АЛКАЛОИД – БЈEРИНГБРО СИЛКЕБОРГ 23-31 (12-16)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Давор Лончар и Зоран Лончар од Хрватска. Делегат: Јан Рудински од Словачка
РК АЛКАЛОИД: Ромеро, Трајкоски, Џонов 7, Маркоски, Младеновиќ 2, Серафимов 5, Стојчевиќ, Стојковиќ 3, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Омерагиќ 1, Бинго 1, Кофилоски, Петковски, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 3/8 Исклучувања: 4 мин.
БЈЕРИНГБРО – СИЛКЕБОРГ: Ловквист, Халбек 9, Илсо, Болдсен 4, Орис, Лауге 2, Лингард 2, Фриден, Богојевиќ, Тофт Хансен, П. Кристенсен 7, М. Кристенсен, Бјеринг 2, Солстад, Санд 2
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид не успеа во третото коло да стигне до бодови од дуелот со првиот фаворит во групата, данскиот Бјерингбро-Силкеборг. Гостите побрзо се прилагодија и подобро се снајдоа на натпреварот и успеаја да ги однесат бодовите.

Поискусниот гостински состав ја оправда улогата на фаворити, но и РК Алкалоид пружи квалитетен отпор и се бореше во текот на целиот меч. Имаше шанси низ натпреварот да направи и подобар резултат, но неискористените можности, промашените шутеви, посебно ударите од седум метри на крајот беа пресудни.

РК Алкалоид добро го отвори натпреварот и по нецели три минути водеше со 3-0. Но, данскиот клуб покажа дека се работи за квалитетен состав. Брзо се адаптираа на играта и по осум минути израмнија на 4-4.


Во продолжението, гостите ја одржуваа разликата, но РК Алкалоид имаше неколку убави можности да му даде поинаков тек на натпреварот. За жал, нашиот млад тим иако успеваше да организира ситуации за гол, пропушти неколку шанси, не реализираше и удари од седум метри и Данците ја преземаа резултатската контрола.
Разликата во корист на гостинскиот состав се зголеми во финишот на полувремето и на одмор се замина со резултат 12-16.
Во вториот дел се играше во истиот ритам, со тоа што гостите имаа голема поддршка и од голманот кој одбрани важни шутеви и тоа придонесе да се одлепат на шест до седум гола разлика.
РК Алкалоид во последните десет минути имаше неколку можности да се врати во игра и да намали на минус три гола од каде што можеше и поинаку да се развива натпреварот.
Но, повторно не ги искористи своите шанси, противникот тоа го казни и на крајот славеше победа од 31-23.

Вести

РК Алкалоид пред прв скандинавски предизвик

​РК Алкалоид е пред својот трет меѓународен натпревар, втор на домашен терен во својата дебитантска сезона во EHF Европската лига.
За прв пат нашиот тим за противник ќе има екипа од скандинавскиот полуостров, ќе играме против Бјерингбро – Силкеборг, претставник на актуелниот трикратен светски шампион, Данска.
Тоа е состав што својот висок углед го има заработено со долгогодишни квалитетни настапи и во домашниот шампионат и ширум терените низ Европа. Бил дом на многу ракометни ѕвезди во минатото, а не е исклучок и актуелнава сезона во која по звучност од нивните редови се издвојуваат Расмус Лауге, Рене Тофт Хансен, Јохан Сјостранд…

РК Алкалоид денеска организираше средба со македонските медиуми на која говореа тренерот на екипата Кирил Лазаров и ракометарот Иван Џонов.

„Самото име на противникот и државата од која доаѓа доволно говори за неговиот квалитет. Ќе играме против данска екипа која со години наназад преку својата лига обезбедува излез во Европа. Инвестициите што ги направија летово со ангажманот на Расмус Лауге од Веспрем, еден од најдобрите дански ракометни минативе години заедно со Микел Хансен, кажуваат дека утре ќе имаме сериозен ривал.
Ние треба да бидеме на високо ниво за да можеме да парираме. Се движиме во вистински правец, првиот натпревар го одиграме малку во грч, што беше очекувано. На вториот меч во Шпанија одигравме поквалитетно. Се надевам дека тој раст ќе продолжи и на утрешниот трет меч. Тоа е меч во кој треба да се опуштиме и без притисок да одиграме најдобро што знаеме.
Нашата публика ќе има можност да види квалитетен натпревар меѓу две екипи кои играат модерен ракомет. Очекувам тврд, силен натпревар, а фаворитската улога им ја препуштаме на гостите. Тоа е реалноста, тие самите најавија дека се фаворити. Но, ние ќе гледаме да се поставиме добро и ако ни се укаже шанса да го искористиме моментот и да стигнеме до позитивен резултат“, изјави Кирил Лазаров.

Иван Џонов, ракометар кој сезонава е во подем, од свој агол го најави следниот меч:
„Силкеборг е екипа составена од млади играчи, надополнета со неколку ѕвезди во тимот како Расмус Лауге и Рене Тофт Хансен. Тие се типична скандинавска екипа која игра брз ракомет со добра транзиција. Ние мораме да бидеме дисциплинирани во нападот, да ги лимитираме грешките и со тоа да ја неутрализираме нивната транзиција.
Добро сме тактички подготвени, ако го испочитуваме договореното и одиграме најдобро што знаеме, верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Ќе ни биде потребна и поддршка од нашите верни навивачи и би сакал да ги поканам во што поголем број да дојдат утре и да го проследат овој квалитетен натпревар“, вели Џонов.

