Вести

РК Алкалоид без бодови од гостинското дерби

-->

РК ВАРДАР 1961 – РК АЛКАЛОИД 29-27 (15-13)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски. Делегати: Драган Начевски и Душко Камишевски

РК ВАРДАР 1961: Еспиња, Гогов, М. Стојановски 1, Јагуриновски 1, Аларов, Т. Стојановски, Георгиевски 1, Танкоски 1, Коиј 2, Горига 7, Срдановиќ 6, Николиќ 4, Петриќ 2, Маргели 2, Ќосевски, Борозан 2
Седмерци: 4/7 Исклучувања: 10 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 4, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис, Стојковиќ 2, Митев 5, Ѓоргиев 2, Велковски, Симоноски 4, Бинго 1, Франциско 1, Петковски 3, Савревски
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 10 мин.

По 14 официјални натпревари од почетокот на сезоната на кои триумфираше, РК Алкалоид вечерва прв пат не успеа да победи. Тоа се случи на дерби мечот од македонската ракометна Суперлига, на гостински терен кај РК Вардар 1961.

Домашниот состав подобро го почна натпреварот и успеа да поведе со 5-2, но брзо се вратија ракометарите на РК Алкалоид и израмнија на 6-6, по што натпреварот доби ритам игра “гол за гол“.
РК Алкалоид го презема водството во вториот дел на полувремето, поведе со 11-9, но во финишот имаше нов пресврт и на пауза се замина со резултат 15-13 за РК Вардар.

Во второто полувреме РК Алкалоид одново фати резултатски приклучок, израмни на 19-19 и имаше неколку шанси да премине во водство и да ја преземе контролата врз резултатот.

Но, во желбата да направат пресврт нашите ракометари во неколку наврати избрзаа, не ги искористија убавите шанси што им се отворија во клучните моменти од натпреварот, а такви имаше неколку и на крајот натпреварот заврши при резултат 29-27.

РК Алкалоид и натаму останува на првото место на табелата со ист број на бодови, но со подобра гол разлика и подобар меѓусебен скор од РК Вардар 1961.
Следните натпревари за РК Алкалоид се од Европскиот ЕХФ Куп. Во петок и во сабота во „Автокоманда“ се среќаваме со австрискиот претставник Вест Виен.