Вести
БЛЕСКАВО ВТОРО ПОЛУВРЕМЕ ЗА СТАРТЕН ТРИУМФ НА РК МУЛТИ ЕСЕНС
РК ГОЛДЕН АРТ – РК МУЛТИ ЕСЕНС 23-24 (16-11)
Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Контролор: Цано Куртовиќ.
РК Голден Арт: Трајковски, Христоски, Ончев 1, Глигоров, Даев 1, Шилегов 3, Јанковски, Гошевски 5, Даскаловски 1, Стојаноски 2, Миланов 1, Трајков, Милошески 7, Дрпљанин 1, Бардакоски, Гајиќ 1.
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 14 мин.
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 10, Костовски 1, Илиески 4, Насевски, Узунчев 2, Петрески 1, Трајчев, Омерагиќ, Трајковски, Иваноски 6, Тодески, Узунчев, Трајковски, Јорданов, Стојчевиќ
Седмерци: 1/4 Исклучувања: 6 мин.
РК Мулти Есенс со блескаво второ полувреме дојде до победа против Голден Арт (24-23) во првиот меч од плеј-аутот во машката ракометна Суперлига! Нашиот тим имаше негатива од пет гола на паузата, ама со посветена игра во нападот и во одбраната дојде до важен триумф на стартот на разигрувањето за опстанок во елитното друштво во македонскиот ракомет.
Првиот меч од плеј-аутот стартува изедначено. Беше 4-4, па 5-5, потоа 7-7. Главни стрелци во нападот во таборот на РК Мулти Есенс беа Димитар Узунчев и Михаил Иваноски кои комбинираа пет гола. Разликата меѓу двата тима настана по 15. минута, кога Мулти Есенс загуби две топки во нападот, а тоа Голден Арт го надополни со два гола и замина на 8-10.
По серијата на противникот, тренерот Бочкаровски го повика првиот тајм-аут на мечот, но и тоа не помогна. Мулти Есенс против себе го имаше и расположениот искусен голман Даскалоски кој фати два пенали, па така резултатот на паузата гласеше 11-16 за РК Голден Арт. Првиот дел РК Мулти Есенс го заврши со три нереализирани седмерци (0/3).
Во воведните десетина минути од вториот дел нашиот тим беше далеку пофокусиран од ривалот и со поагресивна игра во одбраната и лесни голови израмни на 18-18, па така се врати неизвесноста на натпреварот. По нова грешка на противникот, со одличен гол од девет метри, Давид Димевски по долго време ја врати предноста за Мулти Есенс (19-18).
На самиот влез во последните десет минути, следеше нов гол на Димевски, овој пат преку цепелин, за прва позитива од два гола на мечот (23-21), Голден Арт возврати со два гола за 23-23 и следеше драматична завршница која му припадна на нашиот тим. Во клучните моменти, најважната одбрана на мечот ја забележа голманот Ѓорѓи Ерманоски, тоа беше во последниот напад на Голден Арт.