Вести

РК Алкалоид е во финале на група од Куп на Македонија!


РК БУТЕЛ СКОПЈЕ – РК АЛКАЛОИД 24-25 (13-13)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓоко Колевски и Сашо Кркачев. Делегат: Цане Куртовиќ
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Симјановски, Субашевски, Младеновски, Стојановски, Георгиевски 1, Крстевски 3, Мојсоски, Спасовски 2, Стојчевиќ, Манасков 3, Блажевски, Јефтиќ 5, Василевски 1, Мајиќ 5, Николов 4
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 14 мин.


РК АЛКАЛОИД: Галевски, Трајковски, Џонов 3, Петров, Маркоски 1, Младеновиќ, Серафимов 11, Стојковиќ 3, Митев 1, Ѓоргиев 1, Иваноски, Омерагиќ, КОфилоски 1, Петковски 1, Савревски 3, Д. Митев
Седмерци: 7/7 Исклучувања: 4 мин.

РК Алкалоид се пласираше во финалето на групата што се игра во „Автокоманда“ откако вечерва во натпревар со драматична завршница го елиминираше тимот на РК Бутел Скопје.
РК Алкалоид славеше минимална победа (25-24) со гол што го постигна од додавање – цепелин, во последните секунди од натпреварот. Стрелец на тој погодок беше Мартин Серафимов, најефикасниот играч на теренот со 11 постигнати голови.

Претходно во текот на целиот натпревар, нашиот тим имаше контрола врз резултатот и водство, иако таа разлика не беше висока и не гарантираше мирна завршница.
Гол за гол се играше во најголемиот дел од второто полувреме, со тоа што РК Бутел Скопје поведе само еднаш (15-14), а потоа постојано во водство беше РК Алкалоид, на моменти со два гола разлика (20-18, 22-20), на моменти со еден гол, а неколкупати резултатот беше израмнет.
Во последната минута, РК Алкалоид пропушти шанса да поведе, па напад при нерешено имаше и РК Бутел Скопје, а и тој не беше реализиран, за во последните 10 секунди по тајм аутот на тренерот Кирил Лазаров, РК Алкалоид да организира напад со додавање за цепелин што Серафимов го реализираше за победнички гол и пласман во финалето.

Утре во директниот меч за пласман на „Ф4“ турнирот од Куп на Македонија, РК Алкалоид ќе се сретне со екипата на Вардар Неготино. Неготинскиот состав денеска го елиминираше тимот на РК Прилеп (29-28).
Финалето меѓу РК Алкалоид и РК Вардар Неготино ќе се игра утре, (недела, 19.3.2023) со почеток од 18:00 часот во салата „Автокоманда“.

Вести

РК Мулти Есенс без загубен бод оди во плејоф

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК ЈЕХОНА 46:25 (24:11)


Сала: „Автокоманда“. Судии: Сања Божиновска и Андријана Здравковска. Делегат: Камер Металари
РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски 1, Ерманоски, Димевски 4, Грујевски 1, Димитриевски 5, Д. Узунчев 9, Тричковски 2, Омерагиќ 7, Младеновски, Т. Узунчев 4, Јорданов, Карасманакис 1, Ниновски 6, Костовски 3, Георгиевски 1, Трајчев 2
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.


РК ЈЕХОНА: Димитриески, Николовски 2, Живкоски, Стојаноски, А. Селмани 5, Јовановски, Тасески 13, Николоски, Илиески 3, Е. Селмани 1, Груевски, Серафимовски 1
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 10 мин.

РК Мулти Есенс со рекордни 16 победи од 16 одиграни натпревари и 48 освоени бодови, го комплетираше првиот дел од шампионатот во македонската Прва Лига. Вечерва во салата во Автокоманда, РК Мулти Есенс со убедлив триумф над екипата на РК Јехона го заокружи максималното остварување.


Сите дилеми на вечерашниот натпревар беа решени уште во првото полувреме во кое добрата игра во одбраната и транзицијата овозможија многу лесни погодоци, а РК Мулти Есенс по 30 минути игра имаше недостижна предност од 24:11.
Во второто полувреме се играше во истиот стил. РК Мулти Есенс максимално ја искористи својата одбрана за да креира контра напади и ситуации за постигнување голови од транзиција и средбата ја заврши со убедлива победа од 46:25.

