Вести

Победа над РК Бутел Скопје на последниот домашен меч

РК АЛКАЛОИД – РК БУТЕЛ СКОПЈЕ 27-21 (11-11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Методија Илиевски и Михајло Илиевски. Контролор: Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајкоски, Џонов 3, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, М. Митев 3, Ѓоргиев, Велковски 3, Симоноски 1, Бинго 2, Д. Митев 6, Савревски, Димовски 3
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 6 мин.
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажевски, Стојаноски, Субашевски 2, Андревски 1, Пејковски, Стојановски 1, Ѓеоргиевски 2, Николов 2, Јаневски, Крстевски 2, Спасовски 1, Каевски, Јефтиќ 7, Михајловиќ 3, Цветковски, Давитковски
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид го совлада РК Бутел Скопје на последниот меч пред домашната публика сезонава и остана во добар ритам по триумфот во Купот, а пред последното гостување во Битола.
Првиот дел во речиси сите елементи потсетуваше на досегашните пресметки меѓу двата клуба. Резултатски израмнето, со многу дуели, пресврти и конечни 11-11 по 30 минути игра.
Вториот дел почна во ист стил, но по шест-седум минути игра, го видовме подоброто лице на РК Алкалоид. Одбраната стана покомпактна, Марко Митев го разигра нападот, транзицијата уште еднаш ја видовме на дело и со серија од 5-0 за кратко време РК Алкалоид го реши победникот од дуелот.
Гостите не можеа да се вратат во ритам по овој блиц криг, па следуваше уште една серија од 4-0 и разликата стана убедлива, за конечно нашиот тим да слави победа од 27-21.

Вести

Напишавме историја: РК Алкалоид е победник на Куп на Македонија!

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 25-23 (10-11)
Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски. Контролори: Ацо Николовски и Камер Металари
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајкоски, Џонов, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис, Стојковиќ, М. Митев 2, Ѓоргиев, Велковски 4, Симоноски 4, Бинго 4, Д. Митев 4, Савревски, Димовски 1
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 4 мин
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Лесјак, Гедбан, Манасков 1, Цехте 3, Кузманоски, Тајник 3, Пјеховски, Борзаш, Танкоски, Радивојевиќ 2, Кузмановски 6, Петар Атанасијевиќ, Ѓорговски, Васиљев, Пешевски 7, Павле Атанасијевиќ
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 8 мин.

Првиот пехар во сениорска конкуренција вечерва доаѓа во витрините на нашиот РК Алкалоид! Нашиот тим е победник на Куп на Македонија! Вечерва во финалето на Фајналфор турнирот, РК Алкалоид го совлада тимот на РК Еурофарм Пелистер по подобро изведување на седмерците и стана нов освојувач на овој престижен пехар.
Подобро го отворивме натпреварот и со серија од 5-0 стигнавме до разлика од плус четири гола (7-3) и напад, но се врати во игра поискусниот противник и натпреварот влезе во резултатска израмнетост која по 30 минути на крајот беше 10-11.

Противникот подобро го отвори второто полувреме и дојде до плус три гола разлика (15-12), но дојде до израз нашиот карактер. Со нова серија од 5-0 преминавме во водство (17-15) и тоа водство го чувавме до крајот на натпреварот.

Во последните 10 минути се водеше драматична битка. Постигнавме гол за водство на 30 секунди до крајот (22-21), но противникот успеа да израмни и се премина на изведување на пеналите.

Нашиот голман Иван Галевски ги одбрани шутевите на Филип Кузмановски и Емилијан Ѓорговски, додека Богдан Радивојевиќ промаши. Кристијан Симоноски, Марко Митев и конечно Иван Џонов погодија за историската победа на нашиот тим.

Вести

РК Алкалоид стана и кадетски шампион на Македонија

Вистинскиот пристап и квалитетот во работата со младинските категории годинава ги поставија нашите млади колективи на пиедесталот во државните шампионати.
Кадетите на РК Алкалоид го комплетираа успехот на пионерите на РК Алкалоид кои се нови државни прваци и на РК Мулти Есенс кои се новите младински прваци.


