Вести

РК Алкалоид е во 1/8 финалето на Европскиот ЕХФ Куп

ВЕСТ ВИЕНА – РК АЛКАЛОИД 29-32 (12-16)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Филип Фанер и Лукас Кубиш од Полска. Делегат: Борис Ивановиќ од Србија
ВЕСТ ВИЕНА: Вејк 1, Единове, Мелезинг 4, Мостл 3, Дердак 3, Г. Кофлер 1, Драгер 2, Беркоп 2, Хубер 2, Фристик, Фајфер 2, Бруславски 4, Гарејс 4, Пајер, Вигфри, Ј. Кофлер
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 6 мин.
РК АЛКАЛОИД: Галевски (5 одб), Кизиќ (7 одб), Џонов 3, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 7, Карасманакис, Стојковиќ 1, Митев 3, Ѓоргиев 1, Велковски 1, Бинго 2, Франциско 2, Симоноски 3, Петковски 7, Савревски 2
Седмерци: 4/5 Исклучувања: мин. 4 мин,

РК Алкалоид се пласираше во 1/8 финалето на Европскиот ЕХФ Куп и со тоа испиша уште една успешна страница во клупската историја.

По триумфот од 38-27 на првиот натпревар со австрискиот тим Вест Виена, вечерва Алкалоид на реванш натпреварот што исто така се играше во Автокоманда, но официјално домаќини беа Австријците го потврди пласманот во следното коло, каде што ќе бидат 16 најдобри екипи во ова натпреварување.
РК Алкалоид противникот за следното коло кое пак ќе се игра во февруари, ќе го дознае во вторник.

Темпото на вечерашниот натпревар не беше брзо како на првиот меч, но РК Алкалоид подобро се снаоѓаше од противникот и со побавен стил на игра.

Резултатот го диктираше нашиот состав, водевме со гол до два разлика во првите дваесетина минути, а потоа со серија од 5-0, РК Алкалоид поведе и со седум гола разлика (15-8). На полувреме, резултатот беше 16-12, откако и Австрискиот состав ги искористи своите „пет“ минути.
Размената на голови на почетокот на вториот дел го стави во преден план Александар Петковски, а разликата остана меѓу три и четири гола (21-17, 37 мин), а плус пет гола разлика беа одново достигнати во 40 минута (23-18).

На осум минути до крајот на натпреварот, Алкалоид водеше 30-25 и без поголеми проблеми го приведе мечот кон крајот и се промовираше во 1/8 финалист на ЕХФ Европскиот Куп.

Вести

Убедлива победа над Вест Виена, 1/8 финалето е на дофат

РК АЛКАЛОИД – ВЕСТ ВИЕНА 38-27 (20-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Филип Фанер и Лукас Кубиш од Полска. Делегат: Борис Ивановиќ од Србија

РК АЛКАЛОИД: Галевски (10 одб), Трајкоски (6 одб), Џонов 2, Петров, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 8, Карасманакис, Стојковиќ 2, Митев 7, Ѓоргиев, Велковски 2, Бинго 6, Франциско 2, Петковски 9, Савревски
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 10 мин.
ВЕСТ ВИЕНА: Вејк, Единове, Мелезинг 8, Мостл 2, Дердак, Г. Кофлер 3, Драгер 4, Беркоп 2, Хубер 1, Фристик 1, Фајфер, Бруславски 4, Гарејс, Пајер, Вигфри, Ј. Кофлер 1

Седмерци: 5/7 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид направи голем чекор кон 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп по денешната победа над австрискиот претставник Вест Виена.

Уште еднаш РК Алкалоид имаше шанса да игра против екипа која игра брзо и не го менува ритамот без разлика на моменталниот резултат.

Поведоа со 2-0 гостите, но веднаш следше одговор од нашиот тим кој по десет минути игра во кои издоминира Арно Бинго со пет постигнати голови веќе водеше со 8-4.
Пет минути подоцна беше 12-6 по што резултатски натпреварот се смири и разликата до крајот на полувремето се движеше меѓу шест и седум гола разлика за РК Алкалоид.

Добри моменти во овој дел имаше голманот Иван Галевски, а се истакна и десното крило Александар Петковски кој беше стрелец на пет гола во првите 30 минути.
По девет минути игра во второто полувреме РК Алкалоид за прв пат поведе со 10 гола разлика (26-16).

Динамичната игра донесе голови на двете страни, а за одбележување е и настапот на голманот Благојче Трајкоски кој за кратко време успеа за запише шест одбрани. Конечно, РК Алкалоид победи со 11 гола разлика (38-27) и помирно ќе го чека вториот натпревар.

Реванш натпреварот ќе се игра утре, во „Автокоманда“ со почеток од 19:00 часот.

