Вести

РК Алкалоид победнички стартуваше на „Струга 2023“

РК АЛКАЛОИД – РК ДИНАМО ПАНЧЕВО 27-23 (12-9)

Игралиште на Женска плажа – „Горан Попоски – Бабец“ во Струга. Судии: Виктор Андонов и Стојанчо Јовановски. Делегат: Камер Металари
РК Алкалоид: Ромеро (8 одб), Трајковски (4 одб), Џонов 2, Маркоски 2, Стојков 1, Младеновиќ, Серафимов 4, Стојчевиќ, Стојковиќ 2, М. Митев 2, Ѓоргиев 1, Велковски 2, Симоноски 6 (5), Омерагиќ, Бинго 2, Кофилоски 1, Савревски 2

РК Алкалоид со победа стартуваше на Меѓународниот ракометен турнир „Струга 2023“. Нашиот тим во првото коло се сретна со екипата на РК Динамо Панчево од Србија и запиша победа од 27-23 (12-9).
РК Алкалоид подобро го отвори натпреварот, одбраната функционираше добро, а голманот Алехандро Ромеро имаше неколку интервенции по кои нашите ракометари ја преземаа иницијативата и диктираа резултат, најчесто од еден до два гола разлика, а на полувреме беше 12-9.


Тренерот Кирил Лазаров имаше можност да ги испроба сите ракометари во ротацијата, Резултатот притоа не трпеше, напротив дистанцата во второто полувреме се зголеми и имавме во неколку наврати водство и од пет гола разлика (15:10, 18:13).
Во финишот на натпреварот, успешно се одбранивме од обидот на противничкиот тим да направи пресврт и без неизвесност го водевме натпреварот до конечните 27:23.
Во следното коло, РК Алкалоид ќе игра со АЕК од Атина. Таа средба ќе се игра во петок.

Вести

РК Алкалоид на Меѓународниот турнир „Струга 2023“

РК Алкалоид ќе учествува на 51. издание на Ракометниот турнир „Струга“, кој ќе се одржи од 16 до 19 август. Ова ќе биде второ учество на РК Алкалоид на најстариот турнир во земјава.

Нашиот тим е во групата А со екипите на АЕК Атина и на РК Динамо Панчево.
Првиот натпревар РК Алкалоид ќе го одигра на 16 август против екипата на РК Динамо Панчево, со почеток од 20:40 часот.

Вториот меч ќе го играме против АЕК Атина на 18 август со почеток од 20:30 часот.
На последниот ден од турнирот ќе играме за конечен пласман против екипа од групата А, во која се РК Струга, РК Вардар 1961 и шведскиот тим Есклистуна ГУИФ.

Вести

РК Алкалоид на подготовки во Маврово

Откако го заврши првиот дел на загревање, РК Алкалоид ја започна и втората фаза од подготовките за претстојната сезона. Екипата веќе е во Маврово и таму ќе се подготвува десет дена. Со акцент на физичката подготвеност, ракометарите ќе тренираат во планинскиот центар, а потоа ќе започнат и со играње контролни натпревари. Предвидено е нашиот тим да настапи на турнирот во Струга (16-19 август), а потоа ќе оди на завршни подготовки во Хрватска, каде што ќе одигра серија контролни натпревари.

Вести

ЧЕТИРИ НОВИ РАКОМЕТАРИ ВО РК АЛКАЛОИД

РК Алкалоид следната сезона, во која ќе се натпреварува и во Европската лига, ќе има четворица нови ракометари во составот.

Наши нови играчи се репрезентативецот на Македонија, десниот бек Мартин Велковски, младиот пикер Стефан Стојчевиќ, а за првпат во екипата ќе има и интернационалци. Тоа се левото крило Арно Бинго од Франција и голманот од Куба Алехандро Ромеро.

Арно Бинго играчки ќе биде најискусното име во нашата екипа кога станува збор за неговата биографија. Бинго, кој има 35 години, е поранешен репрезентативец на Франција, а во текот на кариерата настапувал за португалските екипи Бенфика и Спортинг, како и за француските Трембле и Монпелје.


Алехандро Ромеро е вториот странски ракометар, голман роден во 1994 година, а стоеше меѓу стативите на Екс Провaнс, во чии редови имаше завиден процент на одбрани. Кубанецот бранеше и за Понто Комбо од Франција, за шведскиот клуб Онередс Аристика и за Порто од Португалија.

Мартин Велковски е 26-годишен десен бек кој доаѓа од тимот на РК Е. Пелистер, а претходно настапуваше за РК Металург. Мартин Велковски има настапувано за македонската репрезентација на ЕП во Хрватска во 2018, на ЕП во Австрија во 2020, на СП во Египет во 2021 и на ЕП во Унгарија во 2022.

Стефан Стојчевиќ е пивот кој има 20 години, висок е 207 сантиметри, а доаѓа од РК Бутел Скопје. Важи за голем ракометен потенцијал, кој ќе добие одлична можност за развој во нашиот ракометен клуб, чија стратегија уште останува истата – афирмација на најдобрите млади имиња од Македонија.

Со овие четворица играчи нашиот стручен штаб ќе добие повеќе искуство на теренот, проверен квалитет и опции за игра, а тимот ќе стане поконкурентен за настапите во домашната Суперлига и во Европската лига на EHF.

Вести

ЕХФ ги одреди термините за Европската лига

Европската ракометна федерација ги официјализираше термините во кои ќе се играат натпреварите од групната фаза на Европската лига.
РК Алкалоид го започнува натпреварувањето со меч на домашен терен против првакот на Србија, РК Војводина од Нови Сад, на 17 октомври.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ:

Вести

РК АЛКАЛОИД СТАРТУВАШЕ СО ПОДГОТОВКИТЕ

РК Алкалоид денеска со првиот тренинг формално означи почеток на подготовките за сезоната 2023/2024.
Во претстојната сезона РК Алкалоид, покрај во домашното првенство, ќе се натпреварува и во Европската лига на EHF.
Првиот дел од подготовките ќе се реализираат во Скопје, а потоа екипата ќе оди на базични подготовки во Маврово.
Во вториот дел, од 16 до 20 август, РК Алкалоид ќе настапува на турнирот во Струга 2023, а потоа ќе оди на финални подготовки во Хрватска, каде што ќе игра натпревари со екипите на РК Нексе, РК ППД Загреб, РК Сесвете и со словенечката екипа РК Добова.