Вести

РК Алкалоид со три бода од гостувањето кај РК Т. Пролет

РК Т. ПРОЛЕТ – РК АЛКАЛОИД 22-28 (11-14)
Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески. Делегат: Камер Металари
РК Т. ПРОЛЕТ: Петковски, Василевски 6, Пецаковски 4, Додевски, Димов 2, Андоновски 4, Мајнов, Димковски 2, Крстески 2, Стојановски 1, Фичорски, Јанчев, Михаљевиќ, Палевски, Спасовски 1
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 8 мин.
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајкоски, Петров 2, Маркоски 1, Стојков 5, Младеновиќ, Серафимов 3, Стојковиќ, М. Митев 3, Ѓоргиев 5, Симоноски, Омерагиќ 1, Кофилоски 1, Петковски 1, Д. Митев 2, Савревски 4
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 2 мин.

РК Алкалоид ја запиша седмата победа во плејоф-првенството. Вечерва нашиот тим славеше победа над РК Тинекс Пролет, на гостински терен со резултат 28-22.


РК Алкалоид по почетното водство на противникот од 2-1, ја преземе комплетно контролата во следниот период и поведе со (4-2, 7-4, 10-6). Тренерот Кирил Лазаров, на овој натпревар им даде поголема шанса на играчите што не се стартери, а таквата шанса одлично ја искористија голманот Иван Галевски, бековите Дамјан Митев, Давид Савревски и Едвин Омерагиќ, пикерот Марко Стојковиќ и крилото Александар Стојков.


Домашниот тим не падна во ритамот и одржуваше негатива од три до четири гола во првиот дел. На полувреме беше 14-11 за РК Алкалоид.

Во второто полувреме, нашиот тим одново стигна до водство од четири гола (16-12), а потоа се играше период во кој нашето водство се движеше од два до три гола разлика.
Домашниот состав имаше обид да направи пресврт и еден момент успеа да стигне до израмнување (20-20). Но, РК Алкалоид ја задржа присебноста и до крајот на натпреварот постигна осум, а прими само два гола за конечни 28-22.

Пред почетокот на натпреварот, раководните луѓе на РК Т. Пролет му врачија благодарница на нашиот ракометар Иван Џонов кој во зимскиот преоден рок премина од редовите на РК Т. Пролет во нашиот клуб.

Со оваа победа РК Алкалоид стигна до 24 освоени бода, 12 повеќе од ГРК Охрид кој е зад нас на табелата и со кого во петок ќе ги одмеруваме силите во „Автокоманда“.

Вести

РК Мулти Есенс победи на големото дерби

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК АЕРОДРОМ  28-26 (14-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓе Василевски и Блаже Михајлов. Делегат: Мамер Реџепи
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски, Грујевски, Д. Узунчев 8, Тричковски 1, Омерагиќ 4, Велков, Ерманоски, Младеновски, Т. Узунчев 1, Продановски, Јорданов 9, Карасманакис 4, Костовски, Георгиевски, Иванов 1, 
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 6 мин.


РК АЕРОДРОМ: Богдановски, Кизиќ, Пајкоски 4, Бучуковски 3, Бошковски 3, Миревски 4, Костов 2, Петровски, Таневски, Олтовски 2, Стојановски, Трифуновски 4, Неданоски, Василев, Анакиевски, Петрески 3
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 6 мин.

РК Мулти Есенс ја забележа својата 12 победа од 12 одиграни натпревари. Ова е една од највредните победи затоа што е извојуван над директен ривал во битката за влез во Суперлигата – РК Аеродром.

Интересен и возбудлив натпревар одиграа екипите на РК Мулти Есенс и РК Аеродром. Двата тима се на врвот на листата на фаворити за влез во суперлигата, а денешниот меч беше потврда дека и двете екипи имаат потенцијал да се натпреваруваат во најсилната конкуренција и да донесат нови моменти во македонскиот ракомет, со оглед на тоа дека знаат да играат брз ракомет.

Почетното водство на РК Мулти Есенс од 4-2, гостите со серија од 4-0 го претворија во водство од два гола разлика за нив. Предводени од Олег Јорданов, ракометарите на РК Мулти Есенс брзо го возвратија ударот и поведоа со три гола разлика (11-8).


На полувреме резултатот беше 14-12 за РК Мулти Есенс, а во вториот дел одново стигнавме со плус три (17-14), по што следуваше израмнување на 18-18, па уште една домашна серија за водство од 22-19. Потоа имавме и водство од 24-21 во 49 минута од мечот.


Гостинскиот состав успеа да израмни одново на 25-25 во 56 минута од натпреварот. Нашиот тренер, Бранислав Ангеловски по ова побара минута одмор, а потоа со головите на Омерагиќ и Тричковски на двапати се враќавме во водство.
Клучен момент во финишот беше одбраната на Ѓорѓи Ерманоски на минута и пол до крајот при резултат 27-26, по што следеше гол од Димитар Узунчев со кој ја зачувавме разликата и запишавме нови три бода.

