Вести
РК Мулти Есенс победи на големото дерби
РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК АЕРОДРОМ 28-26 (14-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓе Василевски и Блаже Михајлов. Делегат: Мамер Реџепи
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски, Грујевски, Д. Узунчев 8, Тричковски 1, Омерагиќ 4, Велков, Ерманоски, Младеновски, Т. Узунчев 1, Продановски, Јорданов 9, Карасманакис 4, Костовски, Георгиевски, Иванов 1,
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.
РК АЕРОДРОМ: Богдановски, Кизиќ, Пајкоски 4, Бучуковски 3, Бошковски 3, Миревски 4, Костов 2, Петровски, Таневски, Олтовски 2, Стојановски, Трифуновски 4, Неданоски, Василев, Анакиевски, Петрески 3
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.
РК Мулти Есенс ја забележа својата 12 победа од 12 одиграни натпревари. Ова е една од највредните победи затоа што е извојуван над директен ривал во битката за влез во Суперлигата – РК Аеродром.
Интересен и возбудлив натпревар одиграа екипите на РК Мулти Есенс и РК Аеродром. Двата тима се на врвот на листата на фаворити за влез во суперлигата, а денешниот меч беше потврда дека и двете екипи имаат потенцијал да се натпреваруваат во најсилната конкуренција и да донесат нови моменти во македонскиот ракомет, со оглед на тоа дека знаат да играат брз ракомет.
Почетното водство на РК Мулти Есенс од 4-2, гостите со серија од 4-0 го претворија во водство од два гола разлика за нив. Предводени од Олег Јорданов, ракометарите на РК Мулти Есенс брзо го возвратија ударот и поведоа со три гола разлика (11-8).
На полувреме резултатот беше 14-12 за РК Мулти Есенс, а во вториот дел одново стигнавме со плус три (17-14), по што следуваше израмнување на 18-18, па уште една домашна серија за водство од 22-19. Потоа имавме и водство од 24-21 во 49 минута од мечот.
Гостинскиот состав успеа да израмни одново на 25-25 во 56 минута од натпреварот. Нашиот тренер, Бранислав Ангеловски по ова побара минута одмор, а потоа со головите на Омерагиќ и Тричковски на двапати се враќавме во водство.
Клучен момент во финишот беше одбраната на Ѓорѓи Ерманоски на минута и пол до крајот при резултат 27-26, по што следеше гол од Димитар Узунчев со кој ја зачувавме разликата и запишавме нови три бода.