Вести

РК Алкалоид ќе настапи на турнир во Охрид

РК Алкалоид за централен настан на подготовките во нивната финална фаза одбра на учествува на летниот турнир што го организира екипата на ГРК Охрид. Тоа ќе биде трето издание на меморијалниот турнир „Крсто Андоновски“, а ова лето ќе учествуваат осум екипи од кои три се македонски и пет странски тимови. Екипите се поделени во две групи со по четири тима.

Настапот на овој турнир ќе биде ново искуство за РК Алкалоид затоа што за прв пат ќе се сретнеме на терен со првакот на Грција, екипата на Олимпијакос и тимот на РК Ловќен Цетиње, шампионот на Црна Гора.
Првиот противник, пак, ќе ни биде екипата на РК Динамо Панчево. Тоа е екипа со која веќе неколкупати ги имаме одмерувано силите во подготовките во претходните две сезони, па мечот со нив ќе биде можност и за нова споредба со претходните дуели.

Турнирот ќе се одржи во салата „Билјанини извори“ во периодот од 20 до 24 август. Нашиот прв противник е екипата на РК Динамо Панчево, потоа играме со Олимпијакос и на последниот меч од групната фаза против тимот на РК Ловќен.

На последниот ден од турнирот, на 24 август ќе се игра финалето во кое ќе се сретнат најдобрите екипи од двете групи и следствено натпреварите за пласман. Во групата со која ќе вкрстиме се сместени екипите на ГРК Охрид, РК Вардар 1961, РК Партизан и РК Целје.

Вести

РК Алкалоид се полни со енергија на Маврово

РК Алкалоид се полни со енергија преку тренинзите во кампот на Маврово каде што го има потребниот мир и концентрација, како и сите други услови за непречена работа и постигнување на целта. Планираните активности на Маврово ќе бидат реализирани за вкупно 10 дена, потоа екипата ќе се врати во Скопје од каде ќе ги координира следните активности.
Тренерот Кирил Лазаров и ракометарите се задоволни и од условите за работата и тоа начинот на кој се одвиваат подготовките во овие воведни денови од летната предсезона.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ:
„Маврово ни нуди прекрасни услови за да се спремиме и да бидеме на нивото за она што ни следува! Најважно ни е што тука имаме мир, можеме да работиме и да анализираме, воедно да градиме и добра атмосфера, сите да се дружиме заедно и да изградиме силно заедништво.

Играчите се максимално сконцентрирани и мотивирани, работат дисциплинирано и задоволен сум како течат подготовките. Веќе имаме поставено систем кој го надоградуваме и позитивно гледам и на подготовките и на периодот кој што не очекува.

Веќе одигравме еден пријателски натпревар со кадетската репрезентација на Македонија, бевме нивен спаринг-партнер пред настапот на Европското првенство, ќе имаме уште пет до шест квалитетни пријателски дуели. Нема да биде цел да победуваме по секоја цена, сакам да им дадам шанса на сите играчи, со цел сите играчи да бидат спремни за предизвиците кои ни следат, затоа што сезоната ќе ни биде долга и напорна“

ИГОР ЃОРЃИЕВ:

„Првата фаза ја одработивме во Скопје каде што поминавме десет дена. Веќе неколку дена сме во Маврово, подготовките се одвиваат во најдобар ред. Ќе се потрудиме да се воиграме добро, тука се и новите играчи со кои работиме заедно. Со нас е и Франциско, кој е нов странски играч во нашата екипа и сите му помагаме полесно да се адаптира. Тренираме напорно за да бидеме физички подготвени, а исто така сме посветени и на тактичкиот дел со тренерот Лазаров. Сезоната која ни следи ќе биде интересна, па мора добро да се спремиме за нашите цели и за она кое ни следува. Како екипа имаме поставено наши цели, но ќе одиме од меч во меч. Првиот официјален натпревар ќе ни биде Суперкупот на Македонија, каде сакаме да влеземе максимално спремни за надигрување со ривалот“

МАРТИН СЕРАФИМОВ:

