Вести

ИЗЈАВИ ПО НАТПРЕВАРОТ СО ССВ БРИКСЕН ВО ИТАЛИЈА

-->

РК Алкалоид го одигра својот прв натпревар од 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп. На гостински терен запипа убедлива победа од 12 гола разлика (44-32) и вратите од 1/4 финалето се веќе отворени, но остануваат да се одиграа уште 60 минути против Бриксен.

Ракометарите беа видно задоволни од настапот, играта и резултатот, но подвлекуваат дека нема да има опуштање пред реваншот што следниот викенд ќе се игра во „Автокоманда“.

ИВАН ГАЛЕВСКИ

„Без разлика кој и да е противник, ние максимално се спремаме, го даваме максимумот. Така беше и сега, заслужено победивме со Бриксен. Го реализиравме нашиот план со стручниот штаб и дојдовме до висоска победа. Ние, сепак, максимално ќе влеземе сериозно и на следниот меч во Скопје, затоа што ни следи малку понапорна недела во која ни следат домашни мечеви, прво со Фруитленд Борец, потоа со Еурофарм Пелистер. Бриксен никако не е за потценување, имаат одлични шутери кои добро шутираат од девет метри, полетни крила кои цело време влечат брз центар, но мислам дека нашата физичка спремност победи во овој момент и можеби бевме пофизички моќни со подобра ротација и бевме исто така подобри тркачки, затоа што ривалот ги користеше истите играчи во поголемиот дел“

МАРКО КИЗИЌ

„Противникот не беше наивен, ни требаше време да го скршиме отпорот и да отидеме на висока разлика. Најважно од се е што држевме еден ритам целите 60 минути. Бриксен се носеше со нас до пред крајот на мечот. Беше упорен како тим, се враќаше цело време, ама ние бевме поупорни и поквалитетни. Реваншот исто така ќе го сфатиме сериозно, не смееш да се опуштиш, пред се поради себе. Нема да се лажеме и да кажеме дека не знаеме што значи оваа предност, ама и на реваншот ќе одиме на победа, тоа е нашата цел“

МАРТИН ИВАНОВСКИ:

„Одлично се снаоѓам во Алкалоид. Како што кажаа сите, така и се покажа дека е – клубот е на професионално ниво. Соиграчите, управата, стручниот штаб ме примија најдобро. Многу сум задоволен од професионализмот на секој член на клубот. За мене ова беше европско деби во Алкалоид, дадов два гола, задоволен сум, ама не треба тука да застанеме. Како екипа имаме голем потенцијал и се надевам дека тој ќе излезе на површина преку напорна работа“

ФРАНЦИСКО Е СИЛВА:

„Натпреварот беше доста добар за нас, доста тежок затоа што моравме многу да трчаме, но успеавме да се одлепиме уште во воведните минути и држевме темпо. Не очекував толку брз ритам на еден дуел, нормално дека ги гледавме, анализиравме, но друго е во живо. Бриксен се покажа како доста брз тим.
На следниот меч очекувам пак да победиме, за тоа и работиме. Имаме појасна слика за ривалот. Ќе се обидеме да бидеме уште подобри, посебно во одбрана каде сакаме да примиме помалку голови.
Даваме 100% од себе на секој меч, Лазаров се обидува да го промени стилот на игра што се игра во првенството, наметнува поинаков стил на игра. Со себе носи големо искуство кое може да ни го даде и не учи на секој тренинг. Задоволен сум како течат работите и се надевам ќе бидеме уште подобри во иднина“, вели Франциско е Силва.