Денеска на Фајналфор турнирот во кадетска конкуренција, екипата на РК Алкалоид доминантно во полуфиналето ја совлада екипата на РК Струга (26-15), а потоа беше импресивен и во финалето на дуелот со екипата на РК Еурофарм Пелистер 2 и го совлада со 31-22 и станаа кадетски прваци на Македонија.
Претседателот на РФМ Живко Мукаетов, генералниот секретар Филип Милошевски и селекторот на младинската репрезентација Радослав Стојановиќ ги поделија победничките пехари и медалите на екипите учесници.

Вести

РК Алкалоид во финале на Куп на Македонија!

РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961 25-24 (15-13)
Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Контролори: Марјан Начевски и Васил Чавдаров
РК АЛКАЛОИД: Џонов, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 7, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, М. Митев 2, Ѓоргиев 1, Галевски, Велковски 1, Симоноски 4, Трајкоски, Бинго 6, Д. Митев 1, Савревски, Димовски
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 8 мин.
РК ВАРДАР 1961: Томовски, Гогов, Јагуриновски 2, Аларов, Георгиевски 1, Карапалевски, Јасухира 5, Родригез 1, Бакар, Лазаревски 6, Гојковиќ, Срдановиќ 5, Николиќ 1, Мело, Мишевски, Петриќ 3
Седмерци: 4/8 Исклучувања: 8 мин.

Во својот втор настап на Ф4 Куп на Македонија, екипата на РК Алкалоид стигна до своето прво финале. Вечерва нашиот тим го елиминираше составот на Вардар 1961 и во недела во битката за пехарот ќе се сретне со екипата на Е. Пелистер.

​РК Алкалоид одигра одлично прво полувреме проитив РК Вардар 1961 и го доби овој дел со предност од два гола. Покомпактен и посигурен беше нашиот тим во играта во овој период и по воведната четвртина во која противникот диктираше резултатот, стигна израмнувањето (7-7) и од тој момент нашиот тим го контролираше ритамот на играњето.
Во финишот на полувремето имавме плус два гола (14-12) и предноста ја задржавме до полувремето.


Реализаторски лошо отворивме во вториот дел и по четири промашени акции по ред се врати во игра противникот. По 10 минути игра беше 18-18, но се соземаа нашите играчи и ја вратија сигурноста и стабилноста во играта.
Кракот потоа ја вративме и предноста и во одредени делници имавме и предност од три гола (24-21). Но, во финишот, Вардар се врати резултатски во игра и успеа да изнуди и седмерец во последната секунда при резултат 25-24.
Иван Галевски го одбрани шутот на Марко Срдановиќ и го однесе РК Алкалоид во финалето.

Вести

Кадетскиот Ф4 викендов во Автокоманда

РК Мулти Есенс и РК Алкалоид ги освоија државните првенства во младинска и пионерска конкуренција и за да станат апсолутни прваци во младинските категории им недостасува единствено пехарот од кадетската конкуренција.


Фајналфор турнирот за кадетите ќе се игра викендов во „Автокоманда“, а една од четирите екипи што ќе се бори за шампионскиот пехар е и екипата на РК Алкалоид.
Нашиот кадетски состав во полуфиналето ќе игра со екипата на РК Струга, додека другата полуфинална двојка ја сочинуваат екипите на РК Бисинов Фруитленд и РК Еурофарм Пелистер.
Влезот ќе биде бесплатен.

КАДЕТСКИ Ф4 ТУРНИР
Сабота, 18.5.2024
Распоред на натпревари

11:00 РК Алкалоид – РК Струга
13:30 РК Бисинов Фруитленд – РК Еурофарм Пелистер
17:00 Меч за трето место
19:30 Финале

Вести

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

РК Алкалоид е согласен за промена на терминот за одигрување на полуфиналето од Купот на Македонија со РК Вардар 1961, дуел што е закажан за четврток, 16 мај.

Од основањето на клубот, како важен принцип во работата, РК Алкалоид ги има одржувањето на спортската култура на високо ниво и зачувувањето на спортските релации и односи со сите клубови и со Ракометната федерација.

За нас како колектив што се залага за промовирање на позитивните страни на спортот број еден во државата учеството на завршницата на турнирот е од големо значење. Витештвото на теренот е тоа што треба да ги гради односите меѓу клубовите, а ние сме подготвени, во име на спортот, да подадеме рака, да го одиграме натпреварот во терминот што ќе биде дополнително одреден и да се фокусираме исклучиво на натпреварувачкиот момент.