Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС Е КАДЕТСКИ ШАМПИОН НА МАКЕДОНИЈА!

Квалитетната работа, пожртвуваноста и професионализмот вметнат во секојдневната работа од најмлади категории денеска беа наградени на теренот.
Нашата кадетска екипа, РК Мулти Есенс е нов првак на Македонија. Во финалето на Фајналфор турнирот што се одржа во „Автокоманда“, нашиот тим ја совлада екипата на РК Струга со 31-29 и го подигна победничкиот пехар. Претходно во полуфиналето, нашите кадети го совладаа и тимот на ЗРК Голден Арт со 33-24.


Фајналфор турнирот беше круна на настапите на овој наш кадетски состав. Во првенството, РК Мулти Есенс забележа победа на сите 18 одиграни натпревари, а потоа во 1/4 финалето го елиминираше и тимот на ГРК Охрид.
Вкупниот скор од 21 победа на 21 одигран натпревар сезонава е сатисфакција и потврда дека одиме по вистинскиот пат.
Нашите ракометари доминираа и во изборот на најдобрата постава на Ф4 турнирот. Голманот Стефан Јорданов, централниот бек Давид Јаневски и пикерот Јаков Трајковски беа одбрани во најдобрата постава, а Христијан Гурмешевиќ беше прогласен за најкорисен играч.

Вести

РК Алкалоид победи на последниот домашен меч

РК АЛКАЛОИД – РК Е. ПЕЛИСТЕР 2 29-27 (16-14)


Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегат: Камер Металари
РК АЛКАЛОИД: Цветковски, Галевски (19 одб), Џонов 4, Маркоски 1, Стојков 3, Младеновиќ 1, Серафимов 3, Илиески 3, Стојковиќ 2, Митев 3, Ѓоргиев, Симоноски 3, Омерагиќ, Тодески, Д. Митев, Савревски 5
Седмерци: 4/8 Исклучувања: 8 мин.


Е. ПЕЛИСТЕР 2: Ангелески, Мулиќ, Митревски 1, Јовановски, Димовски, Печурица, Димитровски 4, Талевски 4, Петровиќ 8, Ѓоргоевски 4, Ивановски 2, Буторац, Белистојановски 4, Ристевски
Седмерци: 1/4 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата десетта првенствена победа, вечерва, на последниот меч на домашен терен сезонава.
Нашиот клуб се сретна со екипата на Е. Пелистер 2 и прокнижи нови три бода со триумф од 29-27.

Средбата беше резултатски израмнета во поголемиот дел, а тренерот Кирил Лазаров во ротацијата им даде шанса на повеќе играчи. Предноста на РК Алкалоид по првото полувреме изнесуваше два гола разлика (16-14), а по израмнетиот старт на второто полувреме, нашиот тим влезе во подобар ритам и по нерешените 18-18 со серија од 5-0 дојде до водство од 23-18 што практично значеше и победа.
Водеше Алкалоид и со 28-22, пред гостинскиот состав, во самиот финиш, да ја намали разликата, но без реална опасност за нашата победа.

Голманот Иван Галевски со 19 интервенции го одбележа овој натпревар. Десниот бек Давид Савревски со пет постигнати гола беше најефикасниот играч во нашиот тим.

Во последното коло, на гостински терен, во меч за второ место на табелата ќе играме против екипата на Вардар 1961.

Вести

РК Мулти Есенс и РК Аеродром ги поделија бодовите од дербито

РК АЕРОДРОМ – РК МУЛТИ ЕСЕНС 27-27 (14-17)

Екипата на РК Мулти Есенс во претпоследното коло од шампионатот одигра нерешено 27-27 со екипата на РК Аеродром на меч што беше дерби на колото, воопшто и во овој дел од првенството.
Нашиот тим пред две кола го подигна шампионскиот пехар и го верификуваше пласманот во повисокиот ранг, а на натпреварот со Аеродром играше за задржување на низата на победи.


РК Мулти Есенс го контролираше резултатот во текот на целиот натпревар, во второто полувреме водеше и со четири гола разлика (21-17, 22-18), но во финишот, домашните успеаја да израмнат. Последниот напад беше за нашиот тим, но домашните се одбранија со истекот на времето.
РК Мулти Есенс и натаму е единствениот клуб во прволигашката конкуренција без пораз, сега со нов скор од 16 победи и еден нерешен резултат.
До крајот на првенството, нашиот клуб ќе одигра само уште еден меч, со третопласираниот тим на РК Драчево на домашен терен во „Автокоманда“.

