Вести

Мислиме на нашата иднина!

-->

РК Алкалоид ја комплетираше првата сезона, a се комплетираа и тренинзите на ракометните школи за нашите најмлади ракометари. Околу 500 деца на возраст од 6 до 14 години во целата наша држава беа дел од ракометните школи на РК Алкалоид, а нашето очекување е следната сезона бројот да биде уште поголем!

Влатко Котески, тренер кој последната деценија ѝ ја посвети на работата со млади ракометари и кој зад себе има завидно искуство, е последниот кој излезе од салата ова лето. Првата сезона во РК Алкалоид е завршена, задоволството од сработеното е видливо. 
„Здрави и среќни деца се нашата примарна цел“, вели Влатко Котески.
„Ова беше нашата прва сезона, па затоа и сама по себе е посебна. Заокруживме успешна сезона, во која ги исполнивме зацртаните цели, а ги исполнивме, во делови и ги надминавме, и плановите. Ги воведовме најмладите во нов систем, преку кој се дружевме, трениравме и учевме. Ги воведовме во светот на ракометот. Живееја, се забавуваа и другаруваа како тим, како спортско семејство“, вели Котески.

РК Алкалоид како клуб ги има подвлечено работата и пристапот спрема најмладите како една од најважните работи во клубот.

„Многу внимание им посветивме на дисциплината, на правилниот развој, како и на почитта спрема другите, спрема повозрасните и спрема околината. Во клубот сакаме да креираме личности, не само ракометари. Нема поубаво чувство од тоа кога ќе видиш среќни деца, па затоа следната сезона ќе се прошириме. Заинтересираноста постојано се зголемува. Ќе се обидеме во повеќе училишта да отвориме свои секции, да станеме достапни за што повеќе деца“, вели Котески.