Вести

РК Алкалоид во групата А во Суперлигата

Со полудиригирана ждрепка, во која беа земени предвид пласманите од претходната сезона, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги формираше групите во Суперлигата за сезоната 2022/2023.

Македонската Суперлига следната сезона ќе брои 16 екипи, а тие се поделени во две групи од по осум екипи. По одигрувањето на 14. кола екипите одново ќе бидат поделени. Најдобрите четири од секоја група ќе играат во плејоф-првенството, од каде што ќе се добијат новиот првак и учесниците во европските купови за следната сезона. Екипите кои во првиот дел ќе завршат од петтото до осмото место ќе играат за опстанок во плејаут-првенството. 

РК Алкалоид ќе игра во групата А заедно со екипите на РК Вардар 1961, РК Бутел Скопје, РК Охрид, на РК Струга, РК Прилеп, МРК Куманово и на РК Вардар Неготино.

Во групата Б ќе играат екипите на РК Еурофарм Пелистер, РК Еурофарм Пелистер 2, РК Тинекс Пролет 62, на ГРК Тиквеш, РК Радовиш, РК Голден Арт, РК Скопје 2020 и на РК Јуниор Кисела Вода.

Вести

Мислиме на нашата иднина!

РК Алкалоид ја комплетираше првата сезона, a се комплетираа и тренинзите на ракометните школи за нашите најмлади ракометари. Околу 500 деца на возраст од 6 до 14 години во целата наша држава беа дел од ракометните школи на РК Алкалоид, а нашето очекување е следната сезона бројот да биде уште поголем!

Влатко Котески, тренер кој последната деценија ѝ ја посвети на работата со млади ракометари и кој зад себе има завидно искуство, е последниот кој излезе од салата ова лето. Првата сезона во РК Алкалоид е завршена, задоволството од сработеното е видливо. 
„Здрави и среќни деца се нашата примарна цел“, вели Влатко Котески.
„Ова беше нашата прва сезона, па затоа и сама по себе е посебна. Заокруживме успешна сезона, во која ги исполнивме зацртаните цели, а ги исполнивме, во делови и ги надминавме, и плановите. Ги воведовме најмладите во нов систем, преку кој се дружевме, трениравме и учевме. Ги воведовме во светот на ракометот. Живееја, се забавуваа и другаруваа како тим, како спортско семејство“, вели Котески.

РК Алкалоид како клуб ги има подвлечено работата и пристапот спрема најмладите како една од најважните работи во клубот.

„Многу внимание им посветивме на дисциплината, на правилниот развој, како и на почитта спрема другите, спрема повозрасните и спрема околината. Во клубот сакаме да креираме личности, не само ракометари. Нема поубаво чувство од тоа кога ќе видиш среќни деца, па затоа следната сезона ќе се прошириме. Заинтересираноста постојано се зголемува. Ќе се обидеме во повеќе училишта да отвориме свои секции, да станеме достапни за што повеќе деца“, вели Котески.

Вести

Кадетите играа во чест на Марко Божиновски

На отвореното игралиште во Спортскиот центар „Марко Божиновски“ во Скопје се одржа првиот Меморијален турнир „Марко Божиновски“, на кој учествуваа осум екипи од Македонија и од странство.

Турнирот се играше во кадетска конкуренција, а учесник беше и нашиот состав. Од Македонија учествуваа уште и екипите на РК Еурофарм Пелистер, РК Вардар 1961, на РК Тинекс Пролет, РК Бутел Скопје и на РК Голден Арт. Гости од странство беа екипите на РК Нексе од Хрватска и на РК Војводина од Србија.

РК Алкалоид одигра пет натпревари на турнирот и на крајот го освои петтото место. Победник е екипата на РК Нексе. Хрватскиот тим во финалето беше подобар од екипата на РК Војводина (37 : 33). 

Вести

РК Алкалоид е младински шампион на Македонија!

Младинската екипа на РК Алкалоид е новиот државен шампион на Македонија! Нашиот тим учествуваше на Ф4-турнирот што се одржа во Салата „Антон Димитров“ во Скопје. 
Во полуфиналето на Ф4 игравме против екипата на РК Прилеп и запишавме победа од 27 : 23. На другиот полуфинален меч РК Бутел Скопје го совлада тимот на РК Еурофарм Пелистер 2 (28 : 24).

Во финалето на турнирот нашиот тим, по голема борба и на меч со драматична завршница, беше подобар од РК Бутел Скопје и славеше победа од 23 : 22 (12 : 10), со што својата прва сезона ја круниса со шампионски пехар.

Нашиот младински тим победи на сите натпревари во шампионатот. Во групната фаза од натпреварувањето, во конкуренција на екипите на РК Вардар 1961, РК Пролет и на РК Скопје 2020, запишавме шест победи на исто толку одиграни натпревари.

Вести

Шампионскиот пехар е во наши раце!

Претседателот на РФМ, г. Живко Мукаетов, му го предаде победничкиот трофеј на нашиот капитен. РК Алкалоид е официјално победник на шампионатот и нов член на Суперлигата!
Денеска испишавме клупска историја!

Нашата прва сезона ја завршивме со медал и со шампионски пехар!
Следната сезона сме дел од Суперлигата!

Вести

РК Алкалоид е шампион во Првата лига!

РК Алкалоид во последното првенствено коло на домашен терен славеше убедлива победа над екипата на РК Младост 1977 од Богданци 39 : 19 (17 : 8) и првенството го заврши на првото место. 

Нашиот тим доминираше во текот на целото првенство и со вкупен ефект од 27 победи и еден нерешен меч од вкупно 28 натпревари, или со 17 победи и со еден нерешен меч од вкупно 18 натпревари во плејоф-првенството, шампионатот го заврши со 52 освоени бода, дури 12 бода повеќе од второпласираниот тим на табелата.

Десниот бек Мартин Серафимов со 144 постигнати гола е најдобар стрелец во нашиот тим во првата сезона. Повеќе од 100 погодоци за РК Алкалоид постигнаа и Игор Ѓоргиев (126), Дарио Кофилоски (119), Александар Стојков (114) и Мартин Димовски (105).