Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС СО СИЛА ЗА ЕДНО ПОЛУВРЕМЕ СО ГРК ТИКВЕШ

РК МУЛТИ ЕСЕНС – ГРК ТИКВЕШ 28-32 (14-16)
Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Гледачи: 150. Судии: Михајло Илиевски и Методија Илиевски. Делегат: Васил Чавдаров

РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ермоноски, Димевски 2, Костовски 7, Мирчевски, Илиески 1, Насевски 2, Д. Узунчев 3, Петрески 4, Трајчев 1, Каракалашев, Тарчуловски 1, Трајковски, Иваноски, Тодески 2, Т. Узунчев 3, Јорданов 2.
Седмерци: 2/4. Исклучувања: 6 мин.

ГРК ТИКВЕШ: Гемаљевиќ, Анастасовски 4, Мијатовиќ 4, Темелкоски 1, Велков, Соколов, Бакев, Стефановиќ 5, Гачевиќ 2, Лазов, Манасков 5, Окардов 1, Шулески, Коцев 4, Мајиќ 5, Даневски 1.
Седмерци: 2/2. Исклучувања: 8 мин.

Нашиот РК Мулти Есенс не успеа да се пласира на Ф4-турнирот од Купот на Македонија. Тимот во финалето од Групата 1 играше со домаќинот ГРК Тиквеш и во салата „Јасмин“ не дојде до резултат доволен за завршницата (28-32).

Имаше нашиот млад тим одлично прво полувреме во кое во целост му парираше на ривалот, меѓутоа во вториот дел далеку поискусниот противник ја запиша победата на натпреварот пред својата публика. Иако губеше со 3-7, Мулти Есенс не се предаде. Влезе во серија, израмни на 8-8, потоа поведе и со 11-10, па мечот беше егал се до 12-12.

Пред финишот на првиот дел ГРК Тиквеш влезе во серија од три гола, поради тоа на паузата имаше 14-16. Во второто полувреме кавадарчани го држеа темпото на игра, а РК Мулти Есенс иако бркаше резултат, не успеа пак да се врати во мечот како што тоа претходно го направи во првото полувреме.

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС ЌЕ ИГРА ЗА ЗАВРШНИЦАТА ВО КУПОТ

РК ПРИЛЕП – РК МУЛТИ ЕСЕНС 23-27 (13-15)
Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Гледачи: 50. Судии: Мирко Трајковски и Александар Вукашиновски. Делегат: Камер Металари

РК ПРИЛЕП: Кастратовиќ, Рајатовски, Бикоски 6, Ангелески 1, Велески, Органџиев, Бурчески 1, Лозаноски 1, Цветаноски 2, Шабановиќ, Имнадзе 1, Квастек, Трајкоски 6, Трајчевски, Ангелески, Андраде 3.
Седмерци: 2/3. Исклучувања: 12 мин.

РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ермоноски, Димевски, Костовски 2, Мирчевски, Илиески 2, Насевски, Д. Узунчев 3, Петрески 2, Трајчев, Каракалашев, Тарчуловски 2, Трајковски, Иваноски 4, Тодески 3, Т. Узунчев, Јорданов 9.
Седмерци: 2/5. Исклучувања: 4 мин.

Екипата на РК Мулти Есенс успеа да слави над РК Прилеп (23-27) во натпревар кој се одигра во салата „Јасмин“ во Кавадарци и така се пласира во финалето од Групата 1 од Купот на Македонија. Нашиот тим за место на Ф4-турнирот ќе игра со ГРК Тиквеш кој претходно ја совлада екипата на РК Еурофарм Пелистер 2.

Екипата предводена од тренерот Миле Бочкаровски наметна свое темпо уште од почетокот. Резултатот првпат се скрши кога Иваноски стрелаше во нападот, Ермоноски фати две топки меѓу стативите и така РК Мулти Есенс замина на 4-7. Добрата длабока одбрана функционираше и во продолжението од средбата, го принудуваше противникот на грешки, меѓутоа на влезот во последните десет минути од првиот дел следеа два нереализирани пенали и напади, па така РК Прилеп дојде на 11-12.

