Вести

Литвански противник за РК Алкалоид во ЕХФ Куп

Во својата втора европска сезона РК Алкалоид ќе ја претставува Македонија во европскиот ЕХФ Куп, натпреварување што се игра по систем на елиминации, а стартува со 84 екипи кои денеска беа поделени во две кола и ги добија противниците за своите први елиминациски битки.

РК Алкалоид како најдобро рангирана македонска екипа од Македонија во ова натпреварување, почнува од второто коло, а во денешната ждрепка беше во улога на носител.
Првиот противник на РК Алкалоид во новата европска сезона ќе биде екипата на Драгунас Клаипеда од Литванија.
Драгунас (Змејови) е вториот најуспешен литвански клуб од осамостојувањето. Овој клуб во 2010 година ја прекина доминацијата на Гранитас Каунас кој освои 17 шампионски титули за 19 години. Шампионската ера на Драгунас траеше сѐ до првенството 2020 година кое беше прекинато поради Ковид. За тој период од 10 сезони, освоија девет шампионски титули.
Во 2021 на сцената се појави екипата на Швиеса и таа е литвански првак во последните три сезони. Во последната одиграна, пак, во финалето со 3-1 беа подобри токму од Драгунас.
Во клупската историја, Драгунас има освоено шампионски пехар и од Балтичката лига (2021). Во моментов тројца ракометари на Драгунас се на скратениот список на репрезентативци на Литванија. Четири позиции им се пополнети со странски ракометари. Голман, пивот и два леви бека, сите од Украина.

Натпреварите од второто коло во ЕХФ Куп ќе се играат во периодот од 19/20 октомври и 26/27 октомври возвратните натпревари. РК Алкалоид на првиот меч ќе биде домаќин во Скопје.

Вести

РК Алкалоид е победник на турнирот „Марко Божиновски“

Екипата на РК Алкалоид е победник на третото издание на меморијалниот турнир „Марко Божиновски“ што се одржа во Скопје.
Турнирот се игра во конкуренција на кадети, а годинава учесници беа осум екипи од кои три од странство. Нашиот тим беше во конкуренција со екипите на РК Бутел Скопје (34-25), РК Струга (29-22) и РК Морнар од Црна Гора (25-23).


По трите победи, РК Алкалоид се пласираше во финалето каде што се сретна со екипата на Коњух од БиХ која беше најдобра во конкуренцијата на Е. Пелистер, Вардар и романскиот Одорхеи.
Во финалето го контролиравме резултатот целиот натпревар, но противникот постојано беше блиски, а во последните 20 секунди беше актуелен резултат 27-27.
Постигнавме гол, потоа се одбранивме и со конечни 28-27 станавме победници.
Ова е втор пехар на РК Алкалоид на турнирот, го освоивме и второто издание на турнирот, одржано минатата година.

Вести

Заокруживме уште една успешна сезона!

Зад нас е уште една успешна сезона, трета по ред и резултатски најуспешна. Сезона во која се докажавме на сите полиња, прв пат и надвор од границите и го направивме посакуваниот чекор во стратегиската определба да растеме и напредуваме без да прескокнуваме скалила и да бараме полесен и пократок пат кон успехот.

Во сезоната што измина освоивме победнички пехари во сите возрасни категории, го имавме својот прв настап во Европа, во силната ЕХФ Европска лига и се радувавме на првиот освоен бод и на првата европска победа.

Првиот дел од сезоната го завршивме со максимални 14 победи и доминантно го освоивме првото место пред Плејоф разигрувањето. Во овој дел од сезоната настапивме и во ЕХФ Европската лига каде ги освоивме и првите бодови од дуелите со реномираната екипа со долга традиција од Шпанија, екипата на БМ Логроњо Ла Риоха.

Во Плејоф шампионатот на Македонија го освоивме третото место на конечната табела. Позиција од која одново следната сезона ќе играме во Европа, овој пат во ЕХФ Куп.

