Вести

РК Алкалоид со три победи до охридското финале

РК АЛКАЛОИД – РК ЛОВЌЕН 34-30 (18-15)
Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегат: Ацо Николовски.

РК Алкалоид: Кизиќ (3 одбрани), Трајковски (6 одбрани), Џонов 5, Петров, М. Младеновиќ 2, Серафимов 6, Карасманакис 3, Стојановиќ , Митев 3, Ѓорѓиев 1, Велковски 1, Симоноски 3, Иваноски, Бинго 4, Петковски 5, Силва 1
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 8 мин.

РК Ловќен: Вујовиќ (3 одбрани), Ѓурковиќ , Станојевиќ 5, Перишиќ 2, Пајовиќ 6, Лаличиќ, Радојчиќ 4, Чировиќ, Радовиќ 2, Бориловиќ 1, Божовиќ,, Петричевиќ, Вуковиќ, Брновиќ 6, Рачковиќ 4.
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 8 мин.



РК Алкалоид со веќе заверен пласман во финалето на третиот меморијален турнир „Крсте Андоновски“ се сретна со црногорскиот шампион РК Ловќен, на последниот ден од групната фаза.
Ова беше првата пресметка меѓу РК Алкалоид и РК Ловќен воопшто, а заврши со победа на нашиот тим од 34:30 (18:15).

Ослободени од резултатскиот пристисок, двата тима одиграа натпревар што беше повеќе напаѓачки настроен, со поголема минутажа за играчите што вообичаено минуваат помалку време на теренот.

РК Алкалоид водеше во текот на целиот натпревар, а Ловќен во второто полувреме успеа за момент да се доближи на минимална негатива (19-20, 20-21). По ова следеше пофокусирана игра на РК Алкалоид, мини серија од 4:1, водство од 25-21 потоа мирна завршница на натпреварот.

Вести

Победа над Олимпијакос, РК Алкалоид e на чекор до охридското финале

РК АЛКАЛОИД – ОЛИМПИЈАКОС СФП 28-26 (12-14)

Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (5 одбрани), Галевски (12 одбрани), Џонов 4, Петров, Костески 4, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис, Стојковиќ 2, Митев 1, Ѓорѓиев 2, , Велковски 3, Симоноски 4, Иваноски, Бинго 1, Петковски 2, Силва 2
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 2 мин.

ОЛИМПИЈАКОС СФП: Константинос (6 одбрани), Папантонопулос (5 одбрани), Цирас, Папавасилис 3, Вида 1, Цимпулас, Папазоглу 1, Кандилас, Периќ 2, Вујовиќ, Вејин 2, Љафис 8, Пацијас 2, Микалидис 6 , Савас 1, Николинтис
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид ја запиша втората победа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ што се одржува во Охрид. Во второто коло, противник на РК Алкалоид беше првакот на Грција, екипата на Олимпијакос СФП.

Во резултатски израмнето прво полувреме, противничкиот тим искористи мини серија на грешки и по 30 минути имаше предност од 14-12.

Второто полувреме беше комплетно во знакот на РК Алкалоид. Брзо стигна израмнувањето, а по 10 минути игра во РК Алкалоид веќе беше во водство (20-19). Одбраната го подигна нивото на игра, Марко Кизиќ имаше серија на одбрани и водството порасна на 24-21. Следеше последниот обид на противникот да се врати во игра. Беа запрени на 24-23 кога одново нашиот тим одигра поразновидно во напад и поснаодливо во одбрана и резултатот беше 28-24 на две минути до крајот. Последните 120 секунди, Олимпијакос ги искористи за ублажување на резултатот, но простор за пресврт немаше.

Утре е последниот ден од групната фаза на турнирот, а РК Алкалоид ќе игра против екипата на РК Ловќен. Црногорскиот првак има два пораза и РК Алкалоид е фаворит на таа средба, а со победа или со нерешен резултат ќе се пласира во финалето на турнирот.

Вести

СУПЕРКУПОТ НА МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ ИГРА ВО ГЕВГЕЛИЈА

Екипата на РК Алкалоид ќе ја отвори новата сезона во македонскиот ракомет со настап во Суперкупот на Македонија каде нашиот клуб ќе се судри со РК Еурофарм Пелистер, а Ракометната федерација на Македонија (РФМ) објави детали за мечот.

Натпреварот за Суперкуп пехарот ќе се игра во Гевгелија. Салата која ќе биде домаќин на овој настан е „24 Април“, а датумот на дуелот е 4 септември (среда) со почеток од 19:00 часот. Натпреварот од Суперкупот на Македонија исто така ќе биде емитуван во живо на програмата на МРТВ.

