Вести

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА РК АЛКАЛОИД ПРЕД ДУЕЛОТ СО РК ВОЈВОДИНА

РК Алкалоид е пред својот прв европски предизвик во клупската историја. Благодарение на освоеното второ место во македонската Суперлига минатата сезона, клубот се избори за право да го претставува македонскиот клупски ракомет директно во групната фаза на EHF Европската лига, второ по квалитет натпреварување во Европа, зад Лигата на шампионите.

Натпреварите од групната фаза на EHF Европската лига почнуваат од утре (17.10.2023).
РК Алкалоид е во групата со екипите на РК Бјерингбро Силкеборг од Данска, Логроњо Ла Риоха од Шпанија и првиот гостин во Скопје, екипата на РК Војводина, повеќекратен првак на Србија.

РК Алкалоид денеска организираше прес конференција, а пред големиот број медиуми од Македонија и од Србија, за значењето на настапот во EHF Европската лига, амбициите на клубот и очекувањата од утрешниот натпревар, говореа тренерот на екипата Кирил Лазаров и капитенот Игор Ѓоргиев.

„Ова е историски натпревар за нашиот клуб. Минатата година успеавме да направиме голем успех и да се пласираме во Европската лига на ЕХФ, во втората година од нашето постоење. Тоа е второ по квалитет натпреварување во Европа, по Лигата на Шампионите и тоа за нас значи многу, затоа што лани имавме екипа само со македонски играчи.
Ќе се обидеме да бидеме компетитивни во натпреварувањето кое е рамо до рамо во Лигата на шампионите и тука има екипи кои многу пати низ историјата играле во елитата. За нас ова ќе биде голем предизвик, посебно за младите македонски играчи и се надевам дека достојно ќе се презентираме“, изјави тренерот Кирил Лазаров.

„Го имаме првиот ривал Војводина, победник на EHF Куп, третото европско натпреварување на ЕХФ минатата сезона. За да се победи во било кој европски куп мора да бидете квалитетни. Оваа година Војводина донесе двајца Тунижани, го имаат Воркапиќ кој е еден од нивните подобри играчи, тука е и Сунајко, унгарски интернационалец и репрезентативец, потоа белорускиот репрезентативец Пуховски, Словенецот Оцвирк… тоа доволно говори со каков противник треба да ги одмериме силите.
Македонската јавност во следниот период ќе ужива во овие мечеви, а ние како клуб ќе се обидеме да ги оправдаме очекувањата и да го дадеме најдоброто од себе. Очекувам квалитетен меч, се надевам дека играчите ќе одговорат на предизвикот. Максимално ја респектираме Војводина, но ако бидеме на потребното ниво, ќе се отвори можност за изненадување“, изјави Лазаров.

Капитенот на екипата, Игор Ѓоргиев во своето обраќање до јавност, изјави:
„„Ние сме млада екипа, а по ланскиот успех во македонското првенство во кое завршивме како вицешампиони, ни следи нов голем предизвик, тоа е Европската лига на EHF. Прв ривал ни е РК Војводина, актуелен првак на Србија, екипа составена од квалитетни играчи.
Како капитен на екипата, можам да кажам дека сме подготвени и дека играчите се мотивирани, со желба за докажување.
За нас овие натпревари ќе бидат едно големо искуство. Би сакал да испратам порака до македонската јавност и публиката да дојдат и да не поддржат.“, изјави Ѓорѓиев.