Најголемата сатисфакција и награда за количеството на вложен труд од сите структури во клубот, истрајноста и исправноста на определбата да се натпреваруваме со домашни ракометари ја добивме на крајот на сезоната.
Прво преку репрезентативниот настап на нашите ракометари кои покажаа дека има голем напредок и изнесоа голем товар во националниот тим кој обезбеди пласман на уште едно Светско првенство.
Потоа потврда за квалитетот добивме и на клупско ниво, во Куп на Македонија. Таму со победите над РК Вардар 1961 во полуфиналето и победата над РК Еурофарм Пелистер во финалето стигнавме до првиот пехар во сениорска конкуренција.

Голема сатисфакција добивме и од вложувањето и работењето со младите категории на играчи. По само три сезони, остваривме комплетна доминација во младинските категории.
Пионерите на РК Алкалоид се шампиони на Македонија, кадетите на РК Алкалоид се прваци на Македонија и младинскиот тим на РК Мулти Есенс е нов државен првак на Македонија.

Успеавме на цела плејада на млади ракометари да им всадиме професионални работни навики и победнички, шампионски ген и да ги внесеме во системот што се гради и надградува. Очекуваме нивниот пат да биде поплочен со успеси и на клупско и на репрезентативно ниво претставувајќи ја Македонија на големата сцена, почнувајќи од летово и настапите на ЕХФ Еуро во кадетска и јуниорска конкуренција.

Заокружуваме успешна сезона и веќе почнуваме со организација и надградба за следната година во која нѐ очекуваат низ нови предизвици. Ќе бидеме спремни за сите, ќе продолжиме по зацртаниот пат и ќе растеме од година во година.

Посебно им се заблагодаруваме на нашите фанови кои се сѐ побројни, ја полнат салата на сите натпревари и постојано ни даваат поддршка. Ви Благодариме и ви закажуваме повторно дружење во нашата сала во Автокоманда.

Вести

РК Алкалоид ја заврши сезоната на третото место

Е. ПЕЛИСТЕР – АЛКАЛОИД 32-28 (18-13)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Контролор: Марјан Начевски
Е. Пелистер: Лесјак 1, Гедбан 1, Манасков 6, Цехте 4, Кузманоски 1, Тајник 3, Борзаш 1, Танкоски, Радивојевиќ 6, Кузмановски 5, Петровиќ, Петар Атанасијевиќ, Ѓорговски, Васиљев 2, Пешевски 2, Павле Атанасијевиќ
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 8 мин.
АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, Џонов 2, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов, Карасманакис, Стојковиќ 2, М. Митев 6, Ѓоргиев 1, Велковски 3, Симоноски 4, Бинго 2, Д. Митев 6, Савревски, Димовски 2
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид ја заврши својата втора суперлигашка сезона со пласман на третото место во Суперлигата и освоен пехар од Куп на Македонија.
Вечерва во Битола, нашиот тим ја одигра својата последна средба сезонава, како гостин на Е. Пелистер на натпревар кој за противникот одлучуваше за првото место.
Пред преполна сала, во воведните минути беше израмнето, сѐ до резултат 9-9, но нашиот тим во во нападот имаше проблеми со агресивната одбрана на домашните, па а играта со седум напаѓачи не го даде посакуваниот резултат, напротив, противникот постигна неколку лесни голови.


Домашните успеаја да направат серија од 4-0 и да поведат со 13-9. Го искористија моментот и стигнаа и до највисоките 17-10, но РК Алкалоид покажа дека има карактер и почна резултатски да се враќа во игра.
На крајот на првиот дел беше 18-13, но во второто полувреме нашиот состав беше покомпактен намали на само два гола разлика во последните 10 минути од средбата.
Се играше гол за гол, но не успеавме да направиме поголем пресврт. Домашниот состав успеа да ја одбрани разликата која до 59 минута беше два гола, а потоа во финишот беа поставени и конечните 32-28.