Во плејоф шампионатот што следи веднаш по ова коло, нашиот тим ќе пренесе максимални 24 бода и во трката за едно од двете места што водат во Суперлига, ќе стартува од првото место.

Вести

РК Мулти Есенс го подобри сопствениот рекорд

РК ТЕКСТИЛЕЦ – РК МУЛТИ ЕСЕНС 27-43 (12-22)
Сала: ОУ „Тошо Арсов“ во Штип. Судии: Дамјан Савиќ и Марко Огњеновски. Контролор: Љупчо Јаневски

РК ТEКСТИЛЕЦ: Јовановски 2, Јованов 4, Петров 11, Зафировски, Ристoв 4, Димитриев 2, Митрев, Џинес 1, Величков, Савев, Илиев 3, Миланов, Думалоски
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 6 мин.

РК МУЛТИ ЕСЕНС: Штаковски, Ерманоски, Димевски 2, Димитриевски 4, Д. Узунчев 2, Тричковски 7, Омерагиќ 9, Младеновски 5, Т. Узунчев 2, Јорданов 4, Карасманакис 3, Ниновски 3, Костовски, Георгиевски 1, Трајчев 1, Иванов
Седмерци: 3/5 Исклучувања: 14 мин.

РК Мулти Есенс ја продолжи својата победничка низа на гостувањето во Штип. По вечерашната победа над РК Текстилец (43-27), таа низа изнесува 15 победи од 15 одиграни натпревари. До крајот на првиот дел од шампионатот, останува уште едно коло во кое РК Мулти Есенс на домашен терен ќе игра против екипата на РК Јехона.

РК Мулти Есенс немаше поголеми проблеми против борбениот штипски состав. Победникот беше решен уште во првиот дел, кога нашиот тим влезе во добар ритам и серија и водството од 8-5 го претвори во водство од 15-6, пред домашниот да го постигне својот седми погодок.

На полувреме разликата беше 10 гола (22-12), а во продолжението на натпреварот и покрај ротациите во составот, комплетно доминираше нашиот состав. Запиша победа од 43-27 и стигна до бројката од 45 освоени бодови.

Вести

РК Мулти Есенс ја продолжи низата победи

РК МУЛТИ ЕСЕНС – РК БИСИНОВ ФРУИТ ЛЕНД 47:24 (24:11)


Сала: „Гемиџии“ во Велес. Судии: Марко Огњановски и Дамјан Савиќ. Контролор: Владимир Саздовски


РК МУЛТИ ЕСЕНС: Ерманоски, Димевски 3, Грујевски 3, Димитриевски 3, Д. Узунчев 11, Тричковски 2, Омерагиќ 3, Младеновски 2, Т. Узунчев 6, Карасманакис 6, Ниновски, Костовски 8, Георгеивски, Трајчев, Иванов
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 6 мин.


РК БИСИНОВ ФРУИТ ЛЕНД: Велковски, А. Ристевски 4, Вељановски, Миланов, П. Ристевски 7, Иванов 3, Пранговски, Славков, Дамески 4, Ѓошевски, Иванчевски, Славевски 4, Заров, Кузмановски 1, Мазнев 1
Седмерци: 3/6 Исклучувања: 14 мин.

РК Мулти Есенс денеска го подобри својот рекорд кој по дуелот со екипата на РК Бисинов Фруит Ленд во Велес, изнесува 14 победи од 14 првенствени натпревари.

Натпреварот со велешката екипа се играше во салата „Гемиџии“, а нашиот тим имаше резултатска предност уште од почетокот на натпреварот. Домашниот состав во првата фаза од натпреварот успеваше да парира и резултатот иако контролиран од РК Мулти Есенс не беше висок.


Нашиот тим водеше 11-9 кога ја почна серијата која комплетно го смени текот на натпреварот. РК Мулти Есенс направи серија од 13-2 до крајот на првиот дел и на пауза се замина со резултат 24-11.

Во второто полувреме беше продолжена доминацијата, разликата растеше постојано за конечно средбата да заврши со победа од 47:24 и нови три бода со кои РК Мулти Есенс сега има на салдо вкупно 42 бода. На две кола до крајот, РК Мулти Есенс веќе има обезбедено пласман во плејоф-разигрувањето за пласман во Суперлигата.

