Вести

Освоени нови бодови, РК Алкалоид останува на врвот

РК АЛКАЛОИД – РК ФРУИТЛЕНД БОРЕЦ 42-30 (23-16)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Иво Георгиевски и Игор Наумовски. Делегат: Камер Металари
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Трајковски (15 одб), Џонов 4, Петров, Карасманакис 3, Стојковиќ 2, М. Митев, Велковски, Ивановски 11, Бинго 4, Франциско 2, Петковски 4, Д. Митев 5, Савревски 4, Гарбески 3, Наковски
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 2 мин.

РК ФРУИТЛЕНД БОРЕЦ: Солев (17 одб), Димов, Стојановски 4, Трајковски 2, Трифуновски 7, Ивчевски, Иванов, Черубим 3, Димитров, Петров 1, Табаков 1, Миланов 6, Цвитановиќ 3, Стојменов 2, Павлов 1, Митревски (2 одб)
​Седмерци: 3/4 Исклучувања: 12 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата 17 првенствена победа и останува осамен на првото место на Суперлигашката табела и по вечерашниот натпревар со РК Фруитленд Борец.

РК Алкалоид запиша сигурна победа над велешкиот состав со 12 гола разлика на натпревар на кој тренерот Кирил Лазаров поголема шанса им даде на ракометарите кои не беа дел од екипата што патуваше во Италија, а меѓу нив и на двајца ракометари од подмладокот, Максим Гарбески и Антонио Наковски.

Немаше поголеми резултатски проблеми и за ваков комбиниран состав. Поведе Алкалоид со 6-3 и до 10-5 и имаше комплетна резултатска контрола до крајот на првиот дел што заврши со резултат 23-16.

Сличен беше ритамот на игра и изборот на играчи и во второто полувреме. РК Алкалоид го контролираше резултатот, а гостите од Велес пружија отпор, долго време се одржуваа под линијата од 10 гола, иако на крајот РК Алкалоид влезе во уште една серија и запиша победа со поубедлива разлика.

Новиот играч, Мартин Ивановски, постигна 11 погодоци и за прв пат стана најдобар стрелец на тимот на првенствен натпревар. Дамјан Митев постигна пет погодоци, а голманот Трајкоски имаше 15 интервенции.

Следниот натпревар за РК Алкалоид е одново европски. Во сабота во Скопје ќе играме против ССВ Бриксен за заверка на пласманот во 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот Куп, а потоа во првенството продолжува со дерби меч против РК Еурофарм Пелистер што ќе се игра во Битола.

Вести

ИЗЈАВИ ПО НАТПРЕВАРОТ СО ССВ БРИКСЕН ВО ИТАЛИЈА

РК Алкалоид го одигра својот прв натпревар од 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп. На гостински терен запипа убедлива победа од 12 гола разлика (44-32) и вратите од 1/4 финалето се веќе отворени, но остануваат да се одиграа уште 60 минути против Бриксен.

Ракометарите беа видно задоволни од настапот, играта и резултатот, но подвлекуваат дека нема да има опуштање пред реваншот што следниот викенд ќе се игра во „Автокоманда“.

ИВАН ГАЛЕВСКИ

„Без разлика кој и да е противник, ние максимално се спремаме, го даваме максимумот. Така беше и сега, заслужено победивме со Бриксен. Го реализиравме нашиот план со стручниот штаб и дојдовме до висоска победа. Ние, сепак, максимално ќе влеземе сериозно и на следниот меч во Скопје, затоа што ни следи малку понапорна недела во која ни следат домашни мечеви, прво со Фруитленд Борец, потоа со Еурофарм Пелистер. Бриксен никако не е за потценување, имаат одлични шутери кои добро шутираат од девет метри, полетни крила кои цело време влечат брз центар, но мислам дека нашата физичка спремност победи во овој момент и можеби бевме пофизички моќни со подобра ротација и бевме исто така подобри тркачки, затоа што ривалот ги користеше истите играчи во поголемиот дел“

МАРКО КИЗИЌ

„Противникот не беше наивен, ни требаше време да го скршиме отпорот и да отидеме на висока разлика. Најважно од се е што држевме еден ритам целите 60 минути. Бриксен се носеше со нас до пред крајот на мечот. Беше упорен како тим, се враќаше цело време, ама ние бевме поупорни и поквалитетни. Реваншот исто така ќе го сфатиме сериозно, не смееш да се опуштиш, пред се поради себе. Нема да се лажеме и да кажеме дека не знаеме што значи оваа предност, ама и на реваншот ќе одиме на победа, тоа е нашата цел“

МАРТИН ИВАНОВСКИ:

„Одлично се снаоѓам во Алкалоид. Како што кажаа сите, така и се покажа дека е – клубот е на професионално ниво. Соиграчите, управата, стручниот штаб ме примија најдобро. Многу сум задоволен од професионализмот на секој член на клубот. За мене ова беше европско деби во Алкалоид, дадов два гола, задоволен сум, ама не треба тука да застанеме. Како екипа имаме голем потенцијал и се надевам дека тој ќе излезе на површина преку напорна работа“

