Вести

Прва европска победа за РК Алкалоид!

РК АЛКАЛОИД – БМ ЛОГРОЊО ЛА РИОХА 28-27 (15-13)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Јакуб Јерлецки и Мацеј Лабун од Полска. Делегат: Владимир Јовиќ од БиХ
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски (17 одб), Џонов 5, Маркоски 2, Младеновиќ, Стојчевиќ, Стојковиќ 3, М. Митев 10, Ѓоргиев, Велковски 4, Омерагиќ, Бинго 2, Кофилоски, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 0/3 Исклучувања: 12 мин.
БМ ЛОГРОЊО ЛА РИОХА: Паласиц (17 одб), Абделмоталеб, Солер 3, Пресиадо 1, Фернандез, Моди 1, Алвес 6, Заја 8, Туа 2, Уриос 1, Ортиз, Д. Кадарсо 1, Паломино, Е. Кадарсо 4
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 14 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата прва победа во Европа во клупската историја! Вечерва во Скопје, нашиот тим ја совлада екипата на Логроњо Ла Риоха од Шпанија (28-27) и ја заокружи деби сезоната на посакуваниот начин.
РК Алкалоид настапи без неколку играчи, отсутни поради повреди, но успеа да го одржи нивото на игра доволно високо и да ја исполни зацртаната цел.
Поведовме 2-0, но потоа гостинскиот состав ја презема контролата и поведе со 10-5. Нашиот тим покажа карактер, не подлегна на тој притисок и со голема поддршка од голманот Иван Галевски почна да се враќа во игра.


Во 24 минута израмнивме 12-12, на полувреме заминавме со водство од 15-13.
Во вториот дел нашиот тим поведе со 18-14, но и Шпанците покажаа карактер, влегоа во серија, израмнија на 18-18 и потоа почна игра на нерви, игра гол за гол.

По многу борба и вложена енергија и емоции, во финишот на натпреварот нашиот тим успеа да направи пресврт и да поведе. Во последната минута и со два гола разлика, но драматичен беше финишот.
Гостите намалија на 27-28, а потоа откако нашиот тим направи техничка грешка имаа шанса и за израмнување. Но, нашата одбрана беше на потребното ниво и го одбранивме најважниот напад и ги освоивме првите комплетни бодови.
Марко Митев со 10 постигнати гола и Иван Галевски со 17 одбрани беа најистакнатите индивидуалци на денешниот натпревар.

Вести

Продажба на билети за РК Алкалоид – РК Логроњо Ла Риоха

Почна продажбата на билети за натпреварот РК Алкалоид – РК Логроњо Ла Риоха кој ќе се игра во рамките на шестото коло од Европската лига на EHF на 05.12.2023 (вторник) со почеток од 18:45 ч.

Продажбата на билети за натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Логроњо Ла Риоха од Шпанија ќе се одвива преку продажната мрежа на MKTickets:
https://mktickets.mk/event/alklar/

Цената на влезниците за дуелот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје изнесува 100 и 150 денари. Блоковите 1, 2, 9 и 10 се по цена од 100 денари, додека, пак, билетите за блоковите 3, 4, 7, 8, 11, 12, 15 и 16 чинат 150 денари.

Вести

Последен европски меч за РК Алкалоид сезонава

РК Алкалоид во вторник со дуелот со шпанскиот тим Логроњо Ла Риоха ќе ја заокружи својата прва сезона на европската сцена во која ја претставуваше Македонија во групната фаза на ЕХФ Европската лига.

Дуелот со шпанскиот тим ќе биде шестиот меч за РК Алкалоид сезонава. Освоивме еден бод, на гостински терен и тоа токму против противникот со кој во вторник одново ќе ги одмериме силите.
БМ Логроњо Ла Риоха е сериозна екипа која со години по ред ја претставува Шпанија на европската сцена. Земја која е една од најсилните во Европа и редовен освојувач на медали на големата сцена.
Оваа екипа ја подигна својата форма од нашата последна пресметка и од тој момент има запишано пет победи од кои четири се во шпанскиот шампионат и еден гостински над РК Војводина во Нови Сад. Двата пораза им се на домашен терен од РК Војводина и во последното коло, минимален пораз од Бјерингбро Силкеборг.
Овие резултати покажуваат не само дека ја подобриле својата форма, туку и дека подобро играат на гостински терен што ги прави дополнително опасни за следниот натпревар.

РК Алкалоид својот најдобар натпревар го одигра против Ла Риоха, го освои и првиот европски бод, но екипата е мотивирана и посакува и прва победа на европската сцена за крај на дебитантската сезона во ЕХФ Европската лига.

ПРОГРАМА ЗА НАТПРЕВАРОТ РК АЛКАЛОИД – БМ ЛОГРОЊО ЛА РИОХА

Натпреварот ќе се игра во вторник во салата „Јане Сандански“ во Скопје со почеток од 18:45 часот. Судиската двојка Јакуб Јерлецки и Мацеј Лабун доаѓа од Полска, а делегатќе биде Владимир Јовиќ од БиХ.
Билети за натпреварот, по цена од 100 и 150 денари ќе можат да се набават преку продажната мрежа на МК Тикетс.

РК Алкалоид – РК Логроњо Ла Риоха – MKTickets : MKTickets

Вести

РК Мулти Есенс ги остави бодовите во „Јане Сандански“

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ВАРДАР 1961 23-40 (11-20)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Иво Георгиевски и Игор Наумовски. Контролор: Камер Металари
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 5, Костовски 1, Илиески, Т. Узунчев, Петрески, Трајчев, Трајковски, Василевски, Тодески, Д. Узунчев 3, Димовски, Јорданов 6, Карасманакис 8
Седмерци: 1/3 Исклучувања: 4 мин.
РК ВАРДАР 1961: Томовски, Јагуриновски 6, Аларов 1, Георгиевски 3, Карапалески 4, Ансер 2, Лазаревски 7, Срдановиќ 4, Николиќ 5, Петриќ 3, Ѓукиќ 2, Атанасовски, Стојановски 1, Ќосевски, Мишевски 2, Гогов
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 4 мин.

Во возвратниот меч со разменети домаќинства, РК Мулти Есенс вечерва во улога на „домаќин“ беше во салата „Јане Сандански“ на натпреварот со екипата на РК Вардар.
Вардар 1961 беше голем фаворит пред натпреварот и ја оправда улогата и на теренот па ги освои трите бода со победа од 40-23.


РК Мулти Есенс брзо влезе во позиција да брка негатива на оваа средба откако противникот поведе со 4-1, 6-2. Следеше период на порамноправна игра, но разликата иако побавно, постојано се зголемуваше и на крајот на првиот дел резултатот беше 11-20.
Во второто полувреме се играше со сличен ритам до конечниот резултат од 40-23.
Валентин Карасманакис со осум и Олег Јорданов со шест погодоци беа најефикасните играчи во нашиот тим вечерва.