Вести

РК Мулти Есенс ја продолжи низата победи

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК БИСИНОВ ФРУИТ ЛЕНД 47:24 (24:11)


Сала: „Гемиџии“ во Велес. Судии: Марко Огњановски и Дамјан Савиќ. Контролор: Владимир Саздовски


РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 3, Грујевски 3, Димитриевски 3, Д. Узунчев 11, Тричковски 2, Омерагиќ 3, Младеновски 2, Т. Узунчев 6, Карасманакис 6, Ниновски, Костовски 8, Георгеивски, Трајчев, Иванов
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.


РК БИСИНОВ ФРУИТ ЛЕНД: Велковски, А. Ристевски 4, Вељановски, Миланов, П. Ристевски 7, Иванов 3, Пранговски, Славков, Дамески 4, Ѓошевски, Иванчевски, Славевски 4, Заров, Кузмановски 1, Мазнев 1
Седмерци: 3/6 Исклучувања: 14 мин.

РК Мулти Есенс денеска го подобри својот рекорд кој по дуелот со екипата на РК Бисинов Фруит Ленд во Велес, изнесува 14 победи од 14 првенствени натпревари.

Натпреварот со велешката екипа се играше во салата „Гемиџии“, а нашиот тим имаше резултатска предност уште од почетокот на натпреварот. Домашниот состав во првата фаза од натпреварот успеваше да парира и резултатот иако контролиран од РК Мулти Есенс не беше висок.


Нашиот тим водеше 11-9 кога ја почна серијата која комплетно го смени текот на натпреварот. РК Мулти Есенс направи серија од 13-2 до крајот на првиот дел и на пауза се замина со резултат 24-11.

Во второто полувреме беше продолжена доминацијата, разликата растеше постојано за конечно средбата да заврши со победа од 47:24 и нови три бода со кои РК Мулти Есенс сега има на салдо вкупно 42 бода. На две кола до крајот, РК Мулти Есенс веќе има обезбедено пласман во плејоф-разигрувањето за пласман во Суперлигата.

Вести

Победа на дербито за трето место на табелата

​ГРК ОХРИД – РК АЛКАЛОИД 26:32 (14:14)


Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Гледачи: 2000 Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Делегат: Драган Начевски
ГРК Охрид: Речкоски, К. Андоновски, Цејовиќ, Рустамов 1, Дрогришки 5, Кочоски, Д. Андоновски, Василевски, Ристески, Тасески 1, Вјештица 1, Шешиќ 6, Каракоч 4, Бојаниќ 5, Бојаниќ 5, Цирар 3
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 4 мин.


РК Алкалоид: Трајковски, Галевски, Петров 5, Маркоски 3, Стојков, Младеновиќ 2, Серафимов 3, Стојковиќ, Митев 2, Ѓоргиев 4, Иваноски 1, Симоноски 2, Кофилоски 3, Петковски 2, Савревски 1
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид извојува многу важна победа на гостувањето кај ГРК Охрид во дерби натпреварот од четвртото коло во плејоф-шампионатот на македонската Суперлига.
Ова е втора победа на РК Алкалоид со која се искачи на третото место на плејоф табелата со девет освоени бодови.
Динамичен натпревар се одигра во Охрид во кој во првото полувреме резултатот постојано беше тесен. Домашните почнаа подобро и поведоа со 4:1 и 5:2, но РК Алкалоид брзо се врати во игра и израмни на 6-6. Тоа беа минути во кои доминираше нашиот тим и со вкупна серија од 7:0 стигна до водство од 10:6.


Домашната екипа се врати резултатски во игра возврати со серија од 6:0 со која стигна до водство од 12:10. До крајот на полувремето се играше израмнето и на пауза се замина со резултат 14:14.

РК Алкалоид играше брзо, но и позрело во продолжението на натпреварот и поведе со два гола (17:15), а потоа и со четири гола разлика (20:16). Домашните уште еднаш успеаја да се вратат во игра и намалија на 23:24, по што следуваше нов добар период на РК Алкалоид, серија од 7:0 со која поведовме со 31:23 и до крајот без поголеми проблеми го задржавме водството за конечна победа од 32:26.

