Вести

Лазаров и Галевски: Следната фаза беше нашата зацртана цел

-->

РК Алкалоид ја оствари целта и со две победи над РК Вест Виена од Австрија патува во осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп. По вториот дуел во „Автокоманда“ кој заврши со резултат 32-29 за нашиот тим, се одржа прес-конференција пред медиумите на која говореа од таборот на двата тима.

Кирил Лазаров, тренер на РК Алкалоид: „Најважно од се ни беше да се пласираме во следната фаза и тоа го остваривме. Игравме против една квалитетна и млада екипа од Австрија која покажа на сите нас како се игра и како се бори до последен здив, на специјален и модерен начин. Ми се допадна нивниот менталитет, дека не се предадоа во ниеден момент, иако првиот дуел го загубија со 11 разлика. Им дадов шанса на сите играчи во овие два натпревари, знаев дека во моментов сме подобар и поискусен тим, малку и ризикувавме, но треба да знаеме со што располагаме. Морам да кажам дека сум незадоволен од презентацијата на неколкумина наши играчи, треба да работиме и сите да се свесни дека мора да менуваме стари навики доколку сакаме да бидеме на ниво кое јас како тренер го посакувам и ние како клуб Алкалоид го посакуваме. Загрижен сум, затоа што во иднина не очекуваат потешки натпревари. Околу следната фаза, не ги знам сите имиња на можните ривали. Но, од оние кои се тука, скандинавските екипи ни се непознаница, би сакал да го избегнеме Олимпијакос, но ќе видиме кога ќе ја добиеме целата листа. “

Иван Галевски, играч на РК Алкалоид: „Ова беше едно огромно искуство за нас, против себе имавме одлична екипа. Во 24 часа да одиграш два меча со противник не е лесно. Ние зад нас оставивме тешка недела во домашното првенство, но благодарение на стручниот штаб добро бевме подготвени за РК Вест Виена. Имавме задача, се израдувавме на две победи и така патуваме во следната фаза на Европскиот куп на ЕХФ.“

Роланд Мароушек, тренер на РК Вест Виена: „Сакам да се заблагодарам за одличниот прием од страна на РК Алкалоид во Скопје. Среќни сме што бевме тука и за нас ова беше едно позитивно искуство и патување. Имаме млад тим и одиме дома задоволни. Честитки за ривалот, Алкалоид беше подобар од нас и му посакувам на тимот добри настапи и во следната рунда. Ако го согледаме квалитетот на тимовите, имавме добар втор натпревар. Ние сме, сепак, млад тим, за нас ова беше една лекција. Игравме лани во Втората лига, дојдовме до Европа со освојување на Купот на Австрија. Овие дуели беа добри за нас“

Пол Фајфер, играч на РК Вест Виена: „Тренерот кажа доволно, имавме доста грешки во првиот меч во нападот и затоа немавме големи шанси. Уште во првите минути ривалот избега на висока разлика, но сега бевме многу подобри во овој втор меч. Одбраната исто беше доста подобрена, не му дозволивме на ривалот да дава лесни голови. Да се игра против поискусен ривал беше одлично искуство за нас“

Ждрепката за осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп е закажана на 3 декември. Натпреварите од осминафиналната фаза се играат во средината и на крајот на месец февруари 2025 година.