Натпреварот ќе се игра во салата „Јане Сандански“ во почеток од 20:45 часот. Билети за натпреварот можат да се набават преку продажната мрежа на MKTickets:
РК АЛКАЛОИД – РК ВОЈВОДИНА – MKTickets : MKTickets

Вести

ВТОРА ПОБЕДА ЗА РК МУЛТИ ЕСЕНС

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ВАРДАР НЕГОТИНО 30-27 (15-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Илија Цветковски
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 2, Костовски 4, Илиески 9, Петковски, Д. Узунчев, Петрески, Трајчев, Омерагиќ 2, Василевски, Тодески 3, Т. Узунчев, Димовски 5, Трајковски, Јорданов 2, Карасманакис 3
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 6 мин.
РК ВАРДАР НЕГОТИНО: Куев, Кузманов 3, Кериќ 3, Орешков 3, Митевски 2, Мицев 2, Ѓорѓев 2, Петров 1, Адамовиќ 6, Ицев, Михајловиќ 3, Пеовски 2, Јовановски, Миниќ
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 8 мин.

Екипата на РК Мулти Есенс, денеска ја запиша својата втора суперлигашка победа. Нашите млади ракометари беа подобри од тимот на РК Вардар Неготино (30-27) и стигнаа до бројката од шест освоени бодови.
Натпреварот беше резултатски израмнет во текот на целото прво полувреме. РК Мулти Есенс поведе со 2-1, потоа гостите имаа минимална предност или беше нерешено (5-5, 6-6), па одново се менуваа во водство екипите сѐ до полувремето кое заврши со минимална предност на нашиот тим (15-14).


РК Мулти Есенс беше подобриот противник во второто полувреме и брзо дојде до повисока предност (19-16, 20-17), а клучниот период беше во втората половина на полувремето кога од водство 24-22, зголемивме на 27-22. Тие пет гола залиха беа доволни за на крајот да запишеме победа од 30-27.
​Божидар Илиески со девет постигнати гола беше лидерот во играта и најдобриот стрелец во тимот, следен од Мартин Димовски со пет и Михајло Костовски со четири постигнати погодоци.

Вести

Победа на дербито, РК Алкалоид осамен на врвот

РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 30-22 (14-11)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Контролор: Цане Куртовиќ
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, Џонов 5, Маркоски 3, Младеновиќ 3, Серафимов 3, Стојчевиќ, Стојковиќ, М. Митев 3, Ѓоргиев, Велковски 3, Омерагиќ, Бинго 5, Петковски 1, Д. Митев 2, Савревски 1
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 10 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Гемаљевиќ 1, Анастасовски 2, Лазов 1, Мијатовиќ 2, Темелкоски 3, Стефановиќ , Соколов, Велков, Лазов, Манасков 1, Органџиев, Шулески, Коцев 1, Симиќ 4, Мајиќ 2, Обина 3
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид остана единствен перфектен тим во Групата А во Суперлигата! Нашата екипа беше подобра од ГРК Тиквеш на дерби дуелот на двете досега непоразени екипи. РК Алкалоид играше на домашен терен, а епилогот е (30-22) за седма победа во седмиот натпревар.
РК Алкалоид имаше подобар старт поведе со 5-1 и потоа до крајот на првиот дел кој заврши со водство на Алкалоид од 14-11 ја одржуваше.


Во второто полувреме, РК Алкалоид уште еднаш го засили ритамот, поведе со повеќе пет и повеќе голови разлика и без проблеми го приведе мечот до крајот.
Најдобри стрелци во РК Алкалоид беа Иван Џонов и Арно Бинго со по пет гола, а Митев, Серафимов, Младеновиќ, Маркоски и Велковски стрелаа по три пати. Благојче Трајковски имаше вкупно 13 одбрани.

Следен натпревар за РК Алкалоид е првиот европски предизвик против РК Војводина во Европската лига на ЕХФ (17.10.2023, 20:45 часот).

