Вести

Нашата екипа РК Алкалоид во посета на Alkaloid AD Skopje

Во рамките на посетата Генералниот директор/Претседател на УО Живко Мукаетов ни честиташе за напредокот и за остварените резултати годинава. Како клуб оваа сезона настапивме и освоивме бодови во Европската лига на ЕHF, а во македонската Суперлига остваривме максимален ефект. Екипите во младинските конкуренции, пак, забележаа одлични резултати и веќе се промовираат како носители на македонскиот ракомет, што е и една од стратешките цели на клубот.

Ние ракометарите и стручниот штаб изразивме голема благодарност до компанијата „Алкалоид“ и до г. Живко Мукаетов за неизмерната поддршка за клубот и најавивме дека овогодишните резултати се поттик и мотив за уште поголеми успеси во периодот што следува.

Имавме можност да ги посетиме и производствените капацитети и Центарот за контрола на квалитет во сегментот фармација.

Вести

РК Мулти Есенс со победа го заврши првиот дел од сезоната

РК ВАРДАР НЕГОТИНО – РК МУЛТИ ЕСЕНС 22-25 (10-14)
Сала: „Младост“ во Неготино. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Конторлор. Васил Чавдаров.
РК ВАРДАР НЕГОТИНО: Мицев, Кузев, Кузманов 3, Кериќ 3, Орешков 4, Митевски 4, Ѓорѓев 2, Петров 1, Адамовиќ 5, Ицев, Михајловиќ, Пеовски, Јовановски, М. Јовановски, Миниќ
Седмерци: 1/3 Исклучувања: 10 мин.
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 1, Костовски, Илиески 1, Д. Узунчев 4, Петрески, Трајчев, Омерагиќ, Трајковски, Василевски, Тодески, Т. Узунчев, Димовски, 6 Трајковски, Јорданов 2, Карасманакис 5
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 14 мин.

РК Мулти Есенс со победа над РК Вардар Неготино како гостин го заврши првиот дел од шампионатот во Суперлигата.
Нашиот млад тим, кој е и дебитант во најсилната лига во пролетниот дел ќе се натпреварува во Плејаут првенството, а таму ќе пренесе еден бод, заработен од есенскиот дел.
Вечерва во Неготино, нашиот тим го совлада ривалскиот Вардар и стигна до бројката од девет освоени бодови.
Првиот дел мина во знакот на нашиот тим. Поведе РК Мулти Есенс со 6-3 што беше првата поконкретна резултатска разлика што беше направена на овој натпревар.
Домашниот состав се обиде да ја анулира, но успешно се одбранивме и зголемивме на 10-5 и таа разлика од 4-5 гола ја задржавме до крајот на полувремето и покрај двете исклучувања на пикерот Карасманакис заработени во првите 20 минути од натпреварот. По 30 минути игра, РК Мулти Есенс водеше со 14-10.


РК Мулти Есенс успешно ги одбиваше нападите на домашниот состав на почетокот на вториот дел и не им дозволуваше да се размавнат и да влезат во ритам.
На 10 минути до крајот на мечот, РК Мулти Есенс ја имаше повторно разликата од полувремето (20-16), а Теодор Тодески поради три исклучувања го заврши мечот предвреме.
По ова имаа момент на инспирација домашните, успеаја да намалат на 18-20, но нашиот голман Виктор Василевски беше на висина на задачата во последните минути од средба и не им дозволи на домашните премногу да се долижат.
Во 56 минута, Илиески погоди за 24-18 и РК Мулти Есенс веќе ја имаше обезбедено победата. Конечниот резултат беше поставен по мирна игра во последните минути.

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС ОДИ ВО ГРУПНАТА ФАЗА ОД КУП НА МАКЕДОНИЈА

РК БИСИНОВ ФРУИТ ЛЕНД – РК МУЛТИ ЕСЕНС 24-39 (9-21)
Сала: „Гемиџии“ во Велес. Судии: Сашо Јанкуловски и Мартин Јовановски. Контролор: Владимир Саздовски

РК БИСИНОВ ФЛ: Манев, П. Ристевски, Иванов 4, Димитров 5, Табаков 3, Сиљанов, Ивчевски 1, Вељановски, А. Ристевски 1, Стојменов 4, Атанасовски 4, Миланов 1, Ристовски, Заров 1, Митревски
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 2 мин.

РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Василевски, Г. Трајковски, Костовски 2, Илиески 1, Д. Узунчев 3, Петрески 3, Трајчев 3, Омерагиќ 4, Тодески 2, Т. Узунчев 3, Димовски 3, Ј. Трајковски 2, Јорданов 7, Карасманакис 6
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 10 мин.

РК Мулти Есенс вечерва обезбеди пласман во групната фаза од Куп на Македонија. Нашиот тим беше гостин кај амбициозниот прволигаш РК Бисинов Фриут Ленд и запиша победа од 39-24 и ја оправда улогата на фаворит.

Прашањето кој ќе биде победник, беше одговорено уште во раната фаза од натпреварот во која РК Мулти Есенс поведе со пет гола разлика (8-3), а потоа во брз ритам продолжи да ја зголемува.
Прв пат двоцифрено стана при резултат 16-6, а на полувреме беше 21-9 за нашиот млад тим.

Во второто полувреме беше резултатски израмнето, но разликата постојано беше висока за конечно мечот да заврши со победа на РК Мулти Есенс од 15 гола разлика.

Олег Јорданов со седум гола и Валентин Карасманакис со шест погодоци беа најефикасните играчи во нашиот состав вечерва.

Вести

РК АЛКАЛОИД СЕ ПЛАСИРАШЕ ВО СЛЕДНАТА РУНДА ОД КУП НА МАКЕДОНИЈА

РК ДРАЧЕВО – РК АЛКАЛОИД 26-44 (15-21)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Василевски и Блаже Михајлов. Делегат: Моника Ѓорѓиевска
РК ДРАЧЕВО: Таневски, Дабевски 2, Лалов 1, Ристовски 1, Шумоски 1, Божинов 1, Димов 2, Стојанов 4, Илиевски, Ангеловски, Димчевски 2, Петковски 2, Вељановски, Дука 10
Седмерци: 0/3 Исклучувања: 6 мин.
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски 2, Џонов 1, Маркоски 4, Младеновиќ 4, Стојчевиќ 5, Ѓоргиев 3, Омерагиќ 3, Бинго 1, Кофилоски 6, Д. Митев 5, Савревски 2, Гарбески 8
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид го одигра последниот меч на домашен терен во „Автокоманда“ во календарската 2023 и до крајот на овој дел од сезоната му останува само уште гостувањето во Кавадарци закажано за 16 декември.

Вечерва во „Автокоманда“, во натпревар од Куп на Македонија, во рамки на елиминациската фаза која води кон групите од ова натпреварување, РК Алкалоид го совлада тимот на РК Драчево со резултат 44-26.

РК Алкалоид настапи со редуциран состав, без неколку повредени и неколку поштедени ракометари по втор пат со кадетот Максим Гарбески во друштво на сениорските колеги. И по втор пат, тој беше најефикасниот во составот.

РК Алкалоид немаше проблеми да стигне до посакуваната победа, иако екипата на РК Драчево во првата фаза од натпреварот резултатски држеше чекор.
Така беше до резултат 11-9, а потоа РК Алкалоид влезе во подобар ритам поведе со 15-9 и разликата од шест гола разлика ја задржа до крајот на полувремето.

Во второто полувреме разликата продолжи да расте, набрзо стана и двоцифрена (26-16) и до крајот немаше поголеми резултатски возбудувања.

РК Алкалоид се пласираше во групната фаза од Куп на Македонија и во ждрепката која ќе биде закажана откако ќе биде комплетирано ова елиминациско коло ќе биде во улога на носител.

