Вести

РК Мулти Есенс пропушти шанса да освои бодови во Прилеп

РК ПРИЛЕП – РК МУЛТИ ЕСЕНС 34-31 (16-19)
Сала: „Р.Р. Ричко“ во Прилеп. Судии: Благојче Тодоровски и Димитар Митревски. Делегат: Илија Цветкоски
РК ПРИЛЕП: Ацевски, Кастратовиќ 7, Рајатовски 7, Бикоски 4, Ангелески, Велески 1, Бурчески 1, Цветаноски 4, Шабановиќ 6, Трајкоски, Трајчевски, Квастек 4
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 8 мин,
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 8, Костовски 1, Илиески 7, Д. Узунчев 1, Трајчев, Василевски, Тодески, Т. Узунчев, Димовски 7, Јорданов 3, Карасманакис 4
Седмерци: 6/6 Исклучувања: 10 мин.

РК Мулти Есенс одигра меч во Прилеп што ги имаше сите елементи на дерби. Бодовите останаа за домашниот состав кој запиша победа од 34-31, иако нашиот тим имаше реална шанса резултатски да помине подобро.
РК Мулти Есен водеше со три гола разлика на полувреме, на пет минути до крајот беше нерешено, но невнимание во одбраната, две грешки во реализацијата во периодот кога се кршеше резултатот го однесоа натпреварот во поинаков правец.

Нашиот тим во првиот дел имаше контрола и водеше со три гола разлика, а на одмор се замина со резултат 19-16. Но, предолг беше периодот без постигнат гол во второто полувреме, а домашните успеаја да направат серија и да поведат со 24-21. Во последните 10 минути, нашиот тим успеа да израмни (26-26), потоа уште во неколку наврати израмнуваше пред средбата да добие тек што им одговараше на домашните.

Вести

Продолжи победничката низа на РК Алкалоид

РК СТРУГА – РК АЛКАЛОИД 17-29 (8-15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески. Контролор: Драган Начевски
РК СТРУГА: Тутенкоски, Мулиќ 2, Савески 1, Младеновски 3, Ѓорѓиески, Кленкоски, Симоноски 1, Матески, Велјаноски 1, Ф. Мечкароски 1, Костоски, Маркоски 3, Бошњак 5, С. Мечкароски, Гускароски, Рикановиќ
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.

РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, Џонов 4, Младеновиќ 4, Серафимов 3, Стојчевиќ 3, Стојковиќ 2, Ѓоргиев 2, Велковски, Омерагиќ, Бинго, Кофилоски 1, Д. Митев 3, Савревски 4
Седмерци: 0/1 Исклучувања: 8 мин.


РК Алкалоид вечерва ја оправда фаворитската улога и ја совлада екипата на Струга во првенствениот меч од Суперлигата.
Ова беше 12 победа од 12 одиграни натпревари во оваа фаза од шампионатот. До крајот, остануваат само уште две кола, по што екипите ќе бидат поделени во Плејоф и Плејаут шампионатите.

Денеска покрај повредениот Александар Петковски, беше поштеден и Марко Митев кој е сѐ уште ровит. Екипата на Струга беше рамноправен противник во првиот дел од полувремето, но РК Алкалоид влезе во подобар ритам, направи серија од 5-0 и водството од 9-7 го претвори во решавачка предност од седум гола (14-7).


На крајот на првиот дел резултатот беше 15-8, а немаше поголеми резултатски промени и во второто полувреме. Во овој дел од мечот, РК Алкалоид поведе со 20-11, малку подоцна имаше и за прв пат двоцифрена предност (24-14). До крајот на натпреварот, нашиот тим рутински ја одржуваше дистанцата и ги запиша планираните три бода.

Следниот предизвик на нашиот тим ќе биде европски. Во вторник, во рамките на петтото коло од EHF Европската лига, РК Алкалоид ќе му гостува на тимот на РК Војводина.

Вести

РК Војводина е новиот гостински предизвик на РК Алкалоид

Се ближи и крајот на првата европска сезона на РК Алкалоид во која нашиот клуб е македонскиот претставник во групната фаза на EHF Европската лига.
Пред РК Алкалоид има само уште два европски предизвика. Во вторник во Нови Сад, нашиот тим ќе се сретне со екипата на РК Војводина, а седум дена подоцна на затворањето на групната фаза и воопшто на есенскиот дел од европската клупска сезона, во Скопје ќе играме против шпанскиот тим Логроњо Ла Риоха.

Последното европско гостување на РК Алкалоид е во Србија. Нови Сад и нивната позната „Слана бара“ ќе го пречекаат нашиот тим.
Улогата на фаворит, но и резултатскиот притисок се на страната на домашниот клуб. Војводина мора да освои минимум бод од дуелот со РК Алкалоид за да го верификува пласманот во групната фаза. Во спротивно, разврската ќе биде префрлена во последното коло.

Нашиот тим, пак, нема резултатски притисок, освен тој што го носи реномето на клубот и желбата да се направи подобра промоција пред новосадската и генерално пред целата ракометна публика. Тоа е убав предуслов да се одигра послободно и да се остави посилен впечаток. Секој евентуален резултатски успех било тоа да е освоен бод или победа, ќе биде голем плус за зголемување на самодовербата и уште еден елемент плус вграден во системот што трпеливо и макотрпно се гради во „Автокоманда“.

Натпреварот ќе се игра во вторник со почеток од 18:45 часот, а директно ќе биде пренесуван на МТВ-3 и на ТВ Арена Спорт.

