Вести

EHF Европската лига е на хоризонтот!

Почна одбројувањето до почетокот на групната фаза на EHF Европската лига во која претставник на Македонија е нашиот РК Алкалоид. EHF Европската лига веќе е на хоризонтот. Помалку од 10 дена нѐ делат од историскиот прв меч на РК Алкалоид на меѓународната сцена.

Нашиот тим ќе се натпреварува во групата Ф во која се уште и шпанскиот тим Логроњо Ла Риоха, данскиот Бјерингбро Силкеборг и нашиот прв гостин и противник – повеќекратниот шампион на Србија и актуелен освојувач на ЕХФ Куп, екипата на РК Војводина.

Првата екипа што ќе гостува на европски меч на РК Алкалоид се црвено-белите од Нови Сад, екипата на РК Војводина, тоа е засилен тим во кој има и шест искусни странски засилувања меѓу кои, пак, најпознат е белорускиот ас Борис Пуховски.

Натпреварите од EHF Европската лига имаат фиксен термин и секогаш се играат во вторник.
Дуелот меѓу екипите на РК Алкалоид и РК Војводина е закажан за 17 октомври и ќе се игра со почеток од 20:45 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје, а ќе има и директен тв пренос од оваа средба.

Процесот на акредитирање на медиумите е отворен, а почната е и продажбата на билети за овој меч. Тие се по цена од 100 и 150 денари и можат да се набават на продажните места на РК АЛКАЛОИД – РК ВОЈВОДИНА – MKTickets : MKTickets

Предизвикот пред нас е голем, желбата да победиме уште поголема. Ве очекуваме во сала, бидете нашиот осми играч!

Вести

Прва суперлигашка победа за РК Мулти Есенс

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ПРИЛЕП 31-30 (15-15)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски. Делегат: Цане Куртовиќ
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Цветкоски, Димевски 2, Костовски, Илиески 4, Д. Узунчев 3, Перески, Трајчев, Омерагиќ 9, Г. Трајковски, Тодески 2, Т. Узунчев, Димовски 1, Ј. Трајковски, Јорданов 7, Карасманакис 3
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 12 мин.
РК ПРИЛЕП: Ацевски, Кастратовиќ 5, Рајатоски 6, Адамчески, Бикоски, Ангелески, Крстески, Велески, Бурчески 3, Квастек 1, Цветаноски 7, Шабановиќ 1, Имнадѕе 3, Трајкоски
Седмерци: 1/3 Исклучувања: 10 мин.

РК Мулти Есенс денеска испиша нова клупска историја со освојување на првите суперлигашки бодови. Нашиот млад тим го совлада тимот на РК Прилеп, квалитетна и реновирана екипа во која како засилувања има и неколку интернационалци.

Нашите момци одиграа борбен натпревар кој беше со тесна резултатска разлика во текот на сите 60 минути. Тоа беше меч каков што му беше потребен на нашиот тим, дуел во кој мораа да бидат вложени сите сили и цела концентрација.

Резултатски во првиот дел на почетокот водеше гостинскиот состав, а РК Мулти Есенс израмни во повеќе наврати, беше и во водство (11-10, 12-11), на полувреме 15-15.


Во второто полувреме, во текот на сите 30 минути водеше нашиот тим. Имавме водство и од два-три гола разлика, но не успевавме да направиме клучен исчекор. Имаше моменти кога гостите сериозно беа блиску до израмнување, но нашиот голман Виктор Василевски одлично реагираше во неколку наврати, а во нападот најдобро голгетерски расположени беа Дарин Омерагиќ со девет гола и Олег Јорданов кој со својот гол број седум за водство од 31-29 ја запечати победата на нашиот тим.

Вести

Акредитирање за натпреварот РК Алкалоид – РК Војводина

Почитувани медиуми,

Отворен е процесот за акредитирање на медиумите и на медиумските работници за натпреварот од првото коло во групата Ф на Европската лига на EHF меѓу екипите на РК Алкалоид и на РК Војводина, кој ќе се игра на 17 октомври (вторник) од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје.

Новинарите од печатените медиуми и од порталите, како и фотографите треба да ги испратат своите барања најдоцна три работни дена пред почетокот на натпреварот. Барањата за акредитации треба да ги испратат на следнава адреса: [email protected]

Тeлевизиите, веб-телевизиите, поткастите и радијата/веб-радијата мора да аплицираат директно во EHF за добивање акредитација за следење на натпреварот. Барањата за акредитации треба се реализираат преку онлајн-платформата за акредитирање на EHF: https://accreditation.ehf.eu.

Акредитациите ќе бидат поделени на прес-конференцијата за најава на мечот на 16.10.2023 г., за која ќе бидете навремено информирани.

Вести

РК АЛКАЛОИД ОСТАНА МАКСИМАЛЕН ВО СУПЕРЛИГАТА

РК АЛКАЛОИД – РК СТРУГА 38-18 (13-13)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Михајло Илиевски и Методија Илиевски. Контролор: Камер Металари

РК АЛКАЛОИД: Трајковски 1, Галевски, Џонов 5, Маркоски, Младеновиќ 2, Серафимов 4, Стојчевиќ, Стојковиќ, М. Митев 2, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Омерагиќ 3, Бинго 4, Кофилоски 5, Петковски 7, Д. Митев 1

Седмерци:2/2 Исклучувања: 6 мин.