Сепак, поради невнимателна игра противникот доби две исклучувања, па нашиот тим ја искористи бројчаната предност и замина на 13-15 на паузата. Со два гола во низа на отворањето на вториот дел, РК Мулти Есенс ја врати дотогаш највисоката позитива од четири гола (13-17) и во продолжението од мечот константно ја одржуваше, не дозволувајќи му на ривалот сериозно да се приближи во ниту еден момент.

Вести

РК АЛКАЛОИД ДОМАЌИН НА ГРУПАТА 2 ОД КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА

РК Алкалоид ќе биде домаќин на дуелите од Групата 2 во Купот на Македонија, натпреварување кое е закажано на програмата пред крајот на месец март.

Ждрепката ги смести РК Алкалоид, РК Бутел Скопје, РК Вардар Неготино и РК Струга во иста група, а во полуфиналето согласно Бергеровиот систем нашиот тим вкрстува со РК Вардар Неготино. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат РК Бутел Скопје и РК Струга.

Натпреварите од Групата 2 ќе на 23 и24 март. Сите мечеви ќе се играат во салата „Автокоманда“. РК Алкалоид првиот натпревар ќе го игра против екипата на РК Вардар Неготино во сабота (23.03.2024) со почеток од 18:00 часот.

Финалето е закажано за недела, исто така со почеток од 18:00 часот. Доколку обезбеди пласман, РК Алкалоид ќе игра со победникот од натпреварот меѓу РК Бутел Скопје и РК Струга.

Вести

РК АЛКАЛОИД БЕЗ БОДОВИ ВО ГРАДСКОТО ДЕРБИ

РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961 23-27 (8-16)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 900. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегат: Камер Металари
РК АЛКАЛОИД: Џонов, Петров 1, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 8, Карасманакис, Стојковиќ, Митев 4, Ѓоргиев 2, Галевски 1, Велковски, Омерагиќ, Трајкоски 1, Бинго 3, Савревски 3, Димовски
Седмерци: 7/7 Исклучувања: 6м.

РК Вардар 1961: Богдановски, Аларов 1, Георгиевски 3, Карапалевски, Томовски, Јасихура 4, Родригез 2, Лазаревски 4, Гојковиќ, Срдановиќ 7, Николиќ 4, Ѓукиќ 2, Стојановски, Ќосевски, Мишевски, Гогов
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 10м.

РК Алкалоид не успеа да освои бодови во дербито на колото против градскиот ривал Вардар 1961 (23-27) во рамки на плејофот од Суперлигата. Нашиот тим заостануваше од стартот, а ривалот мудро ја чуваше предноста во текот на целата средба. Мечот во салата „Автокоманда“ беше во егал до резултат 6-7, а потоа Вардар ја презеде играта. Ривалот влезе во серија, ги казни сите промашувања на нашиот тим во нападите и така се одлепи на 6-12.

До крајот на првото полувреме гостинот дојде до предност и од осум гола (8-16), а во вториот дел иако нашиот тим се обидуваше да фати приклучок не успеа во тоа и така втор меч по ред остана без бодови во разигрувањето за еврокуповите и домашната титула. Најдобар стрелец во нашиот тим беше Мартин Серафимов со осум гола, пред Марко Митев со четири реализации.

За РК Алкалоид сега следи пауза поради ЕХФ-неделата, а на обврските тимот се враќа на крајот на месец март кога се оди на гостување кај РК Бутел Скопје.

