Вести

РК Алкалоид фокусиран на обврските во Европскиот Куп на ЕХФ

-->

РК Алкалоид ја почнува својата втора европска сезона. По ланскиот настап во ЕХФ Европската лига во која ја запиша својата историска прва победа, а и првиот освоен бод на гости, сезонава РК Алкалоид ќе се натпреварува во ЕХФ Европскиот Куп.

РК Алкалоид има амбиции да стигне колку што може подалеку во овие нокаут двобои, а почнува со дуел со литванскиот вицепрвак Клаипеда Драгунас. Тоа е клуб што годинава има шампионски амбиции, за таа цел ангажираше и тренер од Шпанија, а во ЕХФ Европски Куп исто така има амбиции да стигне што подалеку. Нашиот клуб одржа прес-конференција, на која пред медиумите говореа тренерот Кирил Лазаров и капитенот Игор Ѓорѓиев.

Кирил Лазаров: „Се наоѓаме пред еден нов предизвик во Европскиот куп. Конкретно, имаме еден ривал кој што можеби е неатрактивен за нас, но е доста опасен. Се работи за незгодна школа, тим кој оваа година е воден од шпански тренер и полека од материјалите се гледа напредокот на Клаипеда. Ако направиме споредба, мислам дека, да не претерам, тие се подобри за 35% и затоа сум доста внимателен во најавите, заедно со мојот тим и со моите играчи, затоа што системот на играње е дома-гости, не е групна фаза и треба да се биде доста претпазливи. Од она што го имаме како информација, се работи за тим кој дава многу голови, над 40 гола во поголемиот дел од натпреварите. Ривалот игра во силен ритам, без разлика на противникот. Ние сме цврсто на земја заедно со играчите, добро се подготвуваме и можам да ветам дека нема да го потцениме противникот. Очекувам квалитетен меч, убав ракомет за око. Испраќам покана до навивачите, да дојдат во салата Автокоманда и да бидат поддршка на овој млад и македонски тим“

Игор Ѓорѓиев: „По одличниот старт на сезоната каде имаме седум победи, ни следува натпревар во Европскиот Куп каде имаме за противник екипа од Литванија. Го анализиравме противникот во изминатиот период, ние како екипа имаме искуство во Европската лига од лани, но оваа година ќе играме Европски Куп каде системот е поразличен. Првиот меч ни е дома, играме пред нашата публика, а кога играме дома секогаш сакаме да сме најдобри. Како капитен тврдам дека екипата е спремна, ростерот ни остана ист од лани, збогатен со неколку играчи. Ја повикувам јавноста да ни даде поддршка и се надевам на победа“

РК Алкалоид пред првиот европски предизвик се наоѓа во добар натпреварувачки ритам. Во домашното првенство го освои Суперкуп пехарот, а во суперлигата има седум победи од седум одиграни натпревари, меѓу кои и победа на дерби меч со вицепрвакот Вардар 1961.

Инаку, Европскиот Куп на ЕХФ како натпреварување се игра по поинаков систем од Европската Лига. Во овој Куп, беа вкупно 74 екипи од кои 64 се пласираа во второто коло и тие ќе играат елиминациски двобои се додека не се добие новиот шампион. Актуелен победник е екипата на Валур која во ланското финале беше подобра од грчкиот Олимпијакос. Исланѓаните нема да го бранат пехарот, тие сезонава играат во ЕХФ Европската лига, а Олимпијакос и сезонава е во ова натпреварување.