Вести
Успешен старт на РК Алкалоид во ЕХФ Европскиот Куп
РК АЛКАЛОИД – КЛАИПЕДА ДРАГУНАС 42:31 (18:12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ердоган Витаку и Арсим Витаку од Косово. Делегат: Искандар Азгаров од Азербејџан
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (1 одб), Галевски 1 (9 одб), Џонов, Маркоски, Костески 10, Младеновиќ 1, Серафимов 6, Карасманакис 1, Стојковиќ 4, Митев 5, Ѓоргиев 4, Велковски, Симоноски 1, Бинго 9, Петковски, Савревски,
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 10 мин.
КЛАИПЕДА ДРАГУНАС: Пакалнискис (9 одб), Коржук 1, Одиноков 2, Симонавичиус 4, Бучиус 2, Љапинаискас 4, Пуликас, Јускенас 2, Драксас 1, Цесна 1, Сматаускас 4, Буткус 6, Кајрус, Плахотињ, Стропус 4
Седмерци: 2/5 Исклучувања: 4 мин.
РК Алкалоид успешно стартуваше во ЕХФ Европскиот Куп и ја запиша својата втора европска победа. Вечерва на првиот меч од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп, РК Алкалоид ја совлада екипата на Клаипеда Драгунас од Литванија со убедлива разлика од 11 гола.
Натпреварот имаше брз ритам од првиот момент, игра што му одговараше и на РК Алкалоид кој преферира да игра ракомет со многу трчање и брза транзиција. РК Алкалоид поведе 3-1, но и гостинскиот состав покажа дека има квалитет во нивните редови и дека добро се снаоѓа во натпревар со брз ритам, па во следните десет минути се играше израмнето.
Откако помина почетното испитување на силите и одбраната на РК Алкалоид стана посигурна и поцврста, почна да се прави и резултатска разлика. Одлична партија имаше голманот Иван Галевски кој имаше неколку успешни интервенции, по кои беа постигнати и лесни голови и РК Алкалоид почна да влегува во препознатлив ритам. Одличен натпревар одиграа и крилните играчи Костески и Бинго кои предничеа во транзиција и постигнуваа атрактивни погодоци.
По 15 минута, следеше најефективниот период во играта на сино-белите кои од резултат 9-9, дојдоа до водство од 17-10 и тоа му даде сосема поинаков тон на натпреварот.
На крајот на првиот дел резултатот беше 18-12, а во второто полувреме ритамот на играње остана ист. Гостите се обидоа и со подлабока зона и не го намалија темпото па брз ракомет се играше до крајот на натпреварот.
РК Алкалоид водеше од шест до девет гола разлика во оваа фаза од средбата, а во 50 минута беше 33-24. Разликата прв пат стана двоцифрена во 52 минута (35-25). Потоа стигна и до максималните 12 гола разлика, за на крајот средбата да заврши со резултат 42-31.