Овој натпревар резултатски за позициите на табелата немаше значење за РК Алкалоид. Третото место беше од претходно обезбедено, а со тоа и излез во Европа следната сезона.
Според моменталниот ранкинг на екипите објавен од ЕХФ уште во ноември 2023, Македонија следната сезона треба да има четири екипи во Европските купови.
Доколку нема поместувања со евентуални вајлд карти и надградба на пласманот, РК Алкалоид ќе биде подобро рангираниот македонски тим во ЕХФ Куп.

Вести

Победа над РК Бутел Скопје на последниот домашен меч

РК АЛКАЛОИД – РК БУТЕЛ СКОПЈЕ 27-21 (11-11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Методија Илиевски и Михајло Илиевски. Контролор: Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајкоски, Џонов 3, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, М. Митев 3, Ѓоргиев, Велковски 3, Симоноски 1, Бинго 2, Д. Митев 6, Савревски, Димовски 3
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 6 мин.
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажевски, Стојаноски, Субашевски 2, Андревски 1, Пејковски, Стојановски 1, Ѓеоргиевски 2, Николов 2, Јаневски, Крстевски 2, Спасовски 1, Каевски, Јефтиќ 7, Михајловиќ 3, Цветковски, Давитковски
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид го совлада РК Бутел Скопје на последниот меч пред домашната публика сезонава и остана во добар ритам по триумфот во Купот, а пред последното гостување во Битола.
Првиот дел во речиси сите елементи потсетуваше на досегашните пресметки меѓу двата клуба. Резултатски израмнето, со многу дуели, пресврти и конечни 11-11 по 30 минути игра.
Вториот дел почна во ист стил, но по шест-седум минути игра, го видовме подоброто лице на РК Алкалоид. Одбраната стана покомпактна, Марко Митев го разигра нападот, транзицијата уште еднаш ја видовме на дело и со серија од 5-0 за кратко време РК Алкалоид го реши победникот од дуелот.
Гостите не можеа да се вратат во ритам по овој блиц криг, па следуваше уште една серија од 4-0 и разликата стана убедлива, за конечно нашиот тим да слави победа од 27-21.

Вести

Напишавме историја: РК Алкалоид е победник на Куп на Македонија!

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 25-23 (10-11)
Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски. Контролори: Ацо Николовски и Камер Металари
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајкоски, Џонов, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис, Стојковиќ, М. Митев 2, Ѓоргиев, Велковски 4, Симоноски 4, Бинго 4, Д. Митев 4, Савревски, Димовски 1
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 4 мин
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Лесјак, Гедбан, Манасков 1, Цехте 3, Кузманоски, Тајник 3, Пјеховски, Борзаш, Танкоски, Радивојевиќ 2, Кузмановски 6, Петар Атанасијевиќ, Ѓорговски, Васиљев, Пешевски 7, Павле Атанасијевиќ
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 8 мин.

Првиот пехар во сениорска конкуренција вечерва доаѓа во витрините на нашиот РК Алкалоид! Нашиот тим е победник на Куп на Македонија! Вечерва во финалето на Фајналфор турнирот, РК Алкалоид го совлада тимот на РК Еурофарм Пелистер по подобро изведување на седмерците и стана нов освојувач на овој престижен пехар.
Подобро го отворивме натпреварот и со серија од 5-0 стигнавме до разлика од плус четири гола (7-3) и напад, но се врати во игра поискусниот противник и натпреварот влезе во резултатска израмнетост која по 30 минути на крајот беше 10-11.

Противникот подобро го отвори второто полувреме и дојде до плус три гола разлика (15-12), но дојде до израз нашиот карактер. Со нова серија од 5-0 преминавме во водство (17-15) и тоа водство го чувавме до крајот на натпреварот.

Во последните 10 минути се водеше драматична битка. Постигнавме гол за водство на 30 секунди до крајот (22-21), но противникот успеа да израмни и се премина на изведување на пеналите.

Нашиот голман Иван Галевски ги одбрани шутевите на Филип Кузмановски и Емилијан Ѓорговски, додека Богдан Радивојевиќ промаши. Кристијан Симоноски, Марко Митев и конечно Иван Џонов погодија за историската победа на нашиот тим.