Вести

Митев: Добиваме искуство, ќе бидеме похрабри и подобри

РК Алкалоид го одигра и четвртиот меч од EHF Европската лига. Гостувавме кај првиот фаворит во групата данскиот Бјерингбро – Силкеборг, а иако рековалесцент, нашиот централен бек Марко Митев одигра одлична партија и беше најдобриот стрелец со девет погодоци од девет шутеви.

„Овој натпревар за мене, а верувам и за сите мои соиграчи е од огромно значење за тоа што нѐ чека понатаму. Сметам дека иако не го добивме овој натпревар, добивме многу на искуство и сметам дека понатаму ќе бидеме и подобри и сѐ похрабро ќе влегуваме на вакви големи и значајни натпревари.
Секоја чест за противничката екипа. И на возвратниот меч се покажа и докажа дека искуството на европската сцена значи многу, а играчите на Силкеборг го имаат многу повеќе од нас.
Овие натпревари ги гледам како можност за мене и моите соиграчи да напредуваме, да го градиме и усовршуваме нашиот стил на игра“, изјави Марко Митев.

Вести

РК Алкалоид не успеа да изненади во Данска

БЈЕРИНГБРО СИЛКЕБОРГ – РК АЛКАЛОИД 35-31 (17-16)
Јуск Арена во Силкеборг. Судии: Јап Кломпер и Коен Стубе од Холандија. Делегат: Кристијан Халдорсон
БЈЕРИНГБРО СИЛКЕБОРГ: Ловквист (17 одб 1 сед) Халбек 6, Илсо, Болдсен 6, Орис 6, Лауге, Лингард 1, Фриден 4, Тофт Хансен, Богојевиќ 4, Балинг 4, Вибе, Бјеринг, Солстад 4, Кнудсен, Санд
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 6 мин.
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски (5 одб), Галевски (4 одб), Џонов 4, Маркоски 1, Серафимов 4, Стојчевиќ, Стојковиќ 3, М. Митев 9, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Омерагиќ, Бинго 4, Кофилоски, Д. Митев, Савревски 2
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид го одигра и својот четврти натпревар во EHF Европската лига. Вечерва како гостин во Силкеборг, нашиот тим одигра меч во кој рамноправно се надигруваше со данскиот состав, на нивни терен, но имаше и еден лош период на почетокот на вториот дел по кој натпреварот доби тек каков што му одговараше на противникот кој на крајот и ги освои бодовите со резултат 35-31.

Домашниот состав на крилјата на голманот кој имаше 10 успешни интервенции во воведните 15 минути, ја казни серијата на промашувања на нашиот тим на почетокот на натпреварот и поведе со 7-3.


Но, се вративме во игра со трпелива игра во одбраната и постојано притискање со транзиција кон нивата дефанзивна линија.
Намали на 8-9 нашиот состав, потоа успеа да стигне и до израмнување од 13-13, 15-15, 16-16, а на одмор се замина со резултат 17-16 за домаќините.

Почетокот на второто полувреме беше фатален за нашиот состав и му даде поинаков тек на натпреварот. Слаба реализација комбинирана со технички грешки во првите осум минути во кои не постигнавме погодок, а примивме пет го одведоа Силкеборг до водство од шест гола разлика (22-16).


Потоа следеше долгиот период на враќање во игра.
Покажа карактер нашиот тим, не се помири со негативата и постојано притискаше. Стигнавме на негатива од три гола разлика со шанса средбата да стана подраматична, но домашните успеаја играјќи „7 на 6“ во еден период да го запрат нивниот пад во нападот и да се одржат во игра додека да истече времето.

Вести

Секунди го делеа РК Мулти Есенс од бод против Т. Пролет

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ПРОЛЕТ 62 31-32 (17-16)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Контролор: Игор Огненов
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 6, Костовски, Илиески 5, Д. Узунчев 3, Петрески, Трајчев, Трајковски, Василевски, Т. Узунчев, Димовски 7, Јорданов 6, Карасманакис 3
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 8 мин.
РК ПРОЛЕТ 62: Петковски, Јовановски, Крстески, Пецаковски, Василевски 3, Кочаров, Димов, Андоноски 5, Мајнов 6, Димковски 1, Стојановски 1, Јачев, Михаљевиќ, Палевски 5, Арсеновски 8
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.

РК Пролет беше посреќниот тим вечерва во Автокоманда и успеа со звукот на сирената да ги освои трите бода од дуелот со РК Мулти Есенс.
Гостинскиот состав важеше за фаворит, но нашиот млад тим одигра одличен натпревар и не само што не беше во подредена улога, туку во финишот на мечот имаше и водство и реална шанса да освои не само бод, туку комплетните три.

Гостите водеа во првиот дел, имаа стартни 5-2, но РК Мулти Есенс израмни на 8-8 потоа го презема водството и на полувреме имаше гол предност (17-16).
Во вториот дел гостите одново имаа гол до два предност, но постојано беше блиску и притискаше нашиот тим.


Конечно, по резултат 25-25, во водство премина РК Мулти Есенс. Имавме водство од 27-26, 29-28, а потоа во финишот РК Мулти Есенс напаѓаше за израмнување.
По последните 10 секунди, со гол од цепелин РК Мулти Есенс израмни на 31-31, но напаѓаше без голман поради исклучен играч.
Замената не се изврши доволно брзо за голманот да стигне во својот простор и РК Пролет со шут од центарот на игралиштето на празна мрежа успеа да погоди и победи.