Вести

Прва плејоф победа за РК Алкалоид

РК АЛКАЛОИД – РК Т. ПРОЛЕТ 27:21 (12:9)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 600 Судии: Горан Ангелески и Рубин Седлоски. Контролор: Драган Начевски
РК Алкалоид: Трајковски, Галевски, Џонов 1, Петров 3, Маркоски, Стојков, Младеновиќ 5, Серафимов 5, Стојковиќ 1, Митев 4, Ѓоргиев 3, Симоноски, Кофилоски 3, Петковски 1, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 10 мин.


РК Т. Пролет: Петковски, Василевски 1, Пецаковски 3, Јовановски, Донев 2, Додевски 3, Димов 1, Андоноски 4, Мајнов, Димковски 4, Крстески 2, Стојановски, Фичорски, Михаљевиќ, Палевски 1, Спасовски
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата прва плејоф победа, откако на домашен терен беше подобар од екипата на Тинекс Пролет, со резултат 27:21.
РК Алкалоид беше подобар тим на теренот и го контролираше резултатот во текот на целиот меч. Иницијативата беше изразена од почетокот на натпреварот преку водство од 3:0, а единствениот пат на натпреварот кога гостинскиот состав успеа да израмни беше во десеттата минута (4:4).

Веднаш потоа, РК Алкалоид ја материјализираше својата побрза игра во нова предност од три гола разлика (7:4) и потоа постојано имаше предност од три до четири гола до крајот на полувремето (12:9).

Во второто полувреме, нашиот тим ја зголеми предноста на седум гола (20:13) и без многу резултатски осцилации ја одржуваше разликата за конечно да запише победа од 27:21.

Мартин Серафимов и Михајло Младеновиќ беа најдобрите стрелци во нашиот состав со по пет постигнати погодоци, а четири додаде Марко Митев.

Во следното коло, РК Алкалоид трет пат во плејоф-сезоната ќе гостува, овој пат кај екипата на ГРК Охрид.

Вести

РК Мулти Есенс запиша нова, тринаесетта победа по ред

РК КИЧЕВО 2020 – РК МУЛТИ ЕСЕНС 23 : 37 (11 : 12)
Сала: „Јанчица“ – Кичево. Гледачи: 250 Судии: Пеце Стефановски и Наум Танески. Контролор: Игор Станојоски
РК Кичево 2020: Михајлоски, Фичуроски 3, Јаневски 1, Тошев, Бошковиќ, Шипинкоски 9, Стефаноски 3, Кочески, Новески, Бурчевски, Јаковлевски, Цветаноски 1,  Јовановски 1
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 14 мин.

РК Мулти Есенс: Штаковски, Димевски 10, Грујевски 3, Д. Узунчев 10, Омерагиќ  3, Алексовски, Велков, Ерманоски, Младеновски 1, Т. Узунчев 4, Јорданов, Карасманакис  4, Ниновски, Костовски  2, Георгиевски, Трајчев
Седмерци: 6/7  Исклучувања: 10 мин

РК Мулти Есенс денеска како гостин ја совлада екипата на РК Кичево 2020 со убедлива разлика – 37 : 23 (12 : 11) – и ја зголеми за уште три бода разликата пред второпласираниот тим на РК Младост 1977. Таа сега изнесува 12 бода. 
РК Мулти Есенс денеска одигра мирно прво полувреме, во кое го контролираше резултатот, но разликата не беше поголема од еден гол, и трпеливо ја чекаше својата шанса. 
Првото полувреме заврши со резултат 12 : 11 за нашиот тим.


Во второто полувреме РК Мулти Есенс целосно контролираше сѐ на теренот. Во воведните минути постигна двојно повеќе голови од домашниот тим и поведе со 20 : 15. Неколку минути подоцна РК Мулти Есенс започна серија од 6 : 0, што заврши со голот за двоцифрено водство (28 : 18). По ова средбата беше рутински приведена кон крајот. 
Мал куриозитет: двајца наши ракометари постигнаа двоцифрен број голови. Димитар Узунчев и Давид Димевски постигнаа по 10 гола на оваа средба.