Вести

РК Алкалоид беше блиску до втора сензација

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 27-28 (15-16)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски. Делегат: Ацо Николовски
РК АЛКАЛОИД: Трајковски, Галевски, Петров 1, Маркоски, Младеновиќ 3, Серафимов 4, Стојковиќ, Митев 5, Ѓоргиев 3, Иваноски, Симоноски 5, Омерагиќ, Тодески, Кофилоски 3, Петковски 3, Савревски


Седмерци: 5/8 Исклучувања: 6 мин.
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Лејсак, Кизиќ, Ојлески 1, Кисум, Танкоски, Радовиќ 1, Хосни 6, Костески 2, Вилсон, Кукоски, Петар Анатасијевиќ, Васиљев 6, Суси 1, Павле Атанасијевиќ 2, Хенеберг 6, Пешевски 3
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид одигра борбен и драматичен натпревар на кој победникот не можеше да се предвиди до последните секунди. Среќата не беше на наша страна и откако не реализиравме во последната минута, со гол во последните десет секунди натпреварот заврши со резултат 27 : 28.

Првото полувреме се одигра во доста брз ритам, со добра транзиција и со ефектни напади од двете страни. Гостинскиот состав во првата фаза преку тунискиот играч Усама Хосни се одржуваше во нападот, а кај РК Алкалоид во овој период од натпреварот Дарио Кофилоски и Михајло Младеновиќ наоѓаа решенија во нападот.


Битолчани го диктираа резултатот со минимална предност до резултат 7 : 7, а потоа поведе РК Алкалоид.
Нашиот тим бргу стигна и до предност од плус два гола (10 : 8, 11 : 9, 13 : 11). Гостите израмнија на 13 : 13, а на полувреме се замина со резултат (15 : 16).

Во второто полувреме се играше со сличен ритам. Гостите имаа предност во првата фаза од полувремето, но РК Алкалоид израмни на 24 : 24, а потоа се играше гол за гол до последниот напад. Нашиот тим имаше нерешено и напад во последната минута, но не успеа да реализира, а потоа гостите постигнаа гол на десетина секунди до крајот, што се покажа како решавачки момент на мечот и конечни 27 : 28.

Вести

РК АЛКАЛОИД СЛАВЕШЕ ПОБЕДА НА УШТЕ ЕДНО ДЕРБИ!

РК АЛКАЛОИД – ГРК ТИКВЕШ 29-26 (17-13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Драган Начевски
РК АЛКАЛОИД: Трајковски, Галевски, Петров 2, Маркоски 1, Стојков 6, Младеновиќ 2, Серафимов 7, Илиески, Стојковиќ 1, Ѓоргиев 2, Симоноски 1, Омерагиќ, Кофилоски 3, Петковски, Д. Митев 2, Савревски 2
Седмерци: 3/3 Исклучувања: 10 мин.
ГРК ТИКВЕШ: Брауновиќ, Стојановски, Анастасовски 3, Постолов, Темелкоски, Велков, Соколов, Стефановиќ 5, Димовски 2, Кондев 2, Окардов, Шулески, Коцев 1, Симиќ 5, Хамзиќ 7, Петровиќ 1
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид запиша победа на уште еден дерби натпревар. Вечерва во Автокоманда, нашиот тим славеше победа над екипата на ГРК Тиквеш (29-26) и ја запиша шестата победа по ред во суперлигашкиот плејоф.
РК Алкалоид одигра уште еден натпревар во кој играта во одбрана беше решавачки фактор, а трпеливоста силна страна, затоа што ваквите дерби натпревари, против тип на противници каков што е ГРК Тиквеш го бараат тоа.

Голманите беа во главна улога на почетокот на натпреварот. Гостите поведоа со 2-0, но благодарение на голманот Благојче Трајковски одбраната ја доби сигурноста, а во напад своја вечер имаше крилото Александар Стојков, кој вешто ги решаваше укажаните шанси.

РК Алкалоид брзо се врати во игра, израмнивме и по нешто повеќе од десетина минути веќе имавме водство од два гола разлика (6-4). Нашиот тим умешно ги чекаше и казнуваше грешките на противникот, па предноста почна да расте. Во финишот на полувремето имавме максимални шест гола предност (17-11). На полувреме, се замина со резултат 17-13.

Во вториот дел, РК Алкалоид не дозволи противникот да направи ситуација за резултатско враќање во игра. Одбраната ги затвори противничките шутери, го пресече протокот на нивните акции и постојано одржуваше водство од четири до шест гола.

Во текот на натпреварот, особено во второто полувреме, тренерот Кирил Лазаров во ротацијата, шанса да играат им даде речиси на сите ракометари. Во игра ги видовме и најмладите во нашиот тим, а тоа се голманот Иван Галевски и 17 годишниот бек Дамјан Митев.
Победата не беше доведена во прашање, имавме безбедно водство кое во финишот, гостинскиот тим успеа да го намали до конечните три гола.