ФРАНЦИСКО Е СИЛВА:

„Натпреварот беше доста добар за нас, доста тежок затоа што моравме многу да трчаме, но успеавме да се одлепиме уште во воведните минути и држевме темпо. Не очекував толку брз ритам на еден дуел, нормално дека ги гледавме, анализиравме, но друго е во живо. Бриксен се покажа како доста брз тим.
На следниот меч очекувам пак да победиме, за тоа и работиме. Имаме појасна слика за ривалот. Ќе се обидеме да бидеме уште подобри, посебно во одбрана каде сакаме да примиме помалку голови.
Даваме 100% од себе на секој меч, Лазаров се обидува да го промени стилот на игра што се игра во првенството, наметнува поинаков стил на игра. Со себе носи големо искуство кое може да ни го даде и не учи на секој тренинг. Задоволен сум како течат работите и се надевам ќе бидеме уште подобри во иднина“, вели Франциско е Силва.

Вести

Убедлива победа во Италија, РК Алкалоид е на чекор до 1/4 финале во ЕХФ Куп

ССВ БРИКСЕН – РК АЛКАЛОИД 32-44 (18-23)

Сала: „Јужен Бриксен“ во Бриксен, Италија. Судии: Ивс Шолс од Холандија и Стефен Мартен од Белгија. Делегат: Борис Вукашиновиќ од Србија
ССВ БРИКСЕН: Вуловач, Аѕолин 3, Дела Векија 1, Арциери 7, Винисиус 8, Кањете 4, Е. Ибаљи 1, А. Ибаљи 3, Садер 1, Башиќ 4, Милогер, Пунтајер, Социо, Оберхолензер, Лубинати

Седмерци: 5/8 Исклучувања: 6 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (12 одб), Галевски (2 сед.+ 6 одб), Џонов, Маркоски, Младеновиќ 1, Серафимов 6, Карасманакис 2, Стојковиќ, Митев 7, Ѓоргиев 7, Велковски 4, Ивановски 2, Бинго 4, Франциско 4, Петковски 6, Савревски 1

Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид е чекор поблиску до 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот Куп откако вечерва во Италија го совлада домашниот тим ССВ Бриксен со убедливи 12 гола разлика.

Бодрен од поголема група на македонски навивачи од дијаспората кои дојдоа со цел арсенал на навивачки реквизити, РК Алкалоид натпреварот го почна импресивно, со водство од 5-0. За таквиот старт одбраната беше важен фактор, но и добро анализираната игра на противиникот за која РК Алкалоид имаше решенија.

Средбата се играше во брз ритам и тоа носеше и грешки на двете страни, но резултатската разлика не беше доведена во опасност во првиот дел. Алкалоид ги казнуваше грешките на противникот со контра-напади или голови од брза транзција во што предничеа Бинго и Петковски, а во позициските напади Марко Митев беше предводникот, Мартин Велковски одигра одлично полувреме, добра партија пружи и Франциско Е Силва.

Поддршката од голманите не изостана, Кизиќ имаше осум интервенции, а Галевски ги одбрани и двата пенала досудени за домашниот тим.

Во уште побрз ритам се играше во вториот дел. Алкалоид поведе со 26-19, но домашните со сите сили се обидуваа да намалат. Игор Ѓоргиев имаше одличен период, а тренерот Лазаров во ротацијата шанса им даде на сите ракометари.
Како минуваше времето, така Алкалоид стануваше сѐ посигурен. Добро распоредените сили во финишот на мечот му донесоа голема предност на сино-белиот состав. Се разиграа повеќе играчи, предноста стана двоцифрена и за конечно средбата да заврши со победа од 44-32.

Ракометарите на Алкалоид заедно со македонските фанови кои се симнаа на теренот ја прославија оваа голема победа. Реваншот на кој треба да биде заверен пласманот во 1/4 финалето ќе се игра следната недела во Скопје.

Вести

ПОБЕДНИЧКИ РЕСТАРТ ЗА РК МУЛТИ ЕСЕНС

РК МУЛТИ ЕСЕНС – ЗГРК ОВЧЕ ПОЛЕ 1958 38:25 (21:12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Иво Георгиевски и Игор Наумовски. Контролор: Гордана Ѓорѓеска
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ангелески, Попоски 6, Ковачевиќ 4, Насевски 4, Лешникоски 2, Пецаноски, Крстевски 4, Николовски, Каракалашев 6, Гурмешевиќ 6, Тевдовски 3, Тарчуловски 1, Митаноски 1, Гошевски 1, Богоевски.
Седмерци: 2/3. Исклучувања: 4 мин.
ЗГРК ОВЧЕ ПОЛЕ 1958: Коцевски 2, Тодосовски, Димчевски 3, Димитријев 3, Игњатов, Динев, Панев, Ристов 2, Стаменков 12, Стефановски, Денков, Станоев, Димитров 2, Јанев, Ристовски 1, Христовски
Седмерци: 2/6. Исклучувања: 4 мин.

