Вести

Лазаров и Ѓорѓиев: Ни следи борба за европско финале

РК Алкалоид е пред нов европски предизвик! Нашиот тим е во исчекување на првиот меч од полуфиналето на Европскиот Куп на ЕХФ, каде ќе се соочиме со РК Рунар Сандефјорд од Норвешка. Првиот натпревар го играме во Скопје, додека реваншот е на гостинско тло, а подобриот од двомечот патува во големото финале.

Пред натпреварот, РК Алкалоид одржа прес-конференција на која тренерот Кирил Лазаров и капитенот Игор Ѓорѓиев ги сумираа своите досегашни впечатоци за ривалот од норвешкиот ракомет и ја најавија првата средба во Скопје.

Кирил Лазаров: „Не очекува еден тежок меч против незгоден противник. Во изминатиот период имавме доста тешки натпревари, со квалитетни противници во лигата во рамки на плеј-офот. Доста го анализиравме Рунар, со доста материјали. Имаме доста информации кои ни покажуваат дека се работи за сериозна екипа со скандинавски стил кој не ни одговарал многу низ историјата. Рунар до полуфиналето дојде со победи над квалитетни ривали како Целје, Бешикташ и Олимпијакос. Сите овие противници кои ги набројав Рунар ги елиминира во двомеч, така што не очекува доста тежок натпревар не само во Скопје, туку и во Норвешка. Пласманот во полуфиналето со македонски сили секако дека е успех, се надевам дека ќе имаме сила и енергија по тешките мечеви да излеземе на терен и да водиме тешка борба во целите 60 минути, знаејќи го нивниот стил.“

Игор Ѓорѓиев: „Не очекува меч од огромно значење. Прво европско полуфинале за нас. Голем момент како за Алкалоид, така и за македонскиот ракомет. Како екипа горди сме што успеавме да се пласираме во оваа фаза и да играме за финале. Рунар е екипа која игра типичен брз скандинавски ракомет, првиот меч ни е дома. Затоа сакам да ги повикам сите љубители на ракометот да бидат наша поддршка, наш седми играч и да се бориме за историски момент и европско финале. Со оглед на тоа дека имаме тројца или четворица играчи повредени, јас како капитен свесен сум, а и играчите дека мора да функционираме како тим. Ако продолжиме така како што играме до сега, имаме огромни шанси како во европскиот Куп така и во плеј-офот во лигата“

Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Рунар Сандефјорд се игра во салата „Автокоманда“ во недела (20.4) со почеток од 19:00 часот. Главни судии се Георгиос Панајидес и Мариос Андреу од Кипар, додека делегат на натпреварот е Владимир Сокол од Хрватска.

Вести

Убедлива победа на РК Алкалоид на дербито во Охрид

ГРК ОХРИД – РК АЛКАЛОИД 28-36 (14-16)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегати: Марјан Начевски и Драган Начевски
ГРК ОХРИД: Ристевски, Ѓоргески, Ојлески 2, Јукиќ 3, Костов, Тасески 3, Сафранко 4, Јотиќ 4, Кукоски, Крстевски, Пешиќ 2, Кукуловски, Орјоникидѕе 6, Бојаниќ, Винисиус, Цирар 4
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 10 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски 1, Џонов 3, Маркоски 3, Младеновиќ, Серафимов 5, Карасманакис 3, Стојковиќ, Ѓоргиев 6, Велковски 1, Ивановски 2, Бинго 3, Франциско 4, Д. Петковски 3, Митев 2, Савревски
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид ја запиша втората плејоф победа, на гостински терен, на дерби натпреварот со амбициозниот ГРК Охрид. Нашиот тим победи со осум гола разлика (36-28) и ги задржа шансите за повисок пласман на Плејоф табелата.
Стартните минути му припаднаа на РК Алкалоид, но домашниот состав израмни, а потоа и диктираше игра сѐ до резултат 7-7, а потоа одново Алкалоид го презема водството и до крајот на полувремето беше во позитива. Во финишот на првото полувреме, Алкалоид успеа да поведе и со два гола разлика (11-9, 12-10) и ја задржа предноста до крајот на првиот дел што заврши со резултат 16-14.


Добро отворање на второто полувреме имаше РК Алкалоид и со два гола по ред стигна до највисоките до тој момент плус четири гола разлика (18-14). Домашниот состав одговори со серија од 4-0 и израмнување на 18-18, по што одново натпреварот влезе во ритам гол за гол. Но, Алкалоид веќе ја имаше победничката формула. Беше доволно трпелив и ги искористи своите шанси и на десет минути до крајот одново имаше плус четири (28-24). Финалните десет минути беа комплетно во знакот на РК Алкалоид. Предноста полека растеше и стигна до конечните 36-28.
Игор Ѓоргиев со шест, Мартин Серафимов со пет и Франциско e Силва со четири погодоци беа најефикасните играчи во нашиот состав.
Следниот предизвик на РК Алкалоид е европски. Во недела во Скопје, со почеток од 19:00 часот ќе во полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп ќе го игра првиот дуел од двомечот со норвешкиот Рунар Сандефјорд.

Вести

РК Алкалоид без награда за големата борба

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РК АЛКАЛОИД 30-28 (18-15)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски. Делегати: Драган Начевски и Душко Камишевски

РК ЕУРФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Ивиќ, Манасков 4, Ристевски, Кузманоски 2, Тајник 1, Борзаш 1, Радивојевиќ 7, Кузмановски 8, Костески, Абутовиќ, Пешевски 2, Хосни 1, Хаџиќ 1, Павле Атанасијевиќ 2, Мамду 1
Седмерци: 9/11 Исклучувања: 10 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Маркоски 2, Младеновиќ, Серафимов 9, Карасманакис 1, Стојковиќ 3, Ѓоргиев 3, Велковски, Ивановски 1, Бинго 1, франциско 3, Петковски 3, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 14 мин.