РК СТРУГА: Тутенкоски, Тренчевски 5, Мулиќ, Савевски 1, Младеновски 2, Јанкуловски 4, Симоноски, Велјаноски, Ф. Мечкароски 1, Костоски, Бошњак 5, Марковски, М. Мечкароски, Гускароски, Рикановиќ

Седмерци: 5/6 Исклучувања: 6 мин.

Нашиот тим тргна добро и имаше контрола на играта на стартот. Иван Галевски забележа две интервенции, се дојде до серија од 4-0 и така избраниците на Кирил Лазаров од 1-2, дојдоа до предност од 5-2. Струга меѓу стативите го имаше расположениот Рикановиќ, кој фати пет топки во нападите на нашите ракометари и така тимот од градот крај езерото беше во егал. Беше 9-9, 10-10, па 13-13 на паузата, а во воведните минути од второто полувреме се направи разликата.

Вториот дел беше далеку спротивен од првиот за РК Алкалоид во играта. Во првото полувреме се играше доста тешко, додека стартот на второто полувреме донесе еден нов Алкалоид на теренот. Лазаров реши да ги менува и голманите, а Благојче Трајковски, кој денес слави роденден, влезе во ритам и фати четири топки. Така, РК Алкалоид воден во нападот од Џонов, Бинго и Петковски, замина на највисоки 21-15 во 40. минута од натпреварот во „Автокоманда“. Во продолжението од мечот беше полесно да се игра, разликата константно растеше и така на крајот се запиша посакуваната победа, двоцифрена, петта оваа сезона во Суперлигата.

Колку за илустрација на различните полувремиња, во првиот дел РК Алкалоид постигна 13 и прими 13 гола, а во второто полувреме постигна 25, а прими само пет гола. За издвојување денес е и роденденскиот погодок на Благојче Трајкоски кој ја зачини неговата одлична партија со погодок од гол на гол.

Вести

ЧЕТИРИ ОД ЧЕТИРИ ЗА РК АЛКАЛОИД

РК АЕРОДРОМ – РК АЛКАЛОИД 30-44 (16-21)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Глигор Ќаев и Спаско Ќаев. Контролор: Зоран Кимовски
РК АЕРОДРОМ: Богдановски, Пајкоски 2, Мелоски 1, Митревски 2, Костов 7, Олтовски, Стојановски 1, Трифуновски 2, Трајчевски 1, Бошковски 6, Василев, Анакиевски 4, Анѓелковски 2, Грујевски, Димевски 2, Кизиќ
Седмерци: 5/10 Исклучувања: 10 мин.
РК АЛКАЛОИД: Трајковски 1, Галевски, Џонов 10, Маркоски, Младеновиќ, Стојковиќ 3, М. Митев 2, Ѓоргиев 2, Велковски 1, Омерагиќ 2, Кофилоски 5, Петковски 8, Д. Митев 7, Савревски 3
Седмерци:7/7 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид ја запиша и четвртата победа од исто толку суперлигашки натпревари во новата сезона, вечерва, како гостин во својата „Автокоманда“, против екипата на РК Аеродром.
Новиот суперлигаш амбициозно го почна натпреварот и имаше водство во првата четвртина од средбата или успеваше да израмни. Долго време се мечот беше во егал во првото полувреме, се до резултат 14-14, а потоа нашиот тим влезе во ритам и со серија од 7-2 на полувреме замина со предност од 21-16.


Вториот дел беше сосема поинаква приказна. РК Алкалоид доминираше во сите сегменти на играта и набрзо стигна до двоцифрена предност 28-18, а потоа и ја зголемуваше до највисоките плус 15 (33-18) и без проблеми стигна до нов триумф.

Вести

РК МУЛТИ ЕСЕНС БЕЗ БОДОВИ ОД ГОСТУВАЊЕТО КАЈ РК ПРОЛЕТ 62

РК ПРОЛЕТ 62 – РК МУЛТИ ЕСЕНС 32-27 (17-10)

Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Контролор: Марјан Начевски
РК ПРОЛЕТ 62: Петковски, Николовски 1, Тотиќ 1, Пецаковски, Василевски 5, Кочаров, Додевски 4, Димов 3, Андоноски 2, Мајнов, Димковски 2, Стојановски 3, Михаљевиќ, Палевски 6, Спасовски, Арсеновски 5
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 14 мин.
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 1, Костовски, Илиески 9, Петковски, Д. Узунчев 2, Петрески, Трајчев, Трајковски, Ѓоргиевски, Василевски, Тодески 1, Димовски, Трајковски, Јорданов 12, Карасманакис 2
Седмерци: 7/7 Исклучувања: 10 мин.

Нашиот млад состав, РК Мулти Есенс, имаше неуспешна акција за освојување на бодовите од дуелот со Т. Пролет 62 на гостински терен.
РК Мулти Есенс беше подобар од Т. Пролет во текот на подготовките, на турнирот во Прилеп, но вечерва домашниот состав имаше подобро отворање на натпреварот, поведе со 5-2, 8-3… и рано стигна до предност која го одреди текот на натпреварот. На полувреме беше 17-10 за домашниот состав.
Во вториот дел, домашниот состав рутински ја одржа предноста и ги освои бодовите.
Шансата за освојување на бодови, РК Мулти Есенс ќе се обиде да ја реализира во следното коло, кога во „Автокоманда“ на гости ќе дојде екипата на РК Прилеп.