Вести

Лазаров: Одиме на победа и на вториот меч

-->

РК Алкалоид денеска во литванскиот град Клаипеда ќе се обиде да стигне до својата прва европска победа на гостински терен. На првата средба во Скопје, РК Алкалоид славеше убедлива победа од 11 гола разлика (42-31), но целта не е само да се одбрани разликата и да се обезбеди пласман во следното коло, туку да се извојува уште една победа над брзата екипа на Клаипеда Драгунас.
Екипата од вчера е во Литванија, одработи еден тренинг во салата во која ќе се игра натпреварот и се запозна со амбиентот во домот на литванските „змејови“.
Стручниот тим и ракометарите се оптимисти во поглед на исходот на реванш натпреварот, без оглед што имаа напорна недела во која веќе одиграа два меча, а сега одново ги чека наттрчување со литванскиот состав и тоа во нивната сала.
Натпреварот почнува во 15:00 часот.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ, ТРЕНЕР НА РК АЛКАЛОИД
Очекувам тежок натпревар затоа што во шест дена ќе играме три натпревари и тоа не какви било, туку два натпревари од Европски Куп и еден дерби меч со Еурофарм Пелистер, а имаме едно долго патување. Свесен сум дека нема да биде лесно. Имаме хендикеп со повредата на Никола Костески, тоа треба да го споменеме. Внимателен сум, затоа што публиката во Автокоманда, виде, имаме за противник екипа што сака да игра, сака да се наттрчува цел натпревар. Анализиравме и видовме дека во 48 минута беше само шест разлика, а во 54 беше 13 разлика. Можеше да биде поинаку, можеби малку е нереален резултатот.
Имаме голема залиха, но тоа не треба да не опушта, ќе се потрудиме да бидеме квалитетни и да одиме на победа, тоа ни е целта.


Ќе биде доста неизвесно до крај, посакуваме победа, но ќе мораме да ја заслужиме. Ќе треба добро да се испотиме за да победиме, а тоа нема да биде едноставно, затоа што, реков, за шест дена играме трет силен натпревар, а имавме и долго патување. Момците се спремни, но и се исцрпени, затоа што одиграа два одлични натпревари и малку се емотивно истрошени по радоста што ја имаа по двете средби.
Ќе треба многу да трчаат, свесни сме за тоа во стручниот штаб и ќе направиме сѐ за да излгедаме добро и да победиме и сега.

ИВАН ГАЛЕВСКИ, РАКОМЕТАР НА РК АЛКАЛОИД
Победата од првиот меч од 11 гола разлика е голема, но не мора да значи ништо за тоа кој ќе победи на реванш мечот. Драгунас е квалитетна екипа што трча 60 минути и сигурно ќе бидат дополнително мотивирани по високиот пораз во Скопје.
Затоа ние ќе бидеме максимално фокусирани, мотивирани и сконцентрирани. Нема да браниме разлика, туку ќе одиме на победа, како и секогаш така и на овој натпревар.