Вести

Победа на дербито за трето место на табелата

​ГРК ОХРИД – РК АЛКАЛОИД 26:32 (14:14)


Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Гледачи: 2000 Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Делегат: Драган Начевски
ГРК Охрид: Речкоски, К. Андоновски, Цејовиќ, Рустамов 1, Дрогришки 5, Кочоски, Д. Андоновски, Василевски, Ристески, Тасески 1, Вјештица 1, Шешиќ 6, Каракоч 4, Бојаниќ 5, Бојаниќ 5, Цирар 3
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 4 мин.


РК Алкалоид: Трајковски, Галевски, Петров 5, Маркоски 3, Стојков, Младеновиќ 2, Серафимов 3, Стојковиќ, Митев 2, Ѓоргиев 4, Иваноски 1, Симоноски 2, Кофилоски 3, Петковски 2, Савревски 1
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 6 мин.

РК Алкалоид извојува многу важна победа на гостувањето кај ГРК Охрид во дерби натпреварот од четвртото коло во плејоф-шампионатот на македонската Суперлига.
Ова е втора победа на РК Алкалоид со која се искачи на третото место на плејоф табелата со девет освоени бодови.
Динамичен натпревар се одигра во Охрид во кој во првото полувреме резултатот постојано беше тесен. Домашните почнаа подобро и поведоа со 4:1 и 5:2, но РК Алкалоид брзо се врати во игра и израмни на 6-6. Тоа беа минути во кои доминираше нашиот тим и со вкупна серија од 7:0 стигна до водство од 10:6.


Домашната екипа се врати резултатски во игра возврати со серија од 6:0 со која стигна до водство од 12:10. До крајот на полувремето се играше израмнето и на пауза се замина со резултат 14:14.

РК Алкалоид играше брзо, но и позрело во продолжението на натпреварот и поведе со два гола (17:15), а потоа и со четири гола разлика (20:16). Домашните уште еднаш успеаја да се вратат во игра и намалија на 23:24, по што следуваше нов добар период на РК Алкалоид, серија од 7:0 со која поведовме со 31:23 и до крајот без поголеми проблеми го задржавме водството за конечна победа од 32:26.

Вести

Прва плејоф победа за РК Алкалоид

РК АЛКАЛОИД – РК Т. ПРОЛЕТ 27:21 (12:9)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 600 Судии: Горан Ангелески и Рубин Седлоски. Контролор: Драган Начевски
РК Алкалоид: Трајковски, Галевски, Џонов 1, Петров 3, Маркоски, Стојков, Младеновиќ 5, Серафимов 5, Стојковиќ 1, Митев 4, Ѓоргиев 3, Симоноски, Кофилоски 3, Петковски 1, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 10 мин.


РК Т. Пролет: Петковски, Василевски 1, Пецаковски 3, Јовановски, Донев 2, Додевски 3, Димов 1, Андоноски 4, Мајнов, Димковски 4, Крстески 2, Стојановски, Фичорски, Михаљевиќ, Палевски 1, Спасовски
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 10 мин.

РК Алкалоид ја запиша својата прва плејоф победа, откако на домашен терен беше подобар од екипата на Тинекс Пролет, со резултат 27:21.
РК Алкалоид беше подобар тим на теренот и го контролираше резултатот во текот на целиот меч. Иницијативата беше изразена од почетокот на натпреварот преку водство од 3:0, а единствениот пат на натпреварот кога гостинскиот состав успеа да израмни беше во десеттата минута (4:4).

Веднаш потоа, РК Алкалоид ја материјализираше својата побрза игра во нова предност од три гола разлика (7:4) и потоа постојано имаше предност од три до четири гола до крајот на полувремето (12:9).

Во второто полувреме, нашиот тим ја зголеми предноста на седум гола (20:13) и без многу резултатски осцилации ја одржуваше разликата за конечно да запише победа од 27:21.

Мартин Серафимов и Михајло Младеновиќ беа најдобрите стрелци во нашиот состав со по пет постигнати погодоци, а четири додаде Марко Митев.

Во следното коло, РК Алкалоид трет пат во плејоф-сезоната ќе гостува, овој пат кај екипата на ГРК Охрид.