Вести

Лазаров: Нашата цел e пласман во следната рунда, но мора да сме внимателни

По успешниот старт на сезоната во кој екипата комплетираше 14 победи по ред меѓу кои и два натпревари од Европскиот ЕХФ Куп против литванскиот претставник Клаипеда Драгунас, РК Алкалоид се наоѓа пред вториот европски предизвик сезонава.
Во третото коло, последно што се игра во 2024 година, РК Алкалоид на два натпревара ќе се бори за пласман во 1/8 финалето против екипата на Вест Виена од Австрија.

Вест Виена е клуб со богата, речиси 80 годишна традиција и вредни резултати во кои се запишани и шест шампионски титули во домашното првенство едно полуфинале во Лигата на шампионите на ЕХФ.
Последната шампионска титула ја освоија во 2023 година, но соочен со економски проблеми, клубот истата сезона се повлече од најсилното натпреварување.
Веднаш успеа да се врати во најсилната конкуренција, а во процесот го освоија и Куп на Австрија со што се здобија со право да настапат во годинешниот ЕХФ Европски Куп.
Во второто коло, Вест Виена играше два натпревари на Фарски острови против екипата на Вестмана ИФ. На првиот меч победија со 29-22, разликата ја одбранија на реваншот што го загубија со 30-34.

Двата натпревари ќе се играат во салата „Автокоманда“. Во петок (29 ноември) и сабота (30 ноември). Двата натпревари се закажани со почеток од 19:00 часот.
РК Алкалоид денеска одржа прес конференција на која двомечот го најавија тренерот Кирил Лазаров и ракометарот Мартин Серафимов.

„Второто коло го поминавме против незгодна литавснка екипа. Сега добивме за противник доста воиграна екипа, која е составена од младински репрезентативци од Австрија, тим против кого нашите младинци одиграа ова лето нерешено.
Противникот е технички добро подготвен и трча многу добро. За нас како тим тоа ќе биде одлично бидејќи играме ист ракомет. Гледачите во рок од 48 часа ќе можат да гледаат два добри мечеви. Наша цел е победа, но за тоа треба да одиграме. Мораме да бидеме максимално сериозни во пристапот, наша цел е да го надоградуваме нашиот систем. Се надевам дека ќе има што повеќе публика во Автокоманда. Овие момци во периодот во кој измина заслужија да имаат поддршка особено на европски натпревари“, изјави Кирил Лазаров.

На прес-конференцијата мечот го најави и Мартин Серафимов, кој исто така најави дека нивната цел е победа на двата меча.

„Успешниот старт на Европскиот Куп, ни следат два меча на домашен терен со Вест Виена. Подготвени сме да ги исполниме обврските и да го прифатиме предизвикот и секако да ги добиеме натпреварите. Се надевам дека ќе има поддршка од публиката“, рече Серафимов.

Вести

РК Алкалоид без бодови од гостинското дерби

РК ВАРДАР 1961 – РК АЛКАЛОИД 29-27 (15-13)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски. Делегати: Драган Начевски и Душко Камишевски

РК ВАРДАР 1961: Еспиња, Гогов, М. Стојановски 1, Јагуриновски 1, Аларов, Т. Стојановски, Георгиевски 1, Танкоски 1, Коиј 2, Горига 7, Срдановиќ 6, Николиќ 4, Петриќ 2, Маргели 2, Ќосевски, Борозан 2
Седмерци: 4/7 Исклучувања: 10 мин.

РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 4, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис, Стојковиќ 2, Митев 5, Ѓоргиев 2, Велковски, Симоноски 4, Бинго 1, Франциско 1, Петковски 3, Савревски
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 10 мин.

По 14 официјални натпревари од почетокот на сезоната на кои триумфираше, РК Алкалоид вечерва прв пат не успеа да победи. Тоа се случи на дерби мечот од македонската ракометна Суперлига, на гостински терен кај РК Вардар 1961.

Домашниот состав подобро го почна натпреварот и успеа да поведе со 5-2, но брзо се вратија ракометарите на РК Алкалоид и израмнија на 6-6, по што натпреварот доби ритам игра “гол за гол“.
РК Алкалоид го презема водството во вториот дел на полувремето, поведе со 11-9, но во финишот имаше нов пресврт и на пауза се замина со резултат 15-13 за РК Вардар.

Во второто полувреме РК Алкалоид одново фати резултатски приклучок, израмни на 19-19 и имаше неколку шанси да премине во водство и да ја преземе контролата врз резултатот.

Но, во желбата да направат пресврт нашите ракометари во неколку наврати избрзаа, не ги искористија убавите шанси што им се отворија во клучните моменти од натпреварот, а такви имаше неколку и на крајот натпреварот заврши при резултат 29-27.

РК Алкалоид и натаму останува на првото место на табелата со ист број на бодови, но со подобра гол разлика и подобар меѓусебен скор од РК Вардар 1961.
Следните натпревари за РК Алкалоид се од Европскиот ЕХФ Куп. Во петок и во сабота во „Автокоманда“ се среќаваме со австрискиот претставник Вест Виен.

