Вести

РК Алкалоид против РК Бутел Скопје во Купот на Македонија

РК Алкалоид со елиминациски натпревар против РК Бутел Скопје ќе го продолжи натпреварувањето во Купот на Македонија. Победникот од овој дуел, пак, ќе игра против победникот од дуелот меѓу екипите на РК Прилеп и РК Вардар Неготино за пласман на Ф4- турнирот во Купот на Македонија.


Вкупно 16 екипи се пласираа во групната фаза од Купот на Македонија и тие денеска со ждрепка беа поделени во четири групи со по четири екипи. Според системот на елиминација, тие ќе играат меѓусебе, а вкупниот победник од секоја група ќе се пласира во полуфиналето на турнирот. Полуфиналето ќе се игра според Ф4-системот.

Рангирањето на екипите беше извршено според пласманот од минатата сезона, па така нашиот клуб се најде во т.н. трет шешир. Потоа со ждрепка беа одредени групите, а РК Алкалоид ќе игра во групата 3 со екипите на РК Бутел Скопје, РК Прилеп и РК Вардар Неготино. Предвидено е натпреварите од оваа фаза да се играат во периодот 18-19 март. Организаторот на групата не е одреден во моментов, a секоја екипа има право да аплицира за домаќин.

КУП НА МАКЕДОНИЈА
ГРУПА „1“
РК Вардар 1961 – ГРК Охрид
РК Скопје 2020 – РК Јуниор К. Вода

ГРУПА „2“
РК Е. Пелистер 2 – РК Радовиш.
РК Пролет – Голден Арт

ГРУПА „3“:
РК Бутел Скопје – РК Алкалоид
РК Прилеп – РК Вардар (Н)

ГРУПА „4“:
РК Е. Пелистер – МРК Куманово
ГРК Тиквеш – РК Струга

Вести

РК Алкалоид со победа ја почна годината

РК Алкалоид со победа ја почна годината. На својот прв настап во 2023 г., во рамките на подготовките во Стара Пазова, нашиот тим го совлада тимот на РК Динамо Панчево со 25 : 22 (12 : 10).

Второпласираниот тим во шампионатот на Србија, Динамо Панчево, кој и е во поодмината фаза на подготовки, подобро го почна натпреварот и поведе со 5 : 2 по тринаесет минути игра. РК Алкалоид израмни (5 : 5) во седумнаесеттата минута, а две минути подоцна мина во водство (7 : 6). На полувреме се одржа истата разлика (12 : 10).

Во второто полувреме нашиот тим влезе со серија од 5 : 2 и стигна до водство од 17 : 12 во 42. минута.  Динамо Панчево успеа да се доближи и на еден гол разлика на десет минути до крајот, но нашите ракометари беа присебни и не дозволија израмнување или пресврт. Напротив, во финишот од резултат 21 : 20, по серијата од 4 : 1, ставија точка на овој натпревар. 

РК Алкалоид во Србија се подготвува без репрезентативците Мартин Серафимов, Игор Ѓоргиев и Никола Маркоски, кои добија поштеда по настапот на мундијалот.

Вести

Кадeтите на РК Алкалоид вицешампиони на „Зимскиот куп“

Зимската пауза е завршена. Сите екипи под закрилата на РК Алкалоид се во тренажен процес, а нашиот кадетски тим во стратегиски зацртаниот проект за развој и за напредок на млади играчи, по настапот во Нант, продолжува со играње на меѓународни турнири.

Кадетската екипа на РК Алкалоид учествуваше на меѓународен турнир за ракометари родени 2007 г. и помлади. Турнирот „Зимски куп“ се одржа во Високо, Босна и Херцеговина, а учествуваа шест екипи.

РК Алкалоид го освои второто место, а победник на турнирот е екипата на РК Војводина од Нови Сад. Пред финалната пресметка РК Алкалоид ги совлада екипите на РК Задар (35 : 25) и на РК Какањ (35 : 10), а во полуфиналето беше подобар и од екипата на РК Слобода Тузла (30 : 19).