Вести

По изедначената битка бодовите останаа во Битола

РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР–РК АЛКАЛОИД – 27 : 25 (13 : 12)
Сала: „Боро Чурлевски“ – Битола. Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски
РК. Е. Пелистер: Лесјак, Ојлески 2, Кисум 5, Радовиќ 3, Танкоски 5, Хосни 2, Костески 2, Вилсон, Кукоски, Велковски, Петар Атанасијевиќ 2, Васиљев 6, Хенеберг, Павле Атанасијевиќ, Пешевски, Кизиќ
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 12 мин.
РК Алкалоид: Трајковски, Галевски, Џонов 3, Петров 2, Маркоски, Стојков, Младеновиќ, Серафимов 5, Илиески 5, Стојковиќ 2, Митев, Ѓоргиев 4, Иваноски, Симоноски, Петковски 3, Савревски 1
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 14 мин.

РК Алкалоид не успеа да освои бодови на дерби-гостувањето во Битола во дуелот со РК Еурофарм Пелистер. Нашиот тим беше подобар во поголемиот дел од првото полувреме, но завршницата им припадна на битолчани, кои ја презедоа предноста, а продолжија во ист ритам и во вторите 30 минути. Потоа успеаја да задржат водство на натпреварот, иако РК Алкалоид до последно имаше реални шанси да направи резултатски пресврт.


Нашиот тим имаше водство во поголемиот дел од првото полувреме (6 : 3, 8 : 6, 10 : 8), но домашните успеаја да направат пресврт, па на пауза се замина со резултат 13 : 12.
Во второто полувреме се водеше израмнета битка, во која домашните имаа два до три гола предност, но нашиот тим постојано беше блиску и се закануваше со пресврт. На самиот крај РК Алкалоид намали на минус еден (24 : 25 и 25 : 26), но последниот гол го постигна домашниот тим и мечот заврши со резултат 27 : 25.
Во следното коло РК Алкалоид за првпат во плејоф-шампионатот ќе игра на домашен терен, а противник ќе му биде екипата на РК Тинекс Пролет.

Вести

РК Мулти Есенс триумфираше на дербито во Богданци

РК МЛАДОСТ 1977 – РК МУЛТИ ЕСЕНС 27:31 (15:15)
Сала: „Млаз“ во Богданци. Судии: Сашо Јанкулоски и Мартин Јовановски. Делегат: Саше Јанкулоски
РК Младост 1977: Панов, Пеев, Атанасов 3, Каровски, Наумовски 1, Прчев 2, Ѓуриќ 3, Николоски 5, Паунков, Роглев 2, Гогов 2, Чрчев 4, Демерџиев, Каркалашев 4
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 4 мин.

РК Мулти Есенс: Ермоноски, Штаковски, Димовски 5, Димитриевски, Д. Узунчев 11, Омерагиќ 2, Алексовски, Велков 2, Т. Узунчев 3, Карасманакис 2, Ниновски 2, Костовски 2, Трајчев, Иванов 1, Тричковски 1, Младеновски
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 6 мин.

На одложениот натпревар од 14. коло, прв во продолжението на сезоната, РК Мулти Есенс забележа важна победа на гостувањето кај второпласираниот тим на табелата, РК Младост 1977.
РК Мулти Есенс славеше со 31:27 (15:15) во Богданци и ја зголеми бодовната разлика во однос на вториот на табелата на девет бода.

Натпреварот во Богданци го оправда епитетот дерби. Во најголем дел средбата беше резултатски израмнета, а двете екипи беа на ниво на задачата. Нашиот тим го контролираше резултатот од почетокот и имаше водство од два до три гола (5:3, 10:7), но во финишот на првото полувреме домашниот состав успеа да израмни и на полувреме се замина со резултат 15:15.

Во второто полувреме, РК Мулти Есенс одново ја презема контролата и поведе со два гола разлика (18:16, 20:18), а потоа со цврста игра во одбрана не дозволи РК Младост да се доближи. Напротив, одбраната овозможи и голови од контра напад, па разликата се зголеми на 26:23, 29:24, 30:25, за конечно, средбата да заврши со победа на РК Мулти Есенс од 31:27.

Овој натпревар е увертира за продолжението на сезоната во која РК Мулти Есенс има остварено 12 победи од 12 одиграни натпревари и веќе има обезбедено место во плејоф разигрувањето од каде што ќе се добијат и патниците во Суперлигата.