Вести

РК АЛКАЛОИД ГО ОСВОИ И ОХРИД

ГРК ОХРИД – РК АЛКАЛОИД 22:29 (14:16)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Контролори: Драган Начевски и Ацо Николовски
ГРК ОХРИД: Чаневски, Ојлески 1, Мацуока, Јукиќ 2, Шипинкоски, Тасески 4, Сафранко 2, Јотиќ 1, Кукоски, Крстевски, Пешиќ 4, Кукуловски 1, Орјоникидѕе 2, Бојаниќ 1, Цирар 4, Ѓорѓески
Седмерци: 2/5 Исклучувања: 4 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов, Маркоски, Младеновиќ 1, Серафимов 12, Карасманакис, Стојковиќ 2, Митев 5, Ѓоргиев 1, Велковски 1, Симоноски 1, Бинго 2, Франциско 2, Петковски 1, Савревски 1
​Седмерци: 8/8 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид ја продолжи победничката низа и на секогаш тешкото и непријатно гостување кај ГРК Охрид во полната сала „Билјанини извори“. Нашиот тим ја забележа 11 суперлигашка победа сезонава од исто толку одиграни натпревари или вкупно 14 победа од 14 одиграни официјални натпревари од почетокот на сезоната.
Домашниот состав се прикажа во борбено издание, но нашиот тим беше подготвен на игра со дуели и уште од почетокот почна борба за секоја топка, борба во која нашиот тим диктираше водство, но ГРК Охрид успеваше да израмни.
Играта гол за гол стана поподнослива откако кон средината на полувремето РК Алкалоид поведе со два гола разлика (9-7, 10-8), а во еден момент имаше и плус три (12-9). На полувреме се замина со резултат 16-14 во полза на нашиот тим.
Мартин Серафимов играше одлична партија, имаше 100 настотна реализација на седмерците, а постигна вкупно 12 погодоци вечерва. Марко Митев одлично се справуваше со зоната на домашниот тим, креираше игра заедно со Игор Ѓоргиев од централната бековска позиција, а мечот го заврши со пет погодоци. Важна улога што работите во второто полувреме беа на нашата страна имаше и голманот Иван Галевски кој запиша седум интервенции, а трипати не беше совладан од седум метри.


Охридскиот состав се обиде на почетокот на вториот дел со силен ритам и многу дуел игра во одбраната да ја анулира разликата, но Алкалоид успешно се справи со овој предизвик и по 20-18, откако домашните не успеаја да го скршат нашиот отпор, ја презема играта и премина во контраофанзива. Следеше серија од 4-0, водство од 24-18 и потоа со рутинирана игра, доволно внимателна да не се дозволи серија на противничкиот состав, го одведе натпреварот кон крајот.
РК Алкалоид имаше и максимални девет гола разлика во финишот на натпреварот (29-20), а средбата заврши со резултат 22-29.
Следниот натпревар на РК Алкалоид е одново на гостински терен. Во рамките од 12 коло, по втор пат сезонава силите ќе ги одмериме со екипата на РК Вардар 1961, овој пат во салата „Јане Сандански“.

Вести

РК Алкалоид „заокружи“ десет победи по ред

РК АЛКАЛОИД – МРК КУМАНОВО 40-25 (23-11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегат: Зоран Кимовски
РК Алкалоид: Галевски, Трајкоски, Џонов, Младеновиќ 5, Серафимов, Карасманакис 2, Стојковиќ 2, Митев, Симоноски 5, Бинго 3, Франциско 8, Петковски 9, Савревски 6
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 8 мин.
МРК Куманово: Димитријевки, Димевски 4, Винисиус 6, Димитров 3, Вујичевски, Цветковски, Јакимовски 1, Стојановски, Цековски 1, Крстаноски, Гамзардија 1, Симоноски 8, Михајловски
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 4 мин.

РК Алкалоид ја запиша десеттата првенствена победа по ред во Суперлигата. Вечерва на домашен терен, РК Алкалоид го совлада тимот на Куманово и ја продолжи низата на победи и на натпревари на кои постигнува повеќе од 30 гола, а тоа трае од почетокот на сезоната и брои вкупно 13 натпревари.

Вечерва со малку изменет тим во кој неколку играчи одмораа, личната статистика ја подобрија Француско Силва, Александар Петковски, Давид Савревски, Кристијан Симоноски и Михајло Младеновиќ.
Овие ракометари ја имаа главната улога и го водеа тимот од 4-1 со 11-3, потоа беше 14-6, 17-7 а на полувреме 23-11.
Во второто полувреме беше резултатски израмнето, но разликата не падна под 10 гола, а РК Алкалоид запиша победа од 15 гола разлика.
Следи пауза поради настапот на репрезентацијата, а потоа во последниот меч од првиот круг, РК Алкалоид ќе гостува во Охрид.