Вести

Седум ракометари го засилуваат РК Алкалоид

РК Алкалоид останува на својата определба и во следната сезона да биде клуб составен во најголем дел од македонски ракометари кои ќе добијат врвни услови за тренинг, ќе работат според професионална програма и ќе имаат простор за напредок преку настапите на домашната и на европската сцена.
Неколку ракометари со голем потенцијал и за клубот и за сениорската репрезентација на Македонија доаѓаат следната сезона во клубот и заедно почнуваме нова мисија што ќе биде исполнета со предизвици, на клупско и репрезентативно ниво, на домашната и на меѓународната сезона.

Ненад Костески, репрезентативното десно крило му се приклучува на РК Алкалоид следната сезона. Костески е роден стружанец, има 24 години, добро се познава со новите соиграчи преку репрезентативните настапи, а следната сезона ќе има шанса да игра и покрај својот повозрасен брат, Никола Костески кој е во РК Алкалоид сезонава.

Емилијан Ѓорговски, големиот македонски потенцијал на левата бековска позиција е наш нов ракометар. Ѓорговски исто така е стружанец, има 22 години и во РК Алкалоид ќе добие вистинска шанса да го покаже целиот свој талент и потенцијал. Беше дел од сите младински репрезентации, а повремено е член и на сениорскиот тим.

Михаил Аларов, репрезентативниот пивот кој игра одлично и во одбрана и во напад ќе биде дел од составот на РК Алкалоид следната сезона. Аларов својот потенцијал и квалитет го покажуваше низ настапите во македонското првенство и очекуваме многу брзо да се вклопи во системот на игра и сигурно ќе бидe важна алка во РК Алкалоид во сезоната што е пред нас.

По една сезона мината на калење во екипата на РК Дубочица од Србија, во редовите на РК Алкалоид се враќа десниот бек Михаил Иваноски. Развојот на Иваноски во текот на сезоната беше постојано следен од стручниот тим на РК Алкалоид и сега одново ќе биде дел од нашата екипа.

Развојната програма на РК Алкалоид како продукт за првиот тим го нуди младиот голман Ѓорѓи Николовски. Николовски е вонсериски талентиран, луциден, пожртвувано работеше во младинските категории на клубот и во екипата на РК Мулти Есенс и целосно ја заслужи шансата да дојде во првиот тим. Тој ќе го комплетира голманското трио во кое се уште и Марко Кизиќ и Иван Галевски.

Уште еден млад играч во кој РК Алкалоид препознава вонсериски талент доаѓа во нашиот клуб следната сезона. Давид Трајкоски, ракометар од позицијата лево крило ни доаѓа од редовите на РК Прилеп. Беше одличен во младинските категории, има искуство од играње во Суперлига и ќе има шанса да го покаже својот талент и квалитет и во редовите на РК Алкалоид.

Во редовите на РК Алкалоид на позицијата лев бек за следната сезона е ангажиран и Урош Борзаш, репрезентативец на Србија. Бекот шутер има богато резиме, докажани квалитети и очекуваме брзо да се вклопи во нашиот тим.

Вести

Победа за крај на сезоната

РК БУТЕЛ СКОПЈЕ – РК АЛКАЛОИД 22-31 (11-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегат: Марјан Огњановски
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажевски, Субашевски 1, Георгиевски, Николов 3, Јаневски, Новаковски, Спасовски, Т. Узунчев 2, Д. Узунчев 5, Милошески 3, Киселовски, Каевски 2, Михајловиќ 4, Шолиќ 1, Давитковски
Седмерци: 2/5 Исклучувања: 2 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 5, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ 4, Ѓоргиев 1, Велковски, Симоноски, Ивановски 2, Бинго, Франциско 3, Петковски 5, Савревски 5
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 8 мин.

Со победа од 31-22 над екипата на РК Бутел Скопје, на последниот меч од првенството, екипата на РК Алкалоид ја заврши сезоната во Суперлигата.
Распоредот на табелата беше таков што овој натпревар не решаваше за пласманот на екипите, но двата тима професионално си ја завршија работата и на оваа средба.
Од технички причини, натпреварот се одигра во „Автокоманда“, а РК Алкалоид кој беше во улога на гостин резултатски го контролираше натпреварот уште од почетокот. По водството од 5-2, РК Алкалоид водеше и со 7-4, а домашниот состав на двапати успеа да израмни, прво на 8-8, а потоа беше и 9-9.
На полувреме РК Алкалоид водеше со 14-11, а во вториот дел, по воведната игра гол за гол, разликата почна да се зголемува.
РК Алкалоид ја удвои предноста (20-14), стигна и до водство од девет гола разлика (26-17), а потоа на таа дистанца од осум до девет гола го држеше противникот до конечните 31-22.

Вести

РК АЛКАЛОИД СО ПОБЕДА ЈА ЗАТВОРИ СЕЗОНАТА ВО АВТОКОМАНДА

РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 33-24 (11-9)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески. Делегат: Зоран Кимовски

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Трајкоски, Џонов 6, Младеновиќ, Карасманакис 4, Стојковиќ 1, Ѓоргиев 1, Велковски, Ивановски 3, Бинго 2, Франциско 5, Петковски, Савревски 1, Гарбески 8, Панчевски 1, Секуловски 1

Седмерци: – Исклучувања: 6 мин.