„Целиот тим на подготовките работи како едно, имаме одлични услови за физички и тактички добро да се подготвиме за она кое ни доаѓа. Многу ми се допаѓа што костурот на Алкалоид ни остана ист, само го надградивме со неколку нови играчи. По подготовките во Маврово ќе ни следат пријателските натпревари на кои ќе гледаме да се воиграме максимално. Мора добро да се подготвиме за Суперкупот, но него ќе го анализираме откако ќе ги минеме сите подготовки. Сега фокусот ни е добро да се спремиме и не размислуваме за ништо друго“

ИВАН ЏОНОВ:

„Нашите подготовки одат во најдобар ред засега, работиме главно да бидеме физички спремни за предизвиците затоа што пред нас следи сезона која ќе бара доста напор и ќе биде во висок ритам. Сите се вложуваме максимално, затоа што ова што го правиме сега ќе ни биде основа за целата година. Ни доаѓаат нови предизвици, а ние како играчи сме спремни да одговориме на нив на добар начин. РК Алкалоид секогаш цели да победува, па така, целта останува иста и понатаму.“


МАРКО МИТЕВ:

„Ми недостасуваше одново да бидеме активни со ракометот по паузата. Со новите засилувања оваа сезона очекувам да бидеме на повисоко ниво и да го повториме и надградиме успехот од лани во лигата, Купот на Македонија и во Европа. Годинава ќе бидеме дел и од ЕХФ Купот, влегуваме поискусни заради натпреварите кои ги одигравме лани. Се работи за натпреварување со поинаков систем од Европската лига на ЕХФ и очекуваме да биде доста интересно за нас како млада екипа која сака да напредува од година во година.“

Вести

РК Алкалоид формата ја темпира на Маврово

РК Алкалоид ја почна втората фаза од подготовките за својата трета суперлигашка сезона во која ќе настапува како актуелен освојувач на Купот на Македонија.

Основната форма која во продолжение ќе се надоградува до натпреварувачкиот моментум се поставува во кампот на Маврово. Таму ракометарите и тренерот Кирил Лазаров ги имаат потребните услови и го користат секој момент за достигнување на посакуваната форма.
Екипата на Маврово ќе остане вкупно 10 дена, а потоа ќе се врати во Скопје од каде што ќе ги координира следните летни активности.


Предвидено е тимот да одигра неколку контролни натпревари од кои најголемиот дел ќе бидат против странски екипи. Првиот меч ќе биде против екипата на РК Врање, по што ќе следи настапот на меморијалниот турнир „Крсто Андоновски“ во Охрид во периодот од 20 до 24 август. Потоа ќе продолжат подготовките во Скопје, со можност да се одиграат уште контролни средби.

Првиот официјален натпревар е закажан за почетокот на септември, во рамки на Супер Куп на Македонија.

Вести

РК Алкалоид комплетираше тим за новите предизвици

РК Алкалоид домашната база во „Автокоманда“ ја замени со тренинг камп на Маврово, каде што десет дена ќе се одработуваат подготовки што ќе претставуваат основа врз која ќе се гради посакуваната натпреварувачка форма потребна за битката на четирите фронта која ќе почне со дуелот од македонскиот Супер Куп.
Сезонава на располагање на тренерот Кирил Лазаров ќе бидат и четири нови ракометари кои дојдоа во летниот преоден рок и треба да ја надополнат и балансираат екипата. Тие се веќе во тренажен процес и се вклопуваат со системот на работа на РК Алкалоид. Нивните амбиции се јасни, а очекувањата големи.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ:

„Ние од формирањето на клубот голема шанса даваме на македонските играчи, тоа ни е целта, стратегијата и амбицијата – произведување на македонски играчи. Во тој процес мора да сме трпеливи затоа што е тежок. Најтешко е кога треба да создаваш, ама во исто време и да победуваш, затоа што тимот е таков, победнички.
Се наоѓаме пред третата сезона по ред во Суперлигата и мислам дека од сезона во сезона напредуваме во секоја смисол. Нормално е да си одат играчи низ годините, а нови да доаѓаат, тоа е природната селекција. Се надевам дека оваа сезона ќе бидеме поквалитетни со играчкиот кадар во кој имаме четири нови имиња.

