Вести

РК Алкалоид на едно коло до титула

Само уште едно коло го дели РК Алкалоид од шампионскиот пехар и од промоцијата во повисокиот ранг на натпреварување. 

Денеска, во рамките на претпоследното коло од прволигашкиот шампионат, РК Алкалоид го совлада РК Драчево како гостин со 42 : 28 (22 : 12). 

Нашиот тим немаше големи тешкотии во битката за 26-тата првенствена победа. Од почетокот на натпреварот наметнавме ритам што противникот не можеше да го следи, поведовме со 6 : 0, 10 : 3 и веќе на полувреме имавме двоцифрена предност (22 : 12). Во продолжението на натпреварот се играше резултатски поизрамнето, но од моментот кога поведовме со 24 : 14, разликата постојано беше двоцифрена.

Мартин Димовски со седум и Игор Ѓоргиев со шест гола беа нашите најефикасни ракометари на овој меч.

На едно коло до крајот РК Алкалоид е единствениот тим без пораз. Во последното коло на домашен терен ќе играме против екипата на РК Младост 1977.

Вести

Пионерите стигнаа до четврт-финале

Пионерската екипа на РК Алкалоид во својата прва сезона од натпреварувањето победи на сите осум натпревари во групната фаза на шампионатот. Во тој дел од првенството игравме по двапати со екипите на РК Рисови, РК Скопје 2020, РК Бутел Скопје и на РК Аеродром.

Како победник на групата, нашите најмлади ракометари обезбедија пласман во четврт-финалето на шампионатот. На натпреварот што го игравме во Струга не успеавме да го победиме домашниот тим РК Струга и да се пласираме на Ф4-турнирот.

Вести

Целта исполнета на три кола до крајот

РК Алкалоид денеска гостуваше во Гостивар и со победа од 46 : 21 (22 : 11) над екипата на РК Јехона стигна до предност што е недостижна до крајот на првенството пред второпласираниот тим.

Нашиот тим немаше проблеми во битката за трите бода кај гостиварскиот состав. Двоцифрена предност обезбедивме уште во првото полувреме, во вториот дел ја удвоивме разликата и средбата ја завршивме со 25 гола разлика.

На три кола до крајот нашиот тим има девет бода предност и подобар меѓусебен ефект во однос на РК Голден Арт, кој е на второто место, со што го обезбедивме првото место во шампионатот, па следната сезона ќе бидеме промовирани во Суперлигата како најдобро пласиран тим од Првата лига.

 
Нашата следна цел е првенството да го завршиме без пораз. Во следното коло во Салата „Автокоманда“, на домашен терен, ќе играме против екипата на РК Работнички. 

 

Вести

РК Алкалоид е кадетски вицепрвак на Македонија

Кадетската екипа на РК Алкалоид е вицешампион на Македонија. Нашиот тим во групната фаза, во конкуренција на екипите на РК Вардар 1961, РК Пролет 62, на РК Металург РА, РК Куманово и на РК Македонија Ѓ. Петров, со ефект од осум победи и две нерешени средби, го освои првото место во групата.

Следуваше настап во  четврт-финалето, каде што го елиминиравме тимот на РК Голден Арт со 38 : 36 по подоброто изведување седмерци. Во регуларниот дел натпреварот заврши нерешено, 33 : 33 (17 : 15), и со оваа победа обезбедивме пласман на Ф4-турнирот. 
Во полуфиналето, уште еднаш драматично, по изведувањето седмерци, го елиминиравме тимот на РК Пролет 62. Конечниот резултат е 35 : 32 (31 : 31, 18 : 12). 
Во финалето се сретнавме со екипата на РК Бутел Скопје. И покрај тоа што во најголемиот дел од натпреварот го контролиравме резултатот, на крајот не успеавме да победиме. Конечни 20 : 22 (11 : 9).