Вести

РК Алкалоид стана и кадетски шампион на Македонија

Вистинскиот пристап и квалитетот во работата со младинските категории годинава ги поставија нашите млади колективи на пиедесталот во државните шампионати.
Кадетите на РК Алкалоид го комплетираа успехот на пионерите на РК Алкалоид кои се нови државни прваци и на РК Мулти Есенс кои се новите младински прваци.


Денеска на Фајналфор турнирот во кадетска конкуренција, екипата на РК Алкалоид доминантно во полуфиналето ја совлада екипата на РК Струга (26-15), а потоа беше импресивен и во финалето на дуелот со екипата на РК Еурофарм Пелистер 2 и го совлада со 31-22 и станаа кадетски прваци на Македонија.
Претседателот на РФМ Живко Мукаетов, генералниот секретар Филип Милошевски и селекторот на младинската репрезентација Радослав Стојановиќ ги поделија победничките пехари и медалите на екипите учесници.

Вести

РК Алкалоид во финале на Куп на Македонија!

РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961 25-24 (15-13)
Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Контролори: Марјан Начевски и Васил Чавдаров
РК АЛКАЛОИД: Џонов, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 7, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, М. Митев 2, Ѓоргиев 1, Галевски, Велковски 1, Симоноски 4, Трајкоски, Бинго 6, Д. Митев 1, Савревски, Димовски
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 8 мин.
РК ВАРДАР 1961: Томовски, Гогов, Јагуриновски 2, Аларов, Георгиевски 1, Карапалевски, Јасухира 5, Родригез 1, Бакар, Лазаревски 6, Гојковиќ, Срдановиќ 5, Николиќ 1, Мело, Мишевски, Петриќ 3
Седмерци: 4/8 Исклучувања: 8 мин.

Во својот втор настап на Ф4 Куп на Македонија, екипата на РК Алкалоид стигна до своето прво финале. Вечерва нашиот тим го елиминираше составот на Вардар 1961 и во недела во битката за пехарот ќе се сретне со екипата на Е. Пелистер.

​РК Алкалоид одигра одлично прво полувреме проитив РК Вардар 1961 и го доби овој дел со предност од два гола. Покомпактен и посигурен беше нашиот тим во играта во овој период и по воведната четвртина во која противникот диктираше резултатот, стигна израмнувањето (7-7) и од тој момент нашиот тим го контролираше ритамот на играњето.
Во финишот на полувремето имавме плус два гола (14-12) и предноста ја задржавме до полувремето.


Реализаторски лошо отворивме во вториот дел и по четири промашени акции по ред се врати во игра противникот. По 10 минути игра беше 18-18, но се соземаа нашите играчи и ја вратија сигурноста и стабилноста во играта.
Кракот потоа ја вративме и предноста и во одредени делници имавме и предност од три гола (24-21). Но, во финишот, Вардар се врати резултатски во игра и успеа да изнуди и седмерец во последната секунда при резултат 25-24.
Иван Галевски го одбрани шутот на Марко Срдановиќ и го однесе РК Алкалоид во финалето.

Вести

Кадетскиот Ф4 викендов во Автокоманда

РК Мулти Есенс и РК Алкалоид ги освоија државните првенства во младинска и пионерска конкуренција и за да станат апсолутни прваци во младинските категории им недостасува единствено пехарот од кадетската конкуренција.


Фајналфор турнирот за кадетите ќе се игра викендов во „Автокоманда“, а една од четирите екипи што ќе се бори за шампионскиот пехар е и екипата на РК Алкалоид.
Нашиот кадетски состав во полуфиналето ќе игра со екипата на РК Струга, додека другата полуфинална двојка ја сочинуваат екипите на РК Бисинов Фруитленд и РК Еурофарм Пелистер.
Влезот ќе биде бесплатен.

КАДЕТСКИ Ф4 ТУРНИР
Сабота, 18.5.2024
Распоред на натпревари

11:00 РК Алкалоид – РК Струга
13:30 РК Бисинов Фруитленд – РК Еурофарм Пелистер
17:00 Меч за трето место
19:30 Финале

Вести

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

РК Алкалоид е согласен за промена на терминот за одигрување на полуфиналето од Купот на Македонија со РК Вардар 1961, дуел што е закажан за четврток, 16 мај.

Од основањето на клубот, како важен принцип во работата, РК Алкалоид ги има одржувањето на спортската култура на високо ниво и зачувувањето на спортските релации и односи со сите клубови и со Ракометната федерација.

За нас како колектив што се залага за промовирање на позитивните страни на спортот број еден во државата учеството на завршницата на турнирот е од големо значење. Витештвото на теренот е тоа што треба да ги гради односите меѓу клубовите, а ние сме подготвени, во име на спортот, да подадеме рака, да го одиграме натпреварот во терминот што ќе биде дополнително одреден и да се фокусираме исклучиво на натпреварувачкиот момент.

Вести

РК Мулти Есенс е нов младински првак на Македонија!

Екипата на РК Мулти Есенс го подигна шампионскиот пехар и беше промовирана во нов првак во младинска конкуренција. Во шампионатот кој се играше двокружно, а учестуваа вкупно 13 екипи од генерацијата 2004 и помлади, на едно коло до крајот од 23 одиграни натпревари екипата на РК Мулти Есенс има 23 победи и математички уште пред две кола стана недостижна за второпласираниот РК Пролет 62.


Вечерва во „Автокоманда“ гостуваше екипата на Е. Пелистер 2 која не можеше да го прекине победничкиот низ на нашиот младински тим, кој со убедлива победа од 45-35 се прости од своите, домашни фанови, а точка на шампионатот ќе стави во петок на гостувањето кај ГРК Охрид.

Тековната сезона е најуспешната за младинските екипи што се под закрила на Алкалоид. Викендов во Охрид, пионерскиот тим на РК Алкалоид триумфираше на Фајналфор турнирот и стана нов пионерски шампион на Македонија.
Не е комплетирано уште кадетското првенство, а таму РК Алкалоид има обезбедено учество на Ф4, додека екипата на РК Мулти Есенс ќе игра бараж меч за пласман на завршниот турнир.

Вести

РК Алкалоид е пионерски шампион на Македонија!

Втор пехар од младинските шампионати доаѓа во витрините на нашиот клуб сезонава. РК Алкалоид е новиот шампион во пионерска конкуренција.
Денеска во Охрид на Фајналфор турнирот, нашиот најмлад тим го совлада РК Аеродром во полуфиналето со 26-11, а потоа во финалето беше подобар и од екипата на ГРК Охрид и со победа од 22-19 го освои првото место и титулата државен првак.


По крајот на Ф4-турнирот, во идеалниот тим од нашиот тим се најдоа Ѓорѓи Николовски (голман), Давид Костовски (десен бек) и Бобан Поповски (десно крило).
За МВП на турнирот е прогласен Бобан Поповски.