Вести

Голема победа на РК Алкалоид на суперлигашкото дерби

-->

РК АЛКАЛОИД – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 32-25 (16-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Делегати: Марјан Начевски и Ацо Николовски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ (8 одб), Галевски (1 сед), Џонов, Маркоски, Костески 5 (2), Младеновиќ, Серафимов 8 (4), Карасманакис 1, Стојковиќ 2, Митев 2, Ѓоргиев 3, Велковски 4, Симоноски 1, Бинго 6, Силва, Петковски
Седмерци: 6/6 Исклучувања: 14 мин
РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Митревски (11 одб), Ивиќ, Манасков 3, Цехте, Ристевски 2, Ц. Кузманоски 1, Тајник, Борзаш, Радивојевиќ 2, Ф. Кузмановски 12 (6), Абутовиќ, Пешевски 1, Ѓорговски, Хосни 1, Хаџиќ, Павле Атанасијевиќ 3
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 8 мин.

РК Алкалоид ја запиша осмата првенствена победа од исто толку одиграни натпревари, а таа е посебно важна затоа што е извојувана на дерби натпревар со актуелниот првак РК Еурофарм Пелистер.
РК Алкалоид на премиерниот меч од сезоната, на Суперкуп дуелот исто така славеше победа над РК Еурофарм Пелистер, но вечерашниот натпревар имаше сосема поинаков ритам, тек и конечен епилог.


РК Алкалоид почна брзо, одбраната функционираше на добро ниво и за само пет минути успеа да направи резултатска предност од три гола разлика 4-1. Голманот на битолскиот состав, репрезентативецот Никола Митревски успеа да скроти неколку напади во продолжение, а гостинските ракометари тоа го материјализираа и успеаја да се вратат резултатски во игра.
Никола Костески и Арно Бинго играа одличен натпревар во оваа фаза, а екипата брзо се консолидираше и најмногу што гостите успеаја да направат е израмнување на 6-6. Веднаш потоа следеше одговор и два гола во мрежата на РК Еурофарм Пелистер за ново водство од два гола разлика (8-6), а потоа таа разлика од еден-два гола беше актуелна десетина минути.
РК Алкалоид играше одличен меч, колективот функционираше на високо ниво, па наскоро следеше нов добар период по кој резултатот се искачи на 14-9.
Таа разлика ја одржа до крајот на првиот дел, по кој на семафорот беше 16-12.

Во второто полувреме, добрата колективна игра на РК Алкалоид уште еднаш даде резултат, па водството порасна и на шест-седум гола разлика, а мечот се играше во ритам гол за гол.
Пех за РК Алкалоид на денешниот натпревар е повредата на Никола Костески кој во 38 минута мораше да го напушти теренот.
Ритамот не се промени, нивото на игра остана високо и наскоро РК Алкалоид поведе и со максимални осум гола разлика (30-22).


До крајот на натпреварот бодрени од расположената публика, ракометарите на РК Алкалоид контролираа сѐ на теренот и запишаа убедлива победа од седум гола разлика.
Со оваа победа РК Алкалоид ја одбрани и разликата од два бода на првото место на табелата пред другите суперлигашки ривали.
Следниот натпревар за РК Алкалоид е закажан во сабота, во литванскиот град Клаипеда, каде што ќе го игра реванш мечот од второто коло на ЕХФ Европскиот Куп. Резултатот од првата средба е 42-31 за РК Алкалоид.

КИРИЛ ЛАЗАРОВ, ТРЕНЕР НА АЛКАЛОИД:
Вистинско дерби, одигравме многу квалитетно, ова е можеби една од нашите најдобри партии. Еурофарм Пелистер, беше под своите можности, не знам дали можеби и ние придонесовме за тоа или се малку уморни од натпреварите во Лигата на шампионите. Јас сум го играл ова и знам дека не е лесно, да се игра ваков натпревар, а веќе со мислите да си и на дуелот со Веспрем. Ние имаме максимална почит кон нив, нивниот цел тим.
Среќни сме и задоволни, реков уште по натпреварот со Клаипеда, задоволен сум од тоа како функционираме. Некој ја чувствува и вреднува таа победа, некој не, но јас почувствував дека тоа е тоа. Се одморивме, се потспремивме за ден – ден и пол.
На сите играчи им симнувам капа, на сите како тим. Им кажав дека не ми е важно кој ги постигнува головите, важно е да функционираме како тим. И засега е така и се надевам дека ќе продолжиме така“, изјави Лазаров.