Натпреварот почнува во 18:45 часот, а ќе се игра во Спортскиот центар „Јане Сандански“. Билети може да набавите на следниот линк: https://mktickets.mk/event/alkasilk/
Програмата за натпреварот можете да ја видите на следниов линк:

Програма на натпреварот РК Алкалоид – Бјерингбро Силкеборг

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС ЗАГУБИ ОД РК БУТЕЛ СКОПЈЕ

РК БУТЕЛ СКОПЈЕ – РК МУЛТИ ЕСЕНС 31-23 (16-10)

Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Ѓоко Колевски и Сашо Кркачев. Контролор: Марјан Начевски
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажевски, Андревски 1, Пејковски 2, Стојановск 2, Ѓеоргиевски 2, Николов 4, Крстевски 1, Иваниќ 5, Стојаноски, Спасовски 6, Георгиев, Јефтиќ 5, Василевски, Михајловиќ 2, Цветковски, Давитковски 1
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.

РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ермоноски, Димевски 2, Костовски 1, Илиески 5, Д. Узунчев 2, Петрески 1, Трајчев, Трајковски, Василевски 1, Тодески, Т. Узунчев 3, Димовски 1, Трајковски, Јорданов 5, Карасманакис 2
Седмерци: 2/2 Исклучувања: /

РК Мулти Есенс не успеа да направи подвиг против поискусната и повозрасната екипа на РК Бутел Скопје во 10. коло од машката Суперлига.
Вечерва на гостувањето во „Јане Сандански“, младите ракометари на РК Мулти Есенс одигра 23-31 и бодовите останаа за РК Бутел Скопје.

Победникот на натпреварот беше решен кон средината на првиот дел, кога по водството на РК Мулти Есенс од 5-3, домашните влегоа во добар ритам и направија серија од 7-0. Со тоа поведоа со 10-5 и потоа до полувреме ја зголемија разликата за уште еден гол, на па одмор се замина со резултат 16-10.
Во второто полувреме се играше резултатски израмнето со тоа што предноста што ја имаше домашниот состав се движеше во безбедната зона меѓу пет и седум гола разлика (19-14, 22-27, 25-18…).
Во финишот се играше побрзо, со убава транзиција, но и со многу нереализирани шанси од двете страни и мечот заврши 31-23.

Вести

ДЕСЕТТА ПОБЕДА ПО РЕД ЗА РК АЛКАЛОИД


РК Е. ПЕЛИСТЕР 2 – РК АЛКАЛОИД 31-36 (16-22)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски. Контролор: Драган Начевски
РК Е. ПЕЛИСТЕР 2: Штаковски, Маркоски 3, Талевски 4, Ристевски 4, Митревски 7, Мирчески, Младенов, Димовски, Печурица, Трпчевски 4, Калајџиоски, Ивановски 1, Белистојаноски 4, Југовски, Мијушковиќ, Хаџиќ 4
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 10 мин.

РК АЛКАЛОИД: Ромеро, Галевски, Џонов 4, Маркоски 1, Младеновиќ 2, Серафимов 8, Стојковиќ 6, М. Митев, Ѓоргиев 4, Велковски 1, Омерагиќ 1, Бинго 4, Петковски 2, Д. Митев, Савревски 3
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид ја запиша десеттата победа од исто толку одиграни натпревари и остана единствената екипа со максимален ефект во машката Суперлига.
РК Алкалоид денеска гостуваше во Битола, кај екипата на Е. Пелистер 2. Почетокот на мечот беше на страната на нашите ракометари кои поведоа со 3-0 и 5-2, потоа зголемија на 7-3, а по десетина минути имаше постигнато двојно повеќе голови од противникот (8-4).


На полувреме РК Алкалоид водеше со шест гола разлика (22-16).
Ништо особено кога е резултатот во прашање не се промени ниту во второто полувреме. РК Алкалоид водеше и диктираше ритам, а противникот пружаше отпор, но немаше преголем ефект, па на крајот нашиот тим славеше победа од 36-31.
Мартин Серафимов со осум гола беше најефикасниот играч, а шест погодоци постигна пивотот Марко Стојковиќ.

Вести

Акредитации за натпреварот РК Алкалоид – Бјерингбро – Силкеборг

Почитувани медиуми,

Отворен е процесот за акредитирање на медиумите и на медиумските работници за натпреварот од третото коло во групата Ф на Европската лига на EHF меѓу екипите на РК Алкалоид и на Бјерингбро-Силкеборг од Данска, кој ќе се игра на 14 ноември (вторник) од 18:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје.

Новинарите од печатените медиуми и од порталите, како и фотографите, своите побарувања за акредитации треба да ги испратат на следнава адреса: [email protected] најдоцна до недела (12.11.2023)

Тeлевизиите, веб-телевизиите, поткастите и радијата/веб-радијата мора да аплицираат директно во EHF за добивање акредитација за следење на натпреварот. Барањата за акредитации треба се реализираат преку онлајн-платформата за акредитирање на EHF: https://accreditation.ehf.eu.

Акредитациите ќе бидат поделени на прес-конференцијата за најава на мечот на 13.11.2023 г., за која ќе бидете навремено информирани.

Вести

Продажба на билети за РК Алкалоид – Бјерингбро-Силкеборг

Почна продажбата на билети за натпреварот РК Алкалоид – Бјерингбро-Силкеборг кој ќе се игра во рамките на третото коло од Европската лига на EHF на 14.11.2023 (вторник) со почеток од 18:45 ч.

Продажбата на билети за натпреварот меѓу РК Алкалоид и Бјерингбро- Силкеборг ќе биде преку продажната мрежа на MKTickets
https://mktickets.mk/event/alkasilk/

Цената на влезниците за дуелот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје изнесува 100 и 150 денари. Блоковите 1, 2, 9 и 10 се по цена од 100 денари, додека, пак, билетите за блоковите 3, 4, 7, 8, 11, 12, 13, 14, 15 и 16 чинат 150 денари.