Добиваме доста на голманската позиција со Марко Кизиќ кој е стандарден репрезентативец, кој ќе го имаме заедно со Галевски и Трајковски кои исто така се квалитетни. На десната крилна позиција го добиваме искусниот Никола Костески, што ни беше потребно затоа што таму имавме само млади имиња. Михаил Ивановски заслужува да го носи дресот на Алкалоид како млад и потенцијален играч, а со нас тука е и португалскиот новак Франциско Оливеира да Силва. Се работи за поливалентен играч, бек кој со своите карактеристики можеби ни недостасуваше во тимот. Се надевам дека ќе се вклопи брзо и ќе биде дополнителна вредност во нашиот ростер.

Ние ќе одиме чекор по чекор. Знаеме деа конкуренцијата е силна. Нашите конкуренти се засилуваат, македонското првенство станува силно. И тоа ме радува, затоа што потребна ни е таква лига за да расте и нашата екипа. ЕХФ Европскиот Куп ќе биде ново искуство за нас. Минатата година бевме во ЕХФ Европската лига, ја почувствувавме сласта на победата, како и на нерешениот исход. Во борба сме за четири трофеи оваа сезона – Суперкупот, Купот на Македонија, првенството и ЕХФ Купот, но нема да брзаме никаде. Не чекаат многу предизвици оваа сезона и ќе тежнееме да бидеме се подобри“, изјави Лазаров.

НИКОЛА КОСТЕСКИ:

„Убаво е чувството на враќање во Македонија по толку години во странство. Осум години бев надвор од државата. Прекрасно е пак да си назад, особено во ваков проект како Алкалоид. Имаме добар млад тим, јас како поискусен дојдов тука да помогнам колку што можам. Знаеме кои се целите на клубот, одиме напред и ќе се држиме по плановите на тренерот Лазаров. Се надеваме на добар успех оваа година.
Се познаваме со повеќето играчи од репрезентацијата, сите се борат да успеат на теренот. За македонската репрезентација убаво е што ќе играме сите заедно, добро се познаваме и мислам дека оваа екипа ќе има во иднина многу голем напредок. Ќе играме и во ЕХФ Купот, се надевам дека ќе влеземе добро подготвени, а целите се јасни – секогаш одиме на победа“

ФРАНСИСКО ОЛИВЕИРА ДА СИЛВА:

„Многу сум среќен што сум тука во Скопје. Дојдов во клуб кој има доста млади играчи, ама поседува и голем потенцијал, па се надевам дека ќе бидам додадена вредност на екипата на Алкалоид во остварувањето на резултатите и на успесите. Ја имав можноста да го гледам тимот пред да пристигнам тука на неколку натпревари и видов многу потенцијал. Исто така ме радува и што ќе играм во град кој го сака ракометот и го гледа и доживува како кралски спорт. Возбуден сум и едвај чекам да почнеме со натпревари“

МАРКО КИЗИЌ:

„За мене Алкалоид е нов клуб и нов предизвик, во кој влегувам со големи амбиции. Поголем дел од играчите ги познавам уште од деца, заедно сме играле и сме се натпреварувале. Периодот за адаптација поради тоа ќе ми биде побрз. Стартувавме со подготовки, се надевам на квалитетна подготовка која ќе ни донесе резултати и на домашната сцена и во Европа. Ние сме екипа составена претежно од млади играчи, но дефинитивно имаме квалитетен тим да се носиме со секого.
Околу голманското трио, здравата конкуренција секогаш е добра. Јас ја гледам како позитивна работа, затоа што така може да се притискаме сите еден со друг да бидеме подобри од меч во меч и квалитетно да ја покриеме позицијата оваа сезона“

МИХАИЛ ИВАНОВСКИ:

„Претходната сезона за мене не беше лесна затоа што имав повреда, но втората полусезона ја искористив максимално. Оваа сезона се надевам дека ќе помогнам на Алкалоид во остварувањето на резултатите и да постигнеме поголем успех од лани. Желба ми е да се одбрани Куп-трофејот и ако влеземе во шанса, да играме за највисок дострел на домашната сцена. Ќе играме и во ЕХФ Куп, а таму очекувам да отидеме далеку и секој меч да бидеме се подобри и подобри“