Тренерот Влатко Котески е задоволен од пристапот и од прикажаното на овој турнир.

„Имавме добар настап гледано од повеќе агли. Младите играчи се однесуваа како вистински професионалци, па беа пофалени од сите тренери за начинот на кој се однесуваа и на теренот и надвор од него.

Ова беше важно искуство за сите. Мислам дека само со вакви натпревари може да се напредува. Ги уриваме сите пречки, а можевме да видиме и до каде сме во однос на врсниците од Балканот. Во тој поглед слободно можам да ти потврдам дека имаме млади играчи кои се на вистинскиот пат, меѓу најдобрите на Балканот.

Нашиот клуб е организиран подобро безмалку од сите клубови каде што ќе се појавиме. Во комуникација со сите други тренери од другите екипи добивме комплименти за играњето модерен ракомет со брза транзиција во нападот, со брзи пасови, со добри шутеви од сите позиции и со добра одбрана.

Видовме на што треба да обрнеме внимание во иднина – делови од играта какви што се дуелите еден на еден и два на два и уште други работи, но најважно е што имаме знаење, храброст, желба и мотивација. Настапот на овој турнир е драгоцено искуство за сите играчи. Така растат во вистински играчи, кои во вистинско светло го претставуваат нашиот клуб РК Алкалоид.“

Вести

РК Алкалоид има најдобар напад, Серафимов е најдобриот стрелец

Во првата полусезона во најсилната домашна конкуренција, РК Алкалоид одигра 14 натпревари, победи на 11, a само на три средби не успеа да освои бодови. На конечната табела го освои второто место во групата со вкупно 33 бода. 


Нападот на РК Алкалоид е најдобриот во есенскиот дел на првенството и во двете групи од Суперлигата. Офанзивната формација постигна 474 гола и тоа е најдоброто остварување, пред нападот на Вардар кој има постигнато 465 погодоци и на Е. Пелистер кој пак постигна 454 гола. Ова се и единствените три екипи што постигнаа повеќе од 400 гола во првиот дел од сезоната. 


Одбраната прими 348 гола и тоа е четврто остварување, но РК Алакалоид има и позитивна гол разлика од дури 126 гола што е трето остварување зад Вардар и Е. Пелистер. Ова се воедно трите екипи што имаат гол разлика +100 гола. 

Најдобар стрелец во нашиот тим е Мартин Серафимов кој постигна 90 гола или во просек 6.4 по натпревар. Втор на листата на стрелци е Александар Петковски со 44 погодоци, па следат Дарио Кофилоски со 42 погодоци и Александар Стојков кој запиша 39 гола. 
На листата на стрелци се запиша и еден од чуварите на мрежата. Младиот Иван Галевски е стрелец на три погодоци. 

Четири ракометари беа во ростерот на сите 14 натпревари. Тоа се Мартин Серафимов, Михајло Младеновиќ, Кристијан Симоноски и Дарио Кофилоски. 
Мартин Серафимов и Кристијан Симоноски постигнаа најмалку по еден гол на сите 14 натпревари. 

Највисоката победа РК Алкалоид ја извојува на домашен терен над МРК Куманово. Резултатот од овој натпревар е 47-16, плус 31 гол. 
На пет натпревари, нападот постигна 40+ голови. Најмногу голови на еден меч постигна Мартин Серафимов. Тој беше стрелец на 12 гола на мечот во Охрид (победа 29-28), додека Дарио Кофилоски постигна 11 погодоци во победата од 47-16 над МРК Куманово.

Ракометарите на РК Алкалоид изнудија 63 седмерци односно 4.5 седмерци по натпревар. Од нив реализираа 44.
Вкупно 1 час и 46 минути сино-белите беа со играч помалку во поле, односно заработија 58 исклучувања. Тоа се 4,1 по натпревар или заокружено, осум минути со играч помалку на секој меч. 
Најмногу исклучувања во екипата имаше на натпреварот со Вардар во Неготино. Дури девет пати играше РК Алалоид со исклучен играч. 