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС ГИ ПРЕПУШТИ БОДОВИТЕ НА ФАВОРИТОТ

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ВАРДАР 1961 24-33 (9-16)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Методија Илиевски и Михајло Илиевски. Контролор: Драган Начевски
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 4, Костовски 2, Илиески 2, Д. Узунчев, Петрески, Трајчев, Омерагиќ 4, Трајковски, Василевски, Тодески, Т. Узунчев 2, Димовски 1, Трајковски, Јорданов 2, Карасманакис 7
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.
РК ВАРДАР 1961: Томовски, Гогов, Јагуриновски 5, Аларов, Георгиевски 5, Карапалески, Јашухира 1, Ансер, Лазаревски 1, Срдановиќ 5, Николиќ 8, Ѓукиќ 5, Атанасовски 2, Стојановски 1, Ќосевски, Мело
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 2 мин.

РК Мулти Есенс во натпревар со заменети домаќинства се сретна со фаворитот Вардар 1961 на меч што се играше во „Автокоманда“.
Бодовите заминаа на салдото на гостинскиот состав кој имаше подобро отворање во кое дојде до значителна резултатска предност.
РК Мулти Есенс со серија од 4-0 ја редуцираше разлика на минус шест на полувреме (9-15), а во вториот дел одново гостите имаа комотна позитива која на крајот резултираше со победа од 33-24.
Во следното коло, РК Мулти Есенс одново игра меч на кој може да освои бодови, а противник е екипата на Вардар Неготино.

Вести

РК АЛКАЛОИД СО ТРИ БОДА СЕ ВРАЌА ОД КУМАНОВО

МРК КУМАНОВО – РК АЛКАЛОИД 21-34 (9-19)
Сала: ДСУ “Перо Наков“ во Куманово. Судии: Иво Георгиевски и Игор Наумовски. Контролор: Лери Мирчески
МРК КУМАНОВО: Димитријевски, Кимевски, Димитров 2, Стојановски 1, Ѓурковиќ 3, Даневски 1, Цветвкоски, Бошковски, Тасевски 1, Миладиновски, Илиевски 1, Богдановски, Симоноски 3, Уча 9, Михајловски
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, Џонов 3, Младеновиќ 9, Серафимов 6, Стојчевиќ 2, Стојковиќ 1, М. Митев 3, Ѓоргиев 1, Омерагиќ 1, Бинго, Кофилоски 2, Петковски 3, Д. Митев 2, Савревски 1
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 14 мин.

РК Алкалоид ја запиша и шестата победа по ред во македонската Суперлига. Вечерва како гостин во Куманово, нашиот тим славеше победа од 34-21 и го задржа првото место на табелата, во пресрет на дуелот со исто така досега непоразениот тим на ГРК Тиквеш, меч што ќе се игра во четврток.
Вечерва во Куманово, нашиот тим отвори многу добро, импресивно и поведе со 8-1 со што уште по десетина минути игра победникот практично беше решен.
Предноста од 7-8 голови, РК Алкалоид ја одржуваше рутински, а на полувреме замина со двоцифрена предност (19-9).


Во вториот дел се играше поизрамнето резултатски, но разликата секогаш беше двоцифрена. Михајло Младеновиќ со девет гола беше најефикасниот играч на РК Алкалоид вечерва, следен од Серафимов кој постигна шест погодоци.
Следниот меч на РК Алкалоид е дуелот со ГРК Тиквеш што ќе се игра во четврток, а потоа следи мечот од EHF Eвропската лига против екипата на РК Војводина.

Вести

Почна продажбата на билети за EHF Европската лига меѓу РК Алкалоид и РК Војводина

Започнува продажбата на билети за натпреварот РК Алкалоид – РК Војводина, кој ќе се игра во рамките на првото коло од Европската лига на EHF на 17.10.2023 (вторник) со почеток од 20:45 ч.

Продажбата на билети за натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Војводина ќе биде преку продажната мрежа на MKTickets https://mktickets.mk/event/alkaloid-vojvodina/

Цената на влезните билети за дуелот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје изнесува 150 и 100 денари. Блоковите 1, 2, 9 и 10 се по цена од 100 денари, додека, пак, билетите за блоковите 3, 4, 7, 8, 11, 12, 15 и 16 чинат 150 денари.