Екипата на РК Мулти Есенс имаше успешен старт на годината и во првиот натпревар по враќањето на терен по Светското првенство (СП), на домашен терен славеше над екипата на ЗГРК Овче Поле 1958 од Свети Николе (38:25).

Избраниците на Миле Бочкаровски на овој натпревар уште од самиот старт наметнаа темпо и ја држеа контролата на играта. Гостинот во Автокоманда во ниту еден наврат не поведе, плусот беше на наша страна од првата па се до последната минута.

На полувремето РК Мулти Есенс имаше предност од 21-12, па така вториот дел беше можност за тренерот да им даде шанса и да ги испроба сите играчи во ростерот, но тоа не влијаеше на конечниот резултат. Највисоката предност која тимот ја имаше на овој дуел беше онаа конечната, од 13 гола.

Најдобри стрелци на мечот беа Бобан Поповски, Марко Каракалашев и Христијан Ѓурмешевиќ, тројцата постигнаа по шест гола во противничката мрежа, а ги следеа уште три израмнети имиња, тоа беа Ковачевиќ, Насевски и Крстевски кои имаа по четири гола.

Вести

МИТЕВ И ЃОРГИЕВ: Бриксен е сериозен тим, ни следи тежок меч

РК Алкалоид вечерва почнува нова епизода во својата европска клупска историја. РК Алкалоид во 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп, вечерва во салата „Јужен Бриксен“ ќе се сретне со домашниот ССВ Бриксен на првиот од двата дуела што ќе го дадат патникот во 1/4 финалето.
Тренерот Кирил Лазаров имаше доволно време и материјали за да ја подготви екипата за вечерашната прва средба, а од тоа што беше видено и анализирано, заклучокот е дека противникот е сериозен тим. Во нивниот состав има неколку странски ракометари кои се и носители на играта, а Италијанците главно се играчите од ротацијата. Не користат многу играчи, но играат со брза транзиција и можат да го издржат темпото.

„Се подготвувавме речиси цела недела за овој меч. Очекувам триумф, иако нема да биде лесно затоа што Бриксен е искусна екипа во која има седум до осум играчи кои играат скоро цела средба. Исто така се и доста брзи, даваат над 30 гола, па би требало да ни следи доста брз меч во висок ритам, тежок за играње.

Наша предност е што имаме поширок ростер, не е лесно да се трча цел натпревар, ама од друга Бриксен на досегашните натпревари го издржа тоа темпо. Не би можел точно да ја споредам некоја наша екипа, но според видео анализата што ја направивме, би рекол дека Бриксен е екипа што е од рангот на пример на Охрид. Но, тоа и не мора ништо да значи, заклучокот е од гледање на видео, а тоа не ја преставува реалноста и нивните можности на теренот“, вели Марко Митев.



Игор Ѓоргиев го дели мислењето со Марко Митев и тренерот Лазаров. Очекува тежок натпревар, против тим што не смее да биде потценет.


„Имавме доста време да се подготвиме за Бриксен, се работи за полетна екипа која трча добро во два правци. Нѐ чека тешка борба на двата меча, посебно во тој тркачки дел. Најголемата нивна опасност доаѓа од пивотот и двата бека кои се интернационалци од Бразил и од Аргентина, плус имаат уште неколку странски ракометари во екипата. Сепак, мислам дека добро ги анализиравме, очекувам добар меч и секако наши победи и потоа пласман во следната рунда“, изјави Игор Ѓоргиев.

Вести

ЛАЗАРОВ: Мора да бидеме многу внимателни со Бриксен

РК Алкалоид вечерва ќе го одигра првиот натпревар од 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп, на кој противник е италијанскиот претставник ССВ Бриксен.

Натпреварот ќе се игра со почеток од 19:00 часот, но домаќниот нема да го пренесува овој меч.

Кирил Лазаров за овој прв дуел поведе 16 ракометари во Италија, спремни за пресметката со Италијанците кои веќе одработеа еден загревачки тренинг пред натреварот.

„Имавме доста материјал за Бриксен и доста се посветивме на нив. Знаеме дека се работи за искусна екипа што игра долго време заедно, знае што сака и што прави во секој момент на теренот. Играат со не повеќе од осум до девет играчи, а тоа значи дека добро се воиграни и затоа мора да бидеме многу внимателни.

Тоа што играат со осум до девет играчи од една страна е предност за Бриксен затоа што се воиграни и со поглед може да се договорат што да прават, од друга страна, пак, може и да е мала предност за нас затоа што ние имаме повеќе играчи на располагање и сме побрзи.

Добро е што првиот меч го играме на гости, тоа е еве една мала предност за нас ќе речам, затоа што реваншот ќе го играме дома и ќе можеме во нашата сала пред нашата публика да го бараме потребниот резултат.

Треба да имаме предвид и дека италијанскиот ракомет е во подем, со она што го прикажа нивниот национален тим. Ние нема да потцениме никого во ниту еден случај, ќе одиме со 100%. Мислам дека екипата е добро подготвена, водиме грижа сите играчи да бидат во ред, посебно тие што играа на Светското првенство“, изјави тренерот Кирил Лазаров.