РК Алкалоид одигра борбен и квалитетен натпревар на гостувањето во Битола против екипата на РК Еурофарм Пелистер. Во драматичен финиш, кога во рамки на секунди се решаваше победникот на натпреварот, домашната екипа постигна победнички погодок на петнаесетина секунди до крајот на мечот и ги освои двата бода, со конечен резултат 30-28.

Домашниот РК Еурофарм Пелистер имаше подобар старт на натпреварот и поведе со 5-2, 8-5, 10-7. РК Алкалоид воспостави рамнотежа и стигна до минимална негатива (10-11, 11-12), но домашните до крајот на полувремето успеаја да ја вратат разликата на плус три гола (18-15).

Во второто полувреме, во најголемиот дел резултатот се движеше меѓу еден и два гола разлика. Домашниот состав во финишот успеа да поведе со 29-25, но следеше серија на РК Алкалоид со која се доближи со 28-29. Во својот последен напад, на околу 15 секунди до крајот, домашните постигнаа погодок за 30-28 и тоа беше конечниот резултат.
Во следното коло, РК Алкалоид ќе му гостува на тимот на ГРК Охрид во домашниот Плејоф, а во недела во Автокоманда игра историски натпревар од полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп.

Вести

Прва Плејоф победа за РК Алкалоид

РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 34-27 (16-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегат: Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 3, Маркоски, Серафимов 6, Карасманакис, Стојковиќ, Ѓоргиев 3, Велковски 1, Ивановски 4, Бинго 5, Франциско, Петковски 5, Д. Митев 6, Савревски 1
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 8 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Арсиќ, Велков, Анастаосвски 2, Темелкоски, Соколов 1, Андоновски, Кофилоски, Димовски, Манасков 3, Гачевиќ 1, Коцев 2, Летиќ 4, Кривокапиќ 7, Даневски, Обина 7
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 12 мин.

РК Алкалоид ја запиша првата Плејоф победа, откако на свој терен го совлада тимот на ГРК Тиквеш од Кавадарци.
РК Алкалоид славеше победа од 34-27 на натпревар, на кој по пауза од повреда се врати бекот Дамјан Митев, кој беше и најдобриот стрелец во редовите на сино-белите. РК Алкалоид го контролираше резултатот во текот на целиот натпревар. На почетокот на натпреварот, во воведните 10-тина минути разликата беше минимална, а потоа почне да расте во полза на нашиот тим. Максималните плус шест во првото полувреме беа достигнати во финишот (16-10), но последните два гола во таа делница ги постигнаа гостинските ракометари, па на одмор се замина со резултат 16-12.


Добро распоредените сили во вториот дел, значеа и константно водство кое максимално, во неколку наврати достигна осум гола разлика (27-19, 30-22).
Конечно, РК Алкалоид запиша победа од 34-27 и се врати на третото место на плејоф табелата.
Следниот натпревар за РК Алкалоид одново е дерби меч. Во рамките на третото коло, РК Алкалоид ќе гостува во Битола кај екипата на РК Еурофарм Пелистер.

Вести

РК Алкалоид без бодови од првото плејоф дерби

РК ВАРДАР 1961 – РК АЛКАЛОИД 34-26 (15-13)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегат: Камер Металари и Ацо Николовски

РК ВАРДАР 1961: Еспиња (14 одб), Гогов, Јагуриновски, Аларов, Стојановски, Георгиевски 3, Ансер, Танкоски 3, Лазаревски 5, Горига 6, Срдановиќ 3, Николиќ 1, Петриќ 1, Ќосевски, Маргели 2, Борозан 9
Седмерци: 4/7 Исклучувања: 12 мин.

РК АЛКАЛОИД: Галевски 1 (6 одб), Трајковски (4 одб), Џонов 1, Петров, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 6, Карасманакис, Стојкови 4, Ѓоргиев 3, Велковски 4, Ивановски 1, Бинго 1, Фрaнциско 1, Петковски 1, Савревски
Седмерци: 4/9 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид останува со двата пренесени бода од регуларниот дел на сезоната, по првиот одигран дерби натпревар во Плејоф разигрувањето за шампионската титула во македонската Суперлига.

Во рамките на првото коло, РК Алкалоид беше гостин на РК Вардар 1961 во „Јане Сандански“ , а натпреварот заврши со резултат 34-26 за противничкиот состав.
Кирил Лазаров го немаше најсилниот состав на располагање, вечерва. Тешката сезона во која ракометарите играат успешно и во Европскиот ЕХФ Куп, а во голем дел и во македонската репрезентација си зема данок.

Вечерва, РК Алкалоид дваесет минути беше комплетно резултатски рамноправен, резултатот беше 9-9 во 20 минута од средбата, но во продолжението, до крајот на полувремето домашниот состав стигна до позитива од два гола.

Таа разлика се удвои на почетокот на вториот дел по што РК Алкалоид постојано беше во потера по противникот. Падот на концентрацијата во последните пет-шест минути доведоа до поголемата резултатска негатива.
Во следното коло, во недела, РК Алкалоид во „Автокоманда“ ќе го пречека тимот на ГРК Тиквеш.