Вести
РК АЛКАЛОИД СЛАВЕНИЧКИ МИНА НИЗ БУТЕЛ
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ – РК АЛКАЛОИД 20-23 (12-12)
Сала: „Антон Димитров“ во Скопје. Гледачи: 200. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Контролор: Драган Начевски.
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажески, Субашевски 3, Андревски, Пејковски 1, Стојановски 1, Ѓеоргиевски 2, Николов 9, Крстевски, Иваниќ, Стојаноски, Спасовски 2, Каевски, Јефтиќ 2, Василевски, Михајловиќ, Давитковски
Седмерци: 4/4. Исклучувања: 12 мин.
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски 1, Џонов, Петров, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 5, Карасманакис 1, М. Митев 5, Ѓоргиев, Галевски, Велковски 4, Бинго 2, Кофилоски, Д. Митев 2, Савревски, Димовски 3.
Седмерци: 2/3. Исклучувања: 8 м.
Двете екипи беа изедначени во поголемиот дел во првото полувреме во кое се водеше голема битка на теренот. Повисоките водства беа во два наврати кога РК Алкалоид имаше плус од два гола, беше 4-6 и 6-8, меѓутоа РК Бутел Скопје влезе во серија и со четири гола во низа го сврти дуелот во своја корист (10-8). До паузата, нашиот тим се врати и израмни на 12-12.
Се играше гол за гол на стартот на вториот дел, а предноста од два гола ја вративме кога беше 14-16, па 15-17 на семафорот во Бутел. Во овие моменти, во периодот од 39. до 47. минута, Мартин Велковски постигна четири гола. Бутел имаше проблем во играта, затоа што црвен картон доби најдобриот стрелец Филип Николов.
На десет минути пред крајот нашата екипа имаше највисока дотогаш позитива од три гола (16-19), а откако противникот се обиде да се врати со груба игра и тактика „седум на шест“ и не успеа да ја пробие нашата зона, следеа три гола на Мартин Серафимов, за 18-22, предност која се задржа до финишот. Солиден на голот во клучните моменти беше и Благојче Трајкоски.
Во следната рунда од плејофот во Суперлигата, РК Алкалоид игра на домашен терен со Еурофарм Пелистер.