Вести
РК АЛКАЛОИД БЕЗ БОДОВИ И ВО ВТОРИОТ ГРАДСКИ ДУЕЛ
РК ВАРДАР 1961 – РК АЛКАЛОИД 24-21 (12-11)
Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 1.000. Судии: Михајло Илиевски и Методија Илиевски. Делегат: Ацо Николовски.
РК ВАРДАР 1961: Томовски, Гогов, Јагуриновски 2, Аларов, Георгиевски 2, Карапалевски 1, Јасухира 8, Родригез 3, Лазаревски 1, Гојковиќ, Срдановиќ 1, Николиќ 2, Петриќ 3, Ѓукиќ 1, Мело, Мишевски.
Седмерци: 5/5. Исклучувања: 10 мин.
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајкоски, Џонов 1, Петров, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис 1, Стојковиќ, М. Митев 5, Велковски, Симоноски 2, Бинго 2, Д. Митев 5, Савревски, Димовски 2.
Седмерци: 5/6. Исклучувања: 14 мин.
Градското дерби започна со доста добра игра во одбраната на двете страни и мал број на голови. Во воведните минути од првиот дел, нашиот тим имаше предност од два гола, беше 1-3 и 3-5, но потоа Вардар заигра подобро во одбраната и фати приклучок во натпреварот.
Домашниот тим во еден момент ги казни нашите грешки во нападот, па имаше и 10-8 во вториот дел од првото полувреме. Меѓутоа, на пауза замина со еден гол предност затоа што на семафорот стоеше 12-11. Расположен кај противникот беше и голманот Мартин Томовски со пет интервенции, наспроти две на Благојче Трајкоски.
По десет минути во второто полувреме резултатот беше 15-14 за Вардар 1961, а проблем за нашиот тим беше третото исклучување и црвениот картон за Марко Стојковиќ. Разликата од еден гол стоеше и понатаму (18-17, па 19-18), а во константна предност од еден до два гола беше Вардар, поради две исклучувања кај нашиот тим на влезот во последните десет минути. Клучен гол затоа што бодовите отидоа на контото на ривалот беше оној на Јапонецот Јасихура, за 23-20.