Вести

Градиме иднина. РК Алкалоид ја зголеми базата на играчи во младинските категории

По успешната прва сезона во системот на натпреварување на Ракометната федерација на Македонија, РК Алкалоид продолжи да се усовршува и да го зголемува своето ракометно семејство со проширување првенствено на младинските категории.

„Моја и наша заедничка цел како тим е децата да ги направиме не само спортисти, туку да ги изградиме и како личности кои ќе бидат пример во нашето општество и подготвени да одговорат на сите предизвици во животот. Може слободно да се пофалиме дека имаме најмногу млади играчи во сите селекции на ниво на цела Македонија“, вели Влатко Котески, координатор на младинските селекции и школи на РК Алкалоид. „Во школите децата се запознаваат со првите ракометни чекори и елементи, спортуваат, се дружат, но ги учиме и на спортска дисциплина и на меѓусебно почитување и тимска работa“, вели Котески.

„Тие деца со тренинг, работа и со посветеност понатаму се селектираат во пионери, кадети и во младинци. Имаме отворено школи за ракомет РК Алкалоид на ниво на цело Скопје (Центар – ’К. Глигоров’, К. Вода – ’Круме Кепески’, Гази Баба – ’К. П. Мисирков’, ’Вера Јоциќ’ и ’М. А. Ченто’), Свети Николе и Тетово, а во блиска иднина ќе се прошириме и во Аеродром – ’Љубен Лапе’ и во Карпош – ’Петар Поп Арсов’, ’Л. Трповски’ и ’Х. Т. Карпош’“.

„Во сите наши селекции во системот на РФМ се пријавени 98 играчи, кои се регистрирани во 5 младински екипи и кои ќе играат во 3 натпреварувачки лиги:

РК Мулти Есенс У18 – младинска екипа за играчи до 18 години, кои ќе се натпреваруваат во Младинската лига;

РК Алкалоид У16 – кадетска екипа за играчи до 16 години, кои ќе се натпреваруваат во Кадетската лига;

РК Мулти Есенс У16 – кадетска екипа за играчи до 16 години, кои ќе се натпреваруваат во Кадетската лига;

РК Алкалоид У14 – пионерска екипа за играчи до 14 години, кои ќе се натпреваруваат во Пионерската лига;

РК Мулти Есенс У14 – пионерска екипа за играчи до 14 години, кои ќе се натпреваруваат во Пионерската лига.“

Вести

Нашиот пионерски тим освои злато на меѓународниот турнир во Нант

Нашиот пионерски тим освои злато на меѓународниот турнир што се одржа во Нант, Франција!
Нашите надежи денеска во полуфиналето го совладаа шпанскиот тим Понтеведра (23-20), а во финалето кое имаше драматичен финиш беа подобри од уште една шпанска екипа, Хихон 27-26.
Алкалоид на овој турнир одигра вкупно седум натпревари и победи на сите средби.

Вести

РК Алкалоид У16 на турнир во Франција

Во согласност со определбите на нашиот клуб на своите играчи, вклучително и на најмладите, да им обезбеди врвни услови за тренинг и за напредок, РК Алкалоид во периодот од 26 до 28 август ќе ја испрати на турнир во Франција пионерската екипа (под 16 години), поточно екипата од генерацијата 2007.

Организатор на турнирот на кој учествуваат повеќе екипи во разни возрасни категории е екипата на РК Нант, а нашите млади ракометари ќе играат во група со екипите на РК Тулуз од Франција, РК Онис од Франција и на РК Естудијантес од Белгија, како и со репрезентацијата на Бенин и Хихон од Шпанија.

Подоцна РК Алкалоид У16 ќе се вкрсти со екипите од групата А, во која се домаќинот РК Нант, потоа РК Шарт, РК Ливри и РК Зубри.

Влатко Котески ќе ја предводи нашата екипа во Франција, а со себе ќе поведе 15 ракометари.

„Ова е голема работа за овие млади играчи. За сите нив ќе биде прво меѓународно искуство, и тоа на гости кај клуб кој значи многу во врвот на европскиот ракомет. Покрај сите придобивки од таквиот настап, особено ни значи што клубот води грижа за најмладите, кои, ете, ќе добијат шанса да играат против екипи од сиот свет, а покрај искуството ќе можат да направат и споредби и да научат нешто ново“, вели тренерот Влатко Котески.

Вести

Пионерите стигнаа до четврт-финале

Пионерската екипа на РК Алкалоид во својата прва сезона од натпреварувањето победи на сите осум натпревари во групната фаза на шампионатот. Во тој дел од првенството игравме по двапати со екипите на РК Рисови, РК Скопје 2020, РК Бутел Скопје и на РК Аеродром.

Како победник на групата, нашите најмлади ракометари обезбедија пласман во четврт-финалето на шампионатот. На натпреварот што го игравме во Струга не успеавме да го победиме домашниот тим РК Струга и да се пласираме на Ф4-турнирот.