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ
1. Мартин Серафимов   90 гола
2. Александар Петковски  44 гола
3. Дарио Кофилоски  42 гола
4. Александар Стојков  39 гола
5. Игор Ѓоргиев   33 гола
6. Марко Стојковиќ  32 гола
7. Кристијан Симоноски  32 гола
8. Марко Митев   30 гола
9. Михајло Младеновиќ   28 гола
10. Михаил Иваноски  25 гол
11. Божидар Илиески  25 гола
12. Теодор Тодески  24 гола
13. Давид Димевски  14 гола
14. Никола Маркоски  9 гола
15. Едвин Омерагиќ   6 гола
16. Иван Галевски 3 гола
17. Јане Цветковски  –
18. Благојче Трајковски  –

Вести

РК Алкалоид ги промовираше базата, дресот и химната

Денеска, 24.12.2022, на голем настан, заедно со нашите ракометари, пријатели, навивачи и поддржувачи, пред јавноста и пред медиумите го промовиравме нашиот ракометен дом, салата „Автокоманда“. Салата е целосно реновирана според високите стандарди. Реновирани се фасадата, теренот, осветлувањето, соблекувалните, покривот, озвучувањето и трибината.

Со овој проект одиме чекор напред кон обезбедување врвни услови во кои ќе се градат професионални ракометари, но ќе се промовираат и вистински спортски вредности за најмладите. РК Алкалоид останува доследен на принципот да расте и да се развива во база на квалитетни македонски ракометар, која на долгорочен план би дала македонски репрезентативци.

На настанот премиерно се емитуваа и се промовираа нашата клупска химна и видеоспотот за неа. Во рамките на настанот беа промовирани новите дресови во сина и бела комбинација, со кои РК Алкалоид ќе игра во втората полусезона на Суперлигата.

Вести

РК Алкалоид во плејоф започнува со две гостувања

Денеска во просториите на РФМ беше извршена ждрепката за натпреварувачките броеви за пролетниот дел од сезоната во која РК Алкалоид ќе се натпреварува во плејоф првенството. 

РК Алкалоид во првите две кола ќе гостува. Прво кај ГРК Тиквеш во Кавадарци, а потоа во Битола кај Е. Пелистер. Првиот натпревар на домашен терен ќе го играме во третото коло, а противник ќе биде екипата на Т. Пролет 62. 

Плејоф првенството почнува на 11/12 февруари, а предвидено е да заврши 27/28 мај.

Kомплетен распоред на натпреварите на РК Алкалоид во Плејоф

1  Коло (11/12.2.2023): ГРК Тиквеш – РК Алкалоид
2. Коло (18/19.2.2023): РК Е. Пелистер – РК Алкалоид
3. Коло (25/26.2.2023): РК Алкалоид – РК Пролет
4. Коло (04/05.3.2023): ГРК Охрид – РК Алкалоид
5. Коло (25/26.3.2023): РК Алкалоид – РК Бутел Скопје
6. Коло (29/30.3.2023): РК Е. Пелистер 2 – РК Алкалоид
7. Коло (01/02.4.2023): РК Алкалоид – РК Вардар 1961
8. Koло (08/09.4.2023): РК Алкалоид – ГРК Тиквеш
9. Коло (12/13.4.2023): РК Алкалоид – РК. Е. Пелистер
10. Коло (15/16/4.2023): РК Пролет – РК Алкалоид
11 Коло (22/23.4.2023): РК Алкалоид – РК Охрид
12 Коло (06/07.5.2023): РК Бутел Скопје – РК Алкалоид
13 Коло (20/21/5.2023): РК Алкалоид – РК Е. Пелистер
14 Коло (27/28.5.2023): РК Вардар – РК Алкалоид