Вести
Старт на Суперлигата: РК Алкалоид и РК Мулти Есенс викендов на терен
Новата ракометна сезона во Македонија почнува викендов, а пред РК Алкалоид и РК Мулти Есенс се големи предизвици во кои влегуваат подготвено, со успешно одработени летни подготовки.
РК Алкалоид во својата втора суперлигашка сезона влегува со титулата вицепрвак на Македонија и за прв пат како претставник на Македонија во групната фаза на Европската лига на ЕХФ.
Ланските остварувања се мотив плус за понатамошен развој и раст на клубот и екипата. Одговорностите се поголеми, но поголема е и самодовербата дека со квалитетна работа и посветеност во сите сфери, клубот може да оди само во еден правец – напред.
Играчки освежен и подобро екипиран со доаѓањето на четири ракометари, РК Алкалоид во подготвителниот период го освои второто место на Меѓународниот турнир во Струга каде запиша и победи над грчкиот шампион АЕК и српската екипа Динамо Панчево.
Подготовките беа комплетирани го гостување на четири натпревари во Хрватска и Словенија каде што беше додадена глазура на формата и сега со нетрпение се очекува почетокот на шампионатот во македонската Суперлига и предизвикот во Европа.
РК Алкалоид во првиот дел од првенството ќе се натпреварува во групата „А“ во која се уште и екипите на ГРК Охрид, ГРК Тиквеш, МРК Куманово, РК Аеродром, РК Струга, РК Еурофарм Пелистер 2 и РК Скопје 2020.
Првенството го почнуваме со гостување кај екипата на РК Скопје 2020. Овој натпревар ќе се игра во салата „Автокоманда“ на 8 септември со почеток од 19:00 часот.
Екипата на РК Мулти Есенс сезонава ќе дебитира во најсилното македонско натпреварување – Суперлигата. Овој млад тим составен е од селектирани ракометари кои својата шанса да напредуваат и успешно да се трансферираат од младинските во сениорска конкуренција ќе имаат преку натпреварите со најдобрите екипи во Македонија.
Иван Марковски, познатиот поранешен репрезентативец и тренер во чие резиме се запишани и домашни и странски екипи ќе ја води екипата во новиот шампионат.
РК Мулти Есенс во подготвителниот период го освои второто место на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп, победувајќи притоа екипи со подолг стаж во суперлигашката конкуренција.
РК Мулти Есенс во Суперлигата ќе се натпреварува во групата „Б“ во која се и екипите на РК Еурофарм Пелистер, РК Вардар 1961, РК Голден Арт, РК Бутел Скопје, РК Тинекс Пролет, РК Вардар Неготино и РК Прилеп.
Првенството РК Мулти Есенс го почнува на домашен терен, во „Автокоманда“ во сабота со почеток од 17:30, а прв противник ќе биде екипата на РК Голден Арт.