Вести

Градиме иднина. РК Алкалоид ја зголеми базата на играчи во младинските категории

По успешната прва сезона во системот на натпреварување на Ракометната федерација на Македонија, РК Алкалоид продолжи да се усовршува и да го зголемува своето ракометно семејство со проширување првенствено на младинските категории.

„Моја и наша заедничка цел како тим е децата да ги направиме не само спортисти, туку да ги изградиме и како личности кои ќе бидат пример во нашето општество и подготвени да одговорат на сите предизвици во животот. Може слободно да се пофалиме дека имаме најмногу млади играчи во сите селекции на ниво на цела Македонија“, вели Влатко Котески, координатор на младинските селекции и школи на РК Алкалоид. „Во школите децата се запознаваат со првите ракометни чекори и елементи, спортуваат, се дружат, но ги учиме и на спортска дисциплина и на меѓусебно почитување и тимска работa“, вели Котески.

„Тие деца со тренинг, работа и со посветеност понатаму се селектираат во пионери, кадети и во младинци. Имаме отворено школи за ракомет РК Алкалоид на ниво на цело Скопје (Центар – ’К. Глигоров’, К. Вода – ’Круме Кепески’, Гази Баба – ’К. П. Мисирков’, ’Вера Јоциќ’ и ’М. А. Ченто’), Свети Николе и Тетово, а во блиска иднина ќе се прошириме и во Аеродром – ’Љубен Лапе’ и во Карпош – ’Петар Поп Арсов’, ’Л. Трповски’ и ’Х. Т. Карпош’“.

„Во сите наши селекции во системот на РФМ се пријавени 98 играчи, кои се регистрирани во 5 младински екипи и кои ќе играат во 3 натпреварувачки лиги:

РК Мулти Есенс У18 – младинска екипа за играчи до 18 години, кои ќе се натпреваруваат во Младинската лига;

РК Алкалоид У16 – кадетска екипа за играчи до 16 години, кои ќе се натпреваруваат во Кадетската лига;

РК Мулти Есенс У16 – кадетска екипа за играчи до 16 години, кои ќе се натпреваруваат во Кадетската лига;

РК Алкалоид У14 – пионерска екипа за играчи до 14 години, кои ќе се натпреваруваат во Пионерската лига;

РК Мулти Есенс У14 – пионерска екипа за играчи до 14 години, кои ќе се натпреваруваат во Пионерската лига.“

Вести

Кадетите играа во чест на Марко Божиновски

На отвореното игралиште во Спортскиот центар „Марко Божиновски“ во Скопје се одржа првиот Меморијален турнир „Марко Божиновски“, на кој учествуваа осум екипи од Македонија и од странство.

Турнирот се играше во кадетска конкуренција, а учесник беше и нашиот состав. Од Македонија учествуваа уште и екипите на РК Еурофарм Пелистер, РК Вардар 1961, на РК Тинекс Пролет, РК Бутел Скопје и на РК Голден Арт. Гости од странство беа екипите на РК Нексе од Хрватска и на РК Војводина од Србија.

РК Алкалоид одигра пет натпревари на турнирот и на крајот го освои петтото место. Победник е екипата на РК Нексе. Хрватскиот тим во финалето беше подобар од екипата на РК Војводина (37 : 33). 

Вести

РК Алкалоид е кадетски вицепрвак на Македонија

Кадетската екипа на РК Алкалоид е вицешампион на Македонија. Нашиот тим во групната фаза, во конкуренција на екипите на РК Вардар 1961, РК Пролет 62, на РК Металург РА, РК Куманово и на РК Македонија Ѓ. Петров, со ефект од осум победи и две нерешени средби, го освои првото место во групата.

Следуваше настап во  четврт-финалето, каде што го елиминиравме тимот на РК Голден Арт со 38 : 36 по подоброто изведување седмерци. Во регуларниот дел натпреварот заврши нерешено, 33 : 33 (17 : 15), и со оваа победа обезбедивме пласман на Ф4-турнирот. 
Во полуфиналето, уште еднаш драматично, по изведувањето седмерци, го елиминиравме тимот на РК Пролет 62. Конечниот резултат е 35 : 32 (31 : 31, 18 : 12). 
Во финалето се сретнавме со екипата на РК Бутел Скопје. И покрај тоа што во најголемиот дел од натпреварот го контролиравме резултатот, на крајот не успеавме да победиме. Конечни 20 : 22 (11 : 9).