Вести

Лазаров и Митев на прес конференција: Благодарност до сите што нѐ поддржаа

РК Алкалоид на посакуван начин, со победа ја заврши својата прва сезона во Европа. Нашиот тим го совлада шпанскиот состав Логроњо Ла Риоха и го освои третото место во групата.
По натпреварот на прес конференцијата зборуваа тренерот Кирил Лазаров и најдобриот стрелец на натпреварот, Марко Митев.

„Навистина сум среќен за првата историска победа на нашиот клуб. Честитки на моите играчи, а и на Ла Риоха за фер-плеј натпреварот. Знам што значи Логроњо Ла Риоха за шпанскиот ракомет, минав седум години во земјата. За нас ова е голема победа, иако повторно ги правевме истите грешки, промашивме три пенали, неколку удари од шест метри.
Сепак, знам дека ова е првпат за многу наши играчи во Европа. Се гледаше дека ни недостига искуство во оваа групна фаза, ама се гледа и дека одиме напред.
Се надевам дека во иднина ќе бидеме подобри. Заслужено запишавме победа во групната фаза. Благодарност и до публиката која не поддржа во овие натпревари, препознавајќи го нашиот македонски проект“, изјави Лазаров. 

Марко Митев вечерва не само што беше најдобар стрелец, беше и стрелец на клучните голови со кои Алкалоид стигна до победата.

 „Пресреќен сум за оваа победа која со моите соиграчи лавовски ја изборивме. Ова беше заслуга на целиот тим.
Сега сме фокусирани на нашата Суперлига и она што ни следи. Овој натпревар ќе биде мотив плус за сите млади играчи во овој тим да работиме повеќе. Настапот ќе ни биде плус и во искуството кое го стекнуваме од меч во меч“, изјави Митев

Вести

Прва европска победа за РК Алкалоид!

РК АЛКАЛОИД – БМ ЛОГРОЊО ЛА РИОХА 28-27 (15-13)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Јакуб Јерлецки и Мацеј Лабун од Полска. Делегат: Владимир Јовиќ од БиХ
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски (17 одб), Џонов 5, Маркоски 2, Младеновиќ, Стојчевиќ, Стојковиќ 3, М. Митев 10, Ѓоргиев, Велковски 4, Омерагиќ, Бинго 2, Кофилоски, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 0/3 Исклучувања: 12 мин.
БМ ЛОГРОЊО ЛА РИОХА: Паласиц (17 одб), Абделмоталеб, Солер 3, Пресиадо 1, Фернандез, Моди 1, Алвес 6, Заја 8, Туа 2, Уриос 1, Ортиз, Д. Кадарсо 1, Паломино, Е. Кадарсо 4
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 14 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата прва победа во Европа во клупската историја! Вечерва во Скопје, нашиот тим ја совлада екипата на Логроњо Ла Риоха од Шпанија (28-27) и ја заокружи деби сезоната на посакуваниот начин.
РК Алкалоид настапи без неколку играчи, отсутни поради повреди, но успеа да го одржи нивото на игра доволно високо и да ја исполни зацртаната цел.
Поведовме 2-0, но потоа гостинскиот состав ја презема контролата и поведе со 10-5. Нашиот тим покажа карактер, не подлегна на тој притисок и со голема поддршка од голманот Иван Галевски почна да се враќа во игра.


Во 24 минута израмнивме 12-12, на полувреме заминавме со водство од 15-13.
Во вториот дел нашиот тим поведе со 18-14, но и Шпанците покажаа карактер, влегоа во серија, израмнија на 18-18 и потоа почна игра на нерви, игра гол за гол.

По многу борба и вложена енергија и емоции, во финишот на натпреварот нашиот тим успеа да направи пресврт и да поведе. Во последната минута и со два гола разлика, но драматичен беше финишот.
Гостите намалија на 27-28, а потоа откако нашиот тим направи техничка грешка имаа шанса и за израмнување. Но, нашата одбрана беше на потребното ниво и го одбранивме најважниот напад и ги освоивме првите комплетни бодови.
Марко Митев со 10 постигнати гола и Иван Галевски со 17 одбрани беа најистакнатите индивидуалци на денешниот натпревар.