ГРК ОХРИД: Крстески, Пупунцоски 1, Булески, Силјаноски 2, Трајчески 1, Крстески, Јанчески 3, Ристевски, Стефановиќ 1, Софкоски 1, Костов 6, Винисиус 9, Ристески

Седмерци: 1/1 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид го одигра последниот натпревар на домашен терен во тековната сезона во Суперлигата. До крајот на првенството, останува да го одигра уште гостинскиот натпревар со екипата на РК Бутел Скопје.

Пред почетокот на натпреварот, посебни благодарници за досегашната соработка добија тројца ракометари. Тоа се искусниот голман Благојче Трајкоски, леворакиот бек Давид Савревски и португалскиот интернационалец Франциско Оливеира е Силва.

На последниот домашен меч, гостин во Автокоманда беше екипата на ГРК Охрид, за овој натпревар подмладена со неколку играчи. Натпреварот немаше силен ритам и жестина во дуелите, особено во првото полувреме кое заврши со резултат 11-9 за РК Алкалоид.

РК Алкалоид играше посериозно на почетокот на второто полувреме и разликата веднаш почна да се зголемува. По шест минути во вториот дел беше 16-10, во 43 за прв пат беше двоцифрена разлика, 22-12 и до крајот рутински беа одработени задачите за нови два бода.

Вести

РК АЛКАЛОИД СО ИСТОРИСКИ УСПЕХ ЗА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ

РК Алкалоид со особено задоволство ја информира јавноста дека, согласно официјалната одлука на Европската ракометна федерација (ЕХФ), е прогласен за победник на ЕХФ Европскиот куп за мажи за сезоната 2024/25.

Со службена победа од 10-0 во реванш-натпреварот кој требаше да се одигра во Скопје, РК Алкалоид ја обезбеди втората победа во финалната серија. Претходно, клубот славеше и на првиот натпревар во Атина со резултат 25-29, со што го заокружи финалето со резултат 2-0 и ја освои престижната европска титула.
Овој трофеј претставува прва европска титула во кратката, четири годишна историја на РК Алкалоид, но и значаен успех за македонскиот клупски ракомет. Дополнително, ова е и првпат македонски тренер – Кирил Лазаров – да освои Европска титула во улога на главен стратег, за што клубот му изразува искрена благодарност за неговите заложби, лидерство и несебична посветеност.
РК Алкалоид ја поздравува одлуката на ЕХФ, со која се потврдува дека спортскиот дух, фер-плејот и посветеноста водат до највисоки спортски достигнувања.
Клубот упатува искрена благодарност до навивачите, играчите и стручниот штаб за нивната континуирана поддршка и ангажман на патот до овој историски успех.

Вести

РК Алкалоид без бодови од дербито во Автокоманда

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 23-29 (14-18)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегати: Камер Металари и Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ 3, Ѓоргиев 1, Велковски, Ивановски 1, Бинго 1, Франциско 3, Петковски 6, Митев, Савревски
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 12 мин.
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски, Брестовац, Манасков 6, Цехте, Тајник 2, Борзаш 4, Радивојевиќ 2, Костески 3, Ѓорговски, Петровиќ, Петар Атанасијевиќ, Пешевски 3, Хосни 4, Хаџиќ, Павле Атанасијевиќ 3
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид во дербито на колото се соочи со екипата на Еурофарм Пелистер, а натпреварот во салата „Автокоманда“ заврши со резултат 23-29 (14-18). Мечот беше резултатски израмнет во првите 20 минути, со тоа што и двата тима во одредени периоди беа во водство и позиција да диктираат резултат. Гостинскиот состав успеа во последните пет минути, користејќи играч повеќе во поле, да направи серија и да поведе со 18-14 на полувреме.

Вториот дел беше со повеќе тензија на теренот што резултираше со исклучувања кои имаа и влијание врз играта и резултатот. Гостинскиот состав потоа избега резултатски, а иако Алкалоид во еден момент со четири гола во серија се доближи на 20-21 и беше во налет, не успеа да дојде до бодови против ривалот од Битола.

Вести

Ново дерби во Автокоманда

Уште само три натпревари се пред РК Алкалоид до крајот на сезоната во домашната Суперлига. Густиот распоред и натаму е главната карактеристика на финишот на сезоната, па така веќе утре (среда/4.6.2025) на распоредот е натпревар што има големо значење за конечниот изглед на табелата и распределбата на местата во европските натпреварувања следната сезона.

Утре во салата во Автокоманда ќе гостува екипата на РК Еурофарм Пелистер, екипа од водечката тројка во првенството. На РК Алкалоид овој меч резултатски му е битен за подобрување на шансите за освојување на второто место во првенството. Победа повисока од два гола разлика би значела чекор поблиску до остварувањето на целта, исто како и победа од два гола разлика, но со најмногу 27 примени голови.

Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Еурофарм Пелистер ќе се игра со почеток од 19:00 часот, а ќе биде и директно пренесуван на МРТВ.

По овој натпревар, до крајот на првенството на РК Алкалоид ќе му останат уште два меча во кои на домашен терен на 6.6. 2025 (петок, 18:00ч.) ќе игра со екипата на ГРК Охрид, а на последниот натпревар, ќе му гостува на тимот на РК Бутел Скопје.