Вести

Продолжува доминацијата на РК Мулти Есенс

РК МУЛТИ ЕСЕНС – ЗРК ГОЛДЕН АРТ 30-21 (17-6)


Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Илија Давидовски и Бобан Стојановски. Делегат: Митко Ѓоргиевски
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски, Димевски 5, Грујевски 1, Димитриевски 2, Д. Узунчев 2, Тричковски 1, Омерагиќ 5, Велков, Ерманоски, Т. Узунчев 2, Продановски, Јорданов 4, Карасманакис 2, Ниновски 1, Костовски 4, Георгиевски 1
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 4 мин.
ЗРК ГОЛДЕН АРТ: Спасовски, Каракалашев, Глигоров 2, Стојменов 1, Стаменковиќ 4, Стефков, Стојаноски 4, Трајков, Ангелески 3, Божиновски 2, Петроески, Терзиевски, Сиљанов 2, Лешникоски 2, Ашталкоски 1
Седмерци: 1/1 Исклучивања: 4 мин.

РК Мулти Есенс ја продолжи доминацијата во првенството со 16 победа од исто толку одиграни натпревари. Нашиот тим кој на три кола до крајот веќе е првак во годинешната сезона и иден член на Суперлигата, беше подобар од екипата на ЗРК Голден Арт и запиша убедлива победа од 30-21.

Без оглед што веќе го добија шампионскиот пехар, ракометарите на РК Мулти Есенс беа мотивирани и на денешниот меч и сите дилеми околу победникот ги отстранија уште во првото полувреме кое го добија со 17-6. Во вториот дел се играше поопуштено, но дистанцата постојано беше голема, а победата не беше ставена во ризик во ниту еден момент од натпреварот.

До крајот на првенството остануваат уште две кола во кои нашиот тим ќе игра против екипите на РК Аеродром и на РК Драчево.

Вести

РК Алкалоид заврши со настапот во Купот на Македонија

РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961   22:31 (9:14)


Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегати: Ацо Николовски и Марјан Начевски
РК АЛКАЛОИД: Трајковски, Галевски, Џоноц 1, Младеновиќ 1, Маркоски 1, Серафимов 6, Илиески, Стојковиќ 3, М. Митев 3, Ѓоргиев 2, Симоноски 1, Омерагиќ 1, Кофилоски 1, Петковски, Д. Митев, Савревски 1
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 4 мин. 


РК ВАРДАР 1961: Томовски, Манасков 12, Јагуриновски 1, Стоилов 1, Аларов 1, Моралес 2, Георгиевски 6, Добрковиќ, Карапалески 1, Лазаревски 3, Талески 3, Дутра 2, Ѓукиќ, Атанасовски, Мишевски
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 6 мин. 

РК Алкалоид својот настап во Купот на Македонија, сезонава го заврши со натпреварот од полуфиналето на фајналфор-турнирот од ова натпреварување. 
Нашиот тим во полуфиналето се сретна со екипата на Вардар 1961. Средбата во воведните 10 минути беше резултатски израмнета (5-5), а потоа нашиот тим влезе во период во кој имаше комбинирано технички грешки, слаба реализација, дури и на шутеви од чисти позиции и противникот тоа го искористи и направи резултатска серија од 6:0. 
Ова беше клучниот период од натпреварот и го одреди целиот ритам на мечот и играчки и резултатски. Нашиот тим воспостави рамнотежа, но не успеа да ја анулира предноста на противникот. На полувреме беше 9-14, а во вториот дел успеавме да се вратиме во игра 19-22, 21-24. 


Но, одново имавме пад на концентрацијата и противникот се одвои на недостижна разлика. 

За РК Алкалоид сега остануваат уште двата натпревари од домашното првенство. На домашен терен играме со Е. Пелистер 2, а потоа во битка за второто место, одново ќе играме со РК Вардар 1961, на гостински терен. 

Вести

РК Мулти Есенс е нов суперлигаш!

РК МЕТАЛУРГ РА – РК МУЛТИ ЕСЕНС 25-30 (11-13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Василевски и Блаже Михајлов. Делегат: Митко Ѓоргиевски
РК МЕТАЛУРГ РА: Ангеловски, Божиновски 3, Георгиевски 2, Јанкуловски, Филиповски 3, Аксентиев, Пановски 1, Ристовски 1, Стојчевски, Ивчески, Гилев 2, Наумовски 13

Седмерци: 6/7 Исклучувања: 8 мин.
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски, Димевски 3, Грујевски 1, Димитриевски, Д. Узунчев 4, Тричковски 7, Омерагиќ 3, Велков, Ерманоски, Младеновски 1, Т. Узунчев 1, Продановски 4, Јорданов 4, Карасманакис, Костовски 2, Георгиевски
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 12 мин.

Екипата на РК Мулти Есенс го совлада тимот на РК Металург РА како гостин (30-25) и ја запиша својата 15 плејоф-победа од исто толку одиграни плејоф натпревари.

Со овој триумф нашиот тим на три кола до крајот изгради недостижна предност пред ривалите и го освои првото место во првенството кое носи и директен пласман во повисок ранг, односно во Суперлигата во следната сезона!
За одбележување е што нашиот тим немаше пораз не само во плејоф разигрувањето, туку и низ текот на целата сезона и вкупниот број на победи е 23 од 23 одиграни натпревари.

По завршувањето на натпреварот, генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Филип Милошевски на нашите играчи им ги врачи златните медали и шампионскиот пехар за освоеното прво место во Првата лига!