Следен противник на РК Алкалоид ќе биде екипата на РК Е. Пелистер. И таа средба ќе се игра во салата „Автокоманда“.

Вести

Победничката серија продолжи и против ЗРК Голден Арт

ЗРК ГОЛДЕН АРТ АЕРОДРОМ – РК МУЛТИ ЕСЕНС   22-27 (15-12)
Сала: „Јане Сандански“. Судии: Иво Георгиевски и Игор Наумовски. Делегат: Цане Куртовиќ
ЗРК ГОЛДЕН АРТ АЕРОДРОМ: Спасовски, Стојменов 1, Глигоров, Пасковски, Стаменковиќ 2, Стефков 2, Стојаноски 2, Трајков, Ангелески, М. Пасковски, Петрески, Божиновски 3, Џигероски 11, Сиљанов 1, Лешникоски, Ашталкоски
Седмерци: 6/8 Исклучувања: 8 мин.


РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски, Димевски 1, Грујевски, Д. Узунчев 10, Тричковски 1, Омерагиќ 3, Велков, Ерманоски, Т. Узунчев, Јорданов 8, Карасманакис, Ниновски, Косотовски 2, Георгиевски 2, Иванов, Продановски
Седмерци: 7/8 Исклучувања: 18 мин. 

РК Мулти Есенс ја продолжи својата победничка прволигашка низа која во плејоф-разигрувањето сега е 11 победи од 11 одиграни натпревари. 
Во третото плејоф коло, на гостински терен кај екипата на ЗРК Голден Арт, нашиот тим запиша победа од 27-22 и ја задржа дистанцата пред ривалите во трката за пласман во Суперлигата. 

Дуелот со ЗРК Голден Арт беше интересен и резултатски неизвесен во поголемиот дел. Двата тима имаа свои моменти во првиот дел. РК Мулти Есенс водеше во првиот дел од полувремето (4-3, 6-4, 8-7), но домашниот тим успеа да направи пресврт и да поведе 10-8, а на полувреме имаше и три гола предност (15-12).

Во второто полувреме, предводен од Димитар Узунчев и Олег Јорданов, РК Мулти Есенс со серија од 5-0, стигна до водство од 21-18 и од тој момент комплетно ја презема контролата врз натпреварот. Поведовме и со 26-20, за конечно, средбата да заврши со победа од 27-22. Димитар Узунчев натпреварот го заврши со 10 гола, а Олег Јорданов постигна осум. 
РК Мулти Есенс со максимални 33 бода е на првото место на табелата. 

Вести

Сензационална победа на РК Алкалоид!

РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961 22-21 (13-10)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегат: Ацо Николовски
РК АЛКАЛОИД: Трајковски, Петров 2, Маркоски, Младеновиќ 3, Серафимов 7, Илиески 3, Стојковиќ, М. Митев, Ѓоргиев 2, Галевски, Иваноски, Симоноски, Омерагиќ, Кофилоски 3, Петковски 1, Савревски
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 8 мин.

РК ВАРДАР 1961: Томовски, Манасков 3, Јагуриноски, Стоилов 3, Аларов, Моралес 2, Георгиевски 3, Карапалески 1, Чувара, Лазаревски, Талески 4, Дутра 1, Маркоски, Ќосевски, Ристовски, Мишевски
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид приреди вистинска сензација вечерва со победата во дербито на колото над актуелниот првак Вардар 1961 со резултат 22-21.
Нашиот тим вечерва одигра одличен натпревар и го контролираше резултатот од почетокот на натпреварот. Михајло Младеновиќ во првата фаза одигра одлично, а голманот Благојче Трајкоски уште од почетокот покажа дека е исклучително расположен за игра и дека ќе биде силно оружје и поддршка на одбраната.

РК Алкалоид поведе со 5-2, 8-4 а при резултат 11-5 во дваесеттата минути веќе втор пат го принуди тренерот на гостинската екипа да бара тајм аут. Во 25 минута, РК Алкалоид водеше со максимални седум гола разлика (13-6). Во продолжението на натпреварот, поискусниот гостински состав успеа да влезе во ритам и до полувремето постигна четири гола, а на одмор се замина со резултат (13-10).


Во второто полувреме, во првите десет минути РК Алкалоид одржуваше предност од два до три гола разлика, но во 41 минута, гостите за прв пат на средбата успеаја да израмнат (15-15). Одговорот на нашиот тим беше три гола во серија и ново водство од 18-15.
Натпреварот влезе во завршната фаза, а гостинскиот состав во 56 минута успеа да стигне и до водство 21-20. Тоа беше првото и единственото водство за Вардар, РК Алкалоид постигна уште два гола до крајот на мечот и успеа да го одбрани својот гол за голема победа од 22-21.

Благојче Трајкоски имаше 15 успешни интервенции, а на листата на стрелци најдобро котираше Мартин Серафимов со седум гола. По три погодока запишаа Божидар Илиески, Михајло Младеновиќ и Дарио Кофилоски.