Вести

РК АЛКАЛОИД ГИ ПОЧНА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА НОВАТА СЕЗОНА

РК Алкалоид ги почна подготовките за својата трета суперлигашка сезона во која влегува како бранител на пехарот од Куп на Македонија и учесник во меѓународниот ЕХФ Куп.
Екипата својот прв собир го имаше во салата „Автокоманда“, а во Скопје ќе се подготвува до трети август.
Потоа заминува на десетдневни подготовки на Маврово, а својот прв контролен натпревар ќе го игра на 17 август против екипата на Врање.

РК Алкалоид од 20 до 24 август ќе учествува на турнир во Охрид каде што ќе одигра четири натпревари. Првиот на 20 август (16:30 часот) против екипата на Динамо Панчево. Вториот меч ќе го игра на 22 август (21:00 часот) со Олимпијакос Атина, третиот на 23 август (16:30 часот) со екипата на Ловќен од Црна Гора. Последниот ден на турнирот ќе се играат натпреварите за пласман. Не е исклучена можноста да биде договорена уште некоја контролна средба.

Вести

ЧЕТИРИ НОВИ РАКОМЕТАРИ ВО РК АЛКАЛОИД

РК Алкалоид ги почна подготовките за својата трета суперлигашка сезона во која ќе биде и македонски претставник во ЕХФ Куп натпреварувањето на европската сцена.

Неколку играчки промени има во тимот во пресрет на новата сезона. Четири нови ракометари ќе има во екипата во ростерот за престојната сезона.

Никола Костески, искусен македонски репрезентативец ќе ја засили позицијата десно крило. Костески има 31 година и во Македонија се враќа по седум години меѓународна кариера во која настапуваше за екипите на Селка Ескишехир од Турција, Татран Прешов од Словачка, Линц и Холабрун од Австрија и последно, Талент Плзењ од Чешка.

Наш нов играч е репрезентативниот голман на Македонија, Марко Кизиќ. Тој има 23 години, неспорен квалитет солидно искуство и годинава ќе биде додадена вредност во нашата одбрана.

По забележителни настапи и остварениот играчки напредок во екипата на РК Мулти Есенс минатата сезона, во тимот на РК Алкалоид доаѓа десниот бек Михаил Иваноски.
Четвртото засилување е ракометар кој игра на позициите среден и лев бек.

Франциско Оливеира да Силва, 25 годишен португалски играч ќе ја комплетира бековската позиција. Тој е ракометар кој потекнува од ракометниот клуб Брага каде што играше од 2011 до 2020 година. Потоа настапуваше за екипите на Виториа, во 2022 играше за шпанската екипа Гвадалахара, а во 2023 во унгарскиот тим Егер од каде што доаѓа во РК Алкалоид.

Вести

Литвански противник за РК Алкалоид во ЕХФ Куп

Во својата втора европска сезона РК Алкалоид ќе ја претставува Македонија во европскиот ЕХФ Куп, натпреварување што се игра по систем на елиминации, а стартува со 84 екипи кои денеска беа поделени во две кола и ги добија противниците за своите први елиминациски битки.

РК Алкалоид како најдобро рангирана македонска екипа од Македонија во ова натпреварување, почнува од второто коло, а во денешната ждрепка беше во улога на носител.
Првиот противник на РК Алкалоид во новата европска сезона ќе биде екипата на Драгунас Клаипеда од Литванија.
Драгунас (Змејови) е вториот најуспешен литвански клуб од осамостојувањето. Овој клуб во 2010 година ја прекина доминацијата на Гранитас Каунас кој освои 17 шампионски титули за 19 години. Шампионската ера на Драгунас траеше сѐ до првенството 2020 година кое беше прекинато поради Ковид. За тој период од 10 сезони, освоија девет шампионски титули.
Во 2021 на сцената се појави екипата на Швиеса и таа е литвански првак во последните три сезони. Во последната одиграна, пак, во финалето со 3-1 беа подобри токму од Драгунас.
Во клупската историја, Драгунас има освоено шампионски пехар и од Балтичката лига (2021). Во моментов тројца ракометари на Драгунас се на скратениот список на репрезентативци на Литванија. Четири позиции им се пополнети со странски ракометари. Голман, пивот и два леви бека, сите од Украина.

Натпреварите од второто коло во ЕХФ Куп ќе се играат во периодот од 19/20 октомври и 26/27 октомври возвратните натпревари. РК Алкалоид на првиот меч ќе биде домаќин во Скопје.