Нашиот клуб лани во Купот на Македонија го освои првиот трофеј во сениорска конкуренција и е дебитант на настанот, додека РК Еурофарм Пелистер како првак на Македонија зад своето име има две одличја во 2021 и 2022 година.

Вести

Победнички старт на РК Алкалоид во Охрид

РК АЛКАЛОИД – РК ДИНАМО ПАНЧЕВО 27:22 (16:9)

Сала: „Билјанини извори“ во Охрид. Судии: Михајло Илиевски и Методија Илиевски. Делегат: Славчо Ристевски

РК Алкалоид: Галевски (11 одб), Трајковски (1 одб), Џонов 1, Костески 6, Младеновиќ 1, Серафимов 5, Карасманакис, Стојковиќ 2, М. Митев 4, Велковски, Симоноски, Иваноски, Бинго 3, Оливеира 2, Петковски 2, Савревски

Седмерци: 1/1 Исклучувања: 10 мин.
РК Динамо Панчево: Чировиќ (4 одб), Косановиќ (8 одб), Колинџиќ 1, Сокритис, Арсиќ, Богдановиќ 2, Перовиќ 4, Стаменковиќ 3, Станисављевиќ 3, Ранчиќ, Стаматовиќ, Ѓуровиќ, Фејес 3, Тасиќ, Илиќ, Павловиќ 3

Седмерци: Исклучувања: 2/3 Исклучувања: 16 мин.


РК Алкалоид стартуваше со победа над РК Динамо Панчево (27:22) на третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ што следниве четири дена ќе се одржува во салата „Билјанини извори“ во Охрид.
На премиерниот меч на турнирот РК Алкалоид имаше цврст, мотивиран и борбен противник, а средбата изобилуваше со силни дуели на двете страни.

Подобра одбрана играше РК Алкалоид, особено во првиот дел кога по почетното испитување на силите, долго време го остави противникот на само пет постигнати погодоци. Беше 6-5, а потоа следеше серија од 6:0, која го одреди натамошниот тек на натпреварот.

Откако РК Алкалоид поведе со 12-5, а првото полувреме влезе во последните 10 минути, одново се воспостави резултатска рамнотежа на теренот. Противничката екипа се обидуваше да се врати резултатски во игра и да ја намали разликата, но РК Алкалоид беше фокусиран и во нападот и во одбраната и на полувреме се замина со резултат 16:9.

Во второто полувреме, РК Динамо Панчево од првата минута, се обиде со поагресивна игра да направи резултатски пресврт, но успеаја само да намалат до четири гола негатива (16:20), во 40 минута од натпреварот.

Потоа одново за многу кратко време, РК Алкалоид поведе со 24-17 и до крајот на мечот водството не беше доведено во сериозна опасност, но мораше да вложи доста напори РК Алкалоид за тоа така и да биде.
Во 57 минута од мечот резултатот беше 27-20, а победникот одамна решен. Конечниот резултат е 27-22.

Иван Галевски имаше 11 успешни интервенции, Никола Костески со шест и Мартин Серафимов со пет погодоци беа најефикасните играчи во нашиот тим. Тренерот Кирил Лазаров имаше одлична можност да провери поголем број на ракометари.

За екипата на РК Алкалоид следи ден одмор на турнирот, а потоа во рамки на второто коло ќе игра против шампионот на Грција, екипата на Олимпијакос. Во третото коло што ќе се игра на 23 август противник ќе биде тимот на РК Ловќен, најдобриот црногорски клуб.

Вести

РК Алкалоид ќе настапи на турнир во Охрид

РК Алкалоид за централен настан на подготовките во нивната финална фаза одбра на учествува на летниот турнир што го организира екипата на ГРК Охрид. Тоа ќе биде трето издание на меморијалниот турнир „Крсто Андоновски“, а ова лето ќе учествуваат осум екипи од кои три се македонски и пет странски тимови. Екипите се поделени во две групи со по четири тима.

Настапот на овој турнир ќе биде ново искуство за РК Алкалоид затоа што за прв пат ќе се сретнеме на терен со првакот на Грција, екипата на Олимпијакос и тимот на РК Ловќен Цетиње, шампионот на Црна Гора.
Првиот противник, пак, ќе ни биде екипата на РК Динамо Панчево. Тоа е екипа со која веќе неколкупати ги имаме одмерувано силите во подготовките во претходните две сезони, па мечот со нив ќе биде можност и за нова споредба со претходните дуели.

