Вести

ИСТОРИСКИ ЕВРОПСКИ БОД ЗА РК АЛКАЛОИД!

ЛОГРОЊО ЛА РИОХА – РК АЛКАЛОИД 29-29 (18-15)

Спортска сала „Ла Риоха“ во Логроњо, Шпанија. Судии: Иварс Чернавскис и Едмундс Богдановс од Летонија. Делегат: Марко Бранди од Италија

ЛОГРОЊО ЛА РИОХА: Солер 2, Пресиадо 7, Фернандез 4, Понсиано, Заја 3, Туа 2, Уриос 3, Ортиз, Паласич, Д. Кадарсо 4, Паломино 3, Е. Кадарсо 1, Абделмоталеб
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 4 мин.

АЛКАЛОИД: Ромеро, Трајкоски, Џонов 6, Маркоски 2 Младеновиќ, Серафимов 3, Стојчевиќ, Стојковиќ 2, М. Митев 2, Ѓоргиев, Велковски 4, Омерагиќ, Бинго 7, Петковски 3, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид натпреварот го почна помалку во грч, со промашени шутеви и технички грешки по кои домашниот состав успеа да воспостави контрола и да поведе со 4-1. Арно Бинго беше голгетерски расположен и додека да одмине првата криза го одржуваше тимот во игра. Потоа се ослободи Алкалоид од грчот, почнаа да погодуваат и други ракометари и по 14 минути игра беше 7-7.

Но, имаше висок процент на реализација домашниот тим и успеваше да ја задржи предноста, иако Алкалоид секогаш беше блиску, само на чекор заостанување. Но, кога и да бевме во позиција да израмниме ќе се случеше техничка грешка или голманска одбрана и Ла Риоха остана во водство до крајот на полувремето, а со последниот гол успеа да го врати највисокото водство од три гола (18-15).

На стартот на второто полувреме меѓу стативите во ритам влезе Благојче Трајковски. Благодарение на нашиот голман РК Алкалоид влезе и во гол-серија и со пет погодока го сврте мечот од 20-16, на 20-21. Оттогаш, дуелот во Шпанија беше вистинска игра на нерви. РК Алкалоид во повеќе наврати имаше шанса да избега на плус два, но неискуството го плати скапо, со нереализирани напади.

Ла Риоха тоа го казни со позитива од 27-25 на седум минути до крајот, но Трајковски пак влезе во елемент, фати два зицери на противникот и со шестиот гол на Џонов се влезе во неизвесна завршница (28-28). Во последната акција на мечот, крилото Петковски погоди за реми и прв историски бод на нашиот тим.

Изјави по натпреварот:

АРНО БИНГО: „Не е лесно за младите играчи во нашиот тим да играат против екипи кои имаат многу побогато искуство и многу учества во Европа. Затоа, мислам дека ова е добар резултат за клубот. Но, од друга страна, знам и дека можеме многу повеќе“

ИВАН ЏОНОВ: „Нерешениот резултат е добар, но имавме добра шанса да ги освоиме двата бода. Ни падна концентрацијата. Имавме во еден период неколку нереализирани напади во серија. И тие грешеа и промашуваа, но ако ги искористевме нашите шанси, ќе можевме до победа. Задоволни сме со нерешениот резултат, но нема да застанеме на ова. На секој следен натпревар ќе одиме со амбиција да победиме“

Вести

БЕЗ БОДОВИ НА ЕВРОПСКОТО ДЕБИ

РК АЛКАЛОИД – РК ВОЈВОДИНА 26-31 (13-15)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Денис Бојиќ и Криштоф Хурих од Австрија. Делегат: Предраг Павичевиќ од Црна Гора
РК АЛКАЛОИД: Ромеро, Џонов 8, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 4, Стојчевиќ, Стојковиќ, Митев 5, Ѓоргиев 1, Велковски 1, Омерагиќ, Трајкоски, Бинго 5, Кофилоски, Петковски, Савревски 1
Седмерци: 4/9 Исклучувања: 6 мин.
РК ВОЈВОДИНА: Лучин, Шијан, Воркапиќ 8, Милиќ 6, Оцвирк 2, Вуковљак, Азиз 3, Трнавац, Миленковиќ 3, Сунајко, Пушица, Раџеновиќ 1, Пешиќ 2, Роган, Пуховски 6, Чуреф
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 12 мин.

Нашиот тим имаше егал старт со противникот и се носеше добро во воведните десетина минути. Војводина избега резултатски кога од 5:7, се одлепи на 5:10, меѓутоа со одлична игра на Џонов и Бинго, РК Алкалоид пред паузата дојде на „минус два“ (13:15).

Сепак, неискуството во одредени моменти во второто полувреме беше пресудно, кога РК Алкалоид доаѓаше на два гола негатива, следеа технички грешки во нападите, а тоа искусен тим како РК Војводина знаеше да го искористи. Проблем беа и седмерците, затоа што РК Алкалоид на овој натпревар промаши пет санкции.

Најдобар стрелец во нашиот тим беше Иван Џонов со осум реализации, пред Марко Митев и Арно Бинго со по пет гола, додека Мартин Серафимов стрела четири пати.

Вести

РК АЛКАЛОИД ОСТАНА МАКСИМАЛЕН ВО СУПЕРЛИГАТА

РК АЛКАЛОИД – РК СТРУГА 38-18 (13-13)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Михајло Илиевски и Методија Илиевски. Контролор: Камер Металари

РК АЛКАЛОИД: Трајковски 1, Галевски, Џонов 5, Маркоски, Младеновиќ 2, Серафимов 4, Стојчевиќ, Стојковиќ, М. Митев 2, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Омерагиќ 3, Бинго 4, Кофилоски 5, Петковски 7, Д. Митев 1

Седмерци:2/2 Исклучувања: 6 мин.

РК СТРУГА: Тутенкоски, Тренчевски 5, Мулиќ, Савевски 1, Младеновски 2, Јанкуловски 4, Симоноски, Велјаноски, Ф. Мечкароски 1, Костоски, Бошњак 5, Марковски, М. Мечкароски, Гускароски, Рикановиќ

Седмерци: 5/6 Исклучувања: 6 мин.

Нашиот тим тргна добро и имаше контрола на играта на стартот. Иван Галевски забележа две интервенции, се дојде до серија од 4-0 и така избраниците на Кирил Лазаров од 1-2, дојдоа до предност од 5-2. Струга меѓу стативите го имаше расположениот Рикановиќ, кој фати пет топки во нападите на нашите ракометари и така тимот од градот крај езерото беше во егал. Беше 9-9, 10-10, па 13-13 на паузата, а во воведните минути од второто полувреме се направи разликата.

Вториот дел беше далеку спротивен од првиот за РК Алкалоид во играта. Во првото полувреме се играше доста тешко, додека стартот на второто полувреме донесе еден нов Алкалоид на теренот. Лазаров реши да ги менува и голманите, а Благојче Трајковски, кој денес слави роденден, влезе во ритам и фати четири топки. Така, РК Алкалоид воден во нападот од Џонов, Бинго и Петковски, замина на највисоки 21-15 во 40. минута од натпреварот во „Автокоманда“. Во продолжението од мечот беше полесно да се игра, разликата константно растеше и така на крајот се запиша посакуваната победа, двоцифрена, петта оваа сезона во Суперлигата.

Колку за илустрација на различните полувремиња, во првиот дел РК Алкалоид постигна 13 и прими 13 гола, а во второто полувреме постигна 25, а прими само пет гола. За издвојување денес е и роденденскиот погодок на Благојче Трајкоски кој ја зачини неговата одлична партија со погодок од гол на гол.