Вести

РК Алкалоид подобар од Нексе на првата контрола


​РК АЛКАЛОИД – РК НЕКСЕ 29-27 (15-11)
Спортски центар во Стара Пазова.
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајковски, Џонов 4, Маркоски 2, Младеновиќ 1, Серафимов, Карасманакис 1, Стојковиќ 3, М. Митев 4, Ѓоргиев 4, Велковски 2, Омерагиќ, Бинго 2, Кофилоски 2, Савревски 5, Димовски
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 8 мин.
РК НЕКСЕ: Кузмановиќ, Цар 1, Радовановиќ, Рачиќ 2, Бакиќ 2, Хромин 4, Вејин 1, Сршен 4, Манци-Мичевиќ 3, Велкаврх, Безјак 2, Штрлек 2, Мославац 2, Цениќ 2, Кохен
Седмерци: 6/8 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид го одигра својот прв контролен натпревар во подготовките за настап во македонскиот суперлигашки Плејоф. Нашиот тим се наоѓа во спортскиот центар во Стара Пазова, а денеска го одигра и првиот контролен натпревар на кој противник ни беше вицепрвакот на Хрватска, екипата на РК Нексе.


РК Алкалоид запиша триумф (29-27) во натпревар во кој резултатски особено во второто полувреме го имаше дуелот под контрола.
Хрватскиот тим за нијанса подобро го отвори мечот и водеше во првата фаза од натпреварот, главно со гол до два разлика (4-2, 5-3). РК Алкалоид израмни на 5-5 и од тој момент се играше гол за гол се до резултат 10-10. По ова Дарио Кофилоски и Марко Митев отворија серија што со два гола ја заврши Иван Џонов, а РК Алкалоид поведе со 15-10.

Полувремето заврши 15-11, а во вториот дел нашиот тим долго време одржуваше водство и разлика што се движеа меѓу пет и шест гола (17-11, 19-13, 21-15).
Во еден период од второто полувреме екипата на РК Нексе успеа да направи серија од 3:0 и да се доближи на 21-23, но веднаш имаше одговор од наша страна. РК Алкалоид поведе со 26-22 и 28-24, па победата не беше доведена во опасност до крајот на натпреварот, во кој РК Нексе успеа да го ублажи поразот и да намали на минус два.

Давид Савревски со пет постигнати гола беше најефикасниот играч во нашите редови, а беше следен од Марко Митев и Игор Ѓоргиев кои постигнаа по четири погодоци.

Утре, екипите на РК Алкалоид и РК Нексе ќе одиграат уште еден пријателски натпревар.

Вести

Силен интензитет и одлична работна атмосфера на подготовките на РК Алкалоид


​РК Алкалоид работи со полн интензитет за предизвиците што го очекуваат во македонскиот суперлигашки Плејоф. Откако го одработи воведниот дел во Скопје, екипата веќе четири дена се подготвува во спортскиот центар во Стара Пазова.


Тренерот Кирил Лазаров на располагање ги има сите играчи на кои ќе смета на почетокот на сезоната која ќе донесе големи предизвици и дуели со најдобрите македонски екипи во битката за највисоките позиции на суперлигашката табела.

„По зимската пауза, добредојдени ни се овие подготовки. Да бидеме заедно, да тренираме со оглед на тоа дека речиси еден месец не бевме заедно. Овде имаме одлични услови и одлична работна атмосфера и ќе ги искористиме максимално деновите за добро да се подготвиме за вториот дел од полусезоната и предизвиците што ни претстојат“, изјави тренерот Кирил Лазаров.
РК Алкалоид во среда и во четврток ќе одигра два контролни натпревари со вицепрвакот на Хрватска, екипата на Нексе од Нашице. Се договара и трет дуел што би се играл во сабота, по што екипата ќе се врати во Скопје и ќе продолжи да се подготвува во Македонија до почетокот на плејоф шампионатот.

Вести

РК Алкалоид ја почна последната фаза од подготовките за Плејоф

Ракометарите на РК Алкалоид се вратија на клупските обврски и тимот ја почна финалната фаза од подготовките пред настапот во суперлигашкиот Плејоф.
Екипата се комплетираше откако на тренинзите се приклучија седумте ракометари кои настапуваа на Европското првенство во Германија и во полн состав со нова енергија тренираше во „Автокоманда“.

РК Алкалоид во последната фаза од подготовките ќе тренира и ќе игра контролни натпревари во познатата спортска база во Стара Пазова. Спортскиот центар е еден од најмодерните на овие простори и ги има сите потребни услови за подготовка.

За време на осумдневниот престој, РК Алкалоид ќе одигра најмалку три контролни натпревари. Во среда и четврток се закажани дуели со вицепрвакот на Хрватска, екипата на Нексе од Нашице. Во сабота, ќе одигра уште еден контролен меч, по што ќе ја заврши и таа етапа од подготвителниот период и екипата ќе се врати во Скопје.