Турнирот ќе се одржи во салата „Билјанини извори“ во периодот од 20 до 24 август. Нашиот прв противник е екипата на РК Динамо Панчево, потоа играме со Олимпијакос и на последниот меч од групната фаза против тимот на РК Ловќен.

На последниот ден од турнирот, на 24 август ќе се игра финалето во кое ќе се сретнат најдобрите екипи од двете групи и следствено натпреварите за пласман. Во групата со која ќе вкрстиме се сместени екипите на ГРК Охрид, РК Вардар 1961, РК Партизан и РК Целје.

Вести

РК Алкалоид се полни со енергија на Маврово

РК Алкалоид се полни со енергија преку тренинзите во кампот на Маврово каде што го има потребниот мир и концентрација, како и сите други услови за непречена работа и постигнување на целта. Планираните активности на Маврово ќе бидат реализирани за вкупно 10 дена, потоа екипата ќе се врати во Скопје од каде ќе ги координира следните активности.
Тренерот Кирил Лазаров и ракометарите се задоволни и од условите за работата и тоа начинот на кој се одвиваат подготовките во овие воведни денови од летната предсезона.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ:
„Маврово ни нуди прекрасни услови за да се спремиме и да бидеме на нивото за она што ни следува! Најважно ни е што тука имаме мир, можеме да работиме и да анализираме, воедно да градиме и добра атмосфера, сите да се дружиме заедно и да изградиме силно заедништво.

Играчите се максимално сконцентрирани и мотивирани, работат дисциплинирано и задоволен сум како течат подготовките. Веќе имаме поставено систем кој го надоградуваме и позитивно гледам и на подготовките и на периодот кој што не очекува.

Веќе одигравме еден пријателски натпревар со кадетската репрезентација на Македонија, бевме нивен спаринг-партнер пред настапот на Европското првенство, ќе имаме уште пет до шест квалитетни пријателски дуели. Нема да биде цел да победуваме по секоја цена, сакам да им дадам шанса на сите играчи, со цел сите играчи да бидат спремни за предизвиците кои ни следат, затоа што сезоната ќе ни биде долга и напорна“

ИГОР ЃОРЃИЕВ:

„Првата фаза ја одработивме во Скопје каде што поминавме десет дена. Веќе неколку дена сме во Маврово, подготовките се одвиваат во најдобар ред. Ќе се потрудиме да се воиграме добро, тука се и новите играчи со кои работиме заедно. Со нас е и Франциско, кој е нов странски играч во нашата екипа и сите му помагаме полесно да се адаптира. Тренираме напорно за да бидеме физички подготвени, а исто така сме посветени и на тактичкиот дел со тренерот Лазаров. Сезоната која ни следи ќе биде интересна, па мора добро да се спремиме за нашите цели и за она кое ни следува. Како екипа имаме поставено наши цели, но ќе одиме од меч во меч. Првиот официјален натпревар ќе ни биде Суперкупот на Македонија, каде сакаме да влеземе максимално спремни за надигрување со ривалот“

МАРТИН СЕРАФИМОВ:

„Целиот тим на подготовките работи како едно, имаме одлични услови за физички и тактички добро да се подготвиме за она кое ни доаѓа. Многу ми се допаѓа што костурот на Алкалоид ни остана ист, само го надградивме со неколку нови играчи. По подготовките во Маврово ќе ни следат пријателските натпревари на кои ќе гледаме да се воиграме максимално. Мора добро да се подготвиме за Суперкупот, но него ќе го анализираме откако ќе ги минеме сите подготовки. Сега фокусот ни е добро да се спремиме и не размислуваме за ништо друго“

ИВАН ЏОНОВ:

„Нашите подготовки одат во најдобар ред засега, работиме главно да бидеме физички спремни за предизвиците затоа што пред нас следи сезона која ќе бара доста напор и ќе биде во висок ритам. Сите се вложуваме максимално, затоа што ова што го правиме сега ќе ни биде основа за целата година. Ни доаѓаат нови предизвици, а ние како играчи сме спремни да одговориме на нив на добар начин. РК Алкалоид секогаш цели да победува, па така, целта останува иста и понатаму.“


МАРКО МИТЕВ:

„Ми недостасуваше одново да бидеме активни со ракометот по паузата. Со новите засилувања оваа сезона очекувам да бидеме на повисоко ниво и да го повториме и надградиме успехот од лани во лигата, Купот на Македонија и во Европа. Годинава ќе бидеме дел и од ЕХФ Купот, влегуваме поискусни заради натпреварите кои ги одигравме лани. Се работи за натпреварување со поинаков систем од Европската лига на ЕХФ и очекуваме да биде доста интересно за нас како млада екипа која сака да напредува од година во година.“