Вести
Голема дерби победа на РК Алкалоид
ГРК ОХРИД – РК АЛКАЛОИД 28-29 (16-16)
Сала: “Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Марјан Огњановски
РК Охрид: Миленковиќ, К. Андоноски, Цејовиќ, Рустамов, Костов, Цинзадѕе, Шипинкоски, Д. Андоноски 6, Василевски, Бошковски, Тасески 2, Кастратовиќ 1, Наумоски, Озтурк 9, Шешиќ 3, Бојаниќ 7
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 6 мин.
РК Алкалоид: Цветковски, Маркоски, Стојков, Младеновиќ 3, Серафимов 12, Илиески 2, Митев 4, Ѓоргиев 4, Галевски, Иваноски, Симоноски 1, Омерагиќ, Трајковски, Тодески, Кофилоски 2, Петковски 1
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.
РК Алкалоид запиша многу важна победа, над директниот ривал ГРК Охрид, како гостин во дербито на колото. Со оваа победа РК Алкалоид направи важен чекор напред и се издвои од конкуренцијата на второто место, пред директниот дуел со РК Вардар во следното коло.
РК Алкалоид го контролираше резултатот во првата фаза од натпреварот во Охрид. Водството не беше високо, гол-два, но беше постојано. Сепак, неколку пропуштени шанси за повисоко водство беа платени со пресврт и прво водство на Охрид (10-9).
По ова следеа неколку пресврта. Алкалоид поведе 11-10, потоа Охрид имаше водство од 12-11, па одново уште по еднаш се менуваа во водството, се до конечните 16-16 на полувреме.
Со фуриозна серија од 8-2 на почетокот на вториот дел, од резултат 16-16, Алкалоид стигна до водство од 24-18 и во оваа фаза натпреварот беше прекршен резултатот. Домашниот состав успеа да редуцира дел од предноста, дури и да се закани со пресврт, но во решавачките моменти РК Алкалоид беше присебен и не дозволи победата да биде доведена во прашање.