Вести
Кадeтите на РК Алкалоид вицешампиони на „Зимскиот куп“
Зимската пауза е завршена. Сите екипи под закрилата на РК Алкалоид се во тренажен процес, а нашиот кадетски тим во стратегиски зацртаниот проект за развој и за напредок на млади играчи, по настапот во Нант, продолжува со играње на меѓународни турнири.
Кадетската екипа на РК Алкалоид учествуваше на меѓународен турнир за ракометари родени 2007 г. и помлади. Турнирот „Зимски куп“ се одржа во Високо, Босна и Херцеговина, а учествуваа шест екипи.
РК Алкалоид го освои второто место, а победник на турнирот е екипата на РК Војводина од Нови Сад. Пред финалната пресметка РК Алкалоид ги совлада екипите на РК Задар (35 : 25) и на РК Какањ (35 : 10), а во полуфиналето беше подобар и од екипата на РК Слобода Тузла (30 : 19).
Тренерот Влатко Котески е задоволен од пристапот и од прикажаното на овој турнир.
„Имавме добар настап гледано од повеќе агли. Младите играчи се однесуваа како вистински професионалци, па беа пофалени од сите тренери за начинот на кој се однесуваа и на теренот и надвор од него.
Ова беше важно искуство за сите. Мислам дека само со вакви натпревари може да се напредува. Ги уриваме сите пречки, а можевме да видиме и до каде сме во однос на врсниците од Балканот. Во тој поглед слободно можам да ти потврдам дека имаме млади играчи кои се на вистинскиот пат, меѓу најдобрите на Балканот.
Нашиот клуб е организиран подобро безмалку од сите клубови каде што ќе се појавиме. Во комуникација со сите други тренери од другите екипи добивме комплименти за играњето модерен ракомет со брза транзиција во нападот, со брзи пасови, со добри шутеви од сите позиции и со добра одбрана.
Видовме на што треба да обрнеме внимание во иднина – делови од играта какви што се дуелите еден на еден и два на два и уште други работи, но најважно е што имаме знаење, храброст, желба и мотивација. Настапот на овој турнир е драгоцено искуство за сите играчи. Така растат во вистински играчи, кои во вистинско светло го претставуваат нашиот клуб РК Алкалоид.“