Вести

РК Алкалоид без бодови се враќа од Охрид

ГРК ОХРИД – АЛКАЛОИД 30-26 (16-9)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Гледачи: 2000. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Марјан Начевски
ГРК ОХРИД: Ѓорѓески, Ојлески, Мацуока, Јукиќ 1, Стоилевски, Пеледија, Ристевски, Тасески 2, Сафранко 7, Кукоски, Крстевски 1, Шешиќ, Орјоникидѕе 5, Бојаниќ, Цирар 14
Седмерци: 7/8 Исклучувања: 6 мин.
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајкоски, Џонов 2, Петров, Маркоски 2, Младеновиќ, Серафимов 5, Ѓоргиев 2, Карасманакис, Стојковиќ 3, М. Митев 2, Омерагиќ, Бинго, Д. Митев 7, Савревски 1, Димовски 2
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид за прв пат во домашното првенство сезонава не успеа да освои бодови на натпревар и вечерва во Охрид ја прекина низата на победи која во оваа сезона траеше 17 натпревари по ред.
ГРК Охрид во седмото одмерување на силите со РК Алкалоид досега, за прв пат освои бодови и сега на врвот на табелата каде што се кандидатите за шампионскиот пехар и за позициите што водат во Европските купови следната сезона се направи поголема мешаница.

Нашиот тим направи неколку технички грешки и имаше брзоплети акции на почетокот на натпреварот и тоа нѐ доведе во позиција во најголемиот дел од првото полувреме да играме гол за гол и да бркаме минимално водство на домашниот состав, пролетва засилен со уште тројца странски ракометари и бодрен од околу две илјади гледачи.
Неколкупати го израмнувавме резултатот и пропуштивме и можност да преминеме во водство, по што од резултат 10-9 го одигравме можеби најслабиот период досега и противникот со серија од 6-0 стигна до водство од 16-9 на полувреме.


Во вториот дел, влеговме поамбициозно, за помалку од две минути постигнавме три гола во серија, но не продолживме во тој ритам. Промашен шут, досуден седмерец, голманска интервенција… постојано го нарушуваше нашиот ритам на игра и се воспостави рамнотежа во која резултатот се движеше меѓу четири и шест гола разлика, за конечно средбата да заврши со резултат 30-26.

РК Алкалоид сега е на второто место на табелата, а во следното коло одново ќе играме дерби натпревар, но овој пат на домашен терен. Гостин ќе ни биде екипата на РК Вардар 1961

Вести

Важна победа на РК Мулти Есенс

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК Е. ПЕЛИСТЕР 2 32-28 (17:15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски. Делегат: Марјан Огњановски
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 4, Костовски 7, Илиески 7, Насевски, Д. Узунчев 5, Петрески, Трајчев, Омерагиќ, Цветковски, Иваноски 6, Трајковски, Тодески, Т. Узунчев, Јорданов, Стојчевиќ 3
Седмерци: 5/6 Исклучувања: 8 мин.


РК Е. ПЕЛИСТЕР 2: Печурица, Маркоски 4, Мијушковиќ 6, Трпчевски, Младенов, Митревски, Ивановски 3, Димовски, Талевски 1, Димитровски 2, Калајџиески, Пецаковски, Гичев, Белистојаноски 3, Југовски 4, Хаџиќ 5
​Седмерци: 4/5 Исклучувања: 10 мин.

РК Мулти Есенс ја запиша втората плејаут победа, освои многу важни бодови и сега одново се вбројува меѓу сериозните кандидати за опстанок во најсилната конкуренција.
Нашиот млад тим денеска без поголеми резултатски возбудувања го совлада тимот на Е. Пелистер 2, екипа што во пресрет на четвртото коло беше на второто место на табелата.

РК Мулти Есенс одигра одличен меч во кој противничкиот состав водеше само во воведните минути (3-1). Потоа со серија од 5-1 ја преземавме резултатската контрола, поведовме со 6-4, а потоа со уште една серија стигнавме и до комотно водство од 10-6.
РК Мулти Есенс имаше водство од 17-12, но малиот пад во концентрацијата во финишот на првото полувреме го искористија гостинските ракометари и на намалија на 15-17.

Веднаш на почетокот на вториот дел, РК Мулти Есенс ја обнови доминацијата и брзо ја врати разликата од пет гола (23-18), а потоа зголеми и на плус седум гола разлика (27-20). До крајот на натпреварот, нашиот тим без поголеми проблеми ја одржа дистанцата и заработи нови три бода.

РК Мулти Есенс во следното коло е слободен и поради исклучувањето на РК Аеродром и ќе добие три службени бодови.