Вести

Лазаров и Стојковиќ: Ќе бидеме претпазливи со Баја Маре, но со голема желба за победа

-->

По крајот на регуларниот дел на Суперлигата, а пред стартот на Плејоф, за РК Алкалоид следи нов предизвик, а тој е во рамките на Европскиот Куп на ЕХФ. Нашиот клуб го игра најважниот натпревар на домашен терен против РК Минаур Баја Маре од Романија, меч за место во полуфиналето во европското натпреварување.

Првиот натпревар во Романија заврши нерешено (31:31) и така РК Алкалоид пред своја публика ќе игра за пласман меѓу најдобрите четири екипи. Свесни за тоа што ги чека и што треба да направат за нов европски успех, на прес-конференција пред натпреварот говореа тренерот Кирил Лазаров и во име на тимот дефанзивецот Марко Стојковиќ.

Кирил Лазаров (тренер на РК Алкалоид):
„Се наоѓаме во период каде што ќе се бориме како клуб за полуфинале во едно европско натпреварување. Овој меч е од големо значење како за клубот, така и за македонскиот ракомет и спорт и внимателно ќе влеземе во реваншот со Баја Маре. Сакам да ја искористам можноста, затоа што немаше во опција во живо да се следи натпреварот, да им честитам на моите играчи за се што доживеаја и поминаа пред, за време и по мечот, против незгодна романска екипа и начинот кој се функционира кога се игра на гостински терен.
Горд сум што одигравме квалитетно и дојдовме до позитивен резултат. Можеби за време на натпреварите не изгледа така, но треба да се има разбирање, затоа што знаејќи од моето искуство, знам што може да се случи на такви гостувања и затоа сакам да ја држам екипата свесна и мотивирана затоа што се работи за екипа 99% македонски играчи, од нив 90% млади и перспективни играчи.

Многу сум внимателен и немирен за тоа што ни следи во недела. Снимката од мечот што ја добивме како клуб е половична, второто полувреме не е снимано и немаме снимка. Ќе се обидеме да се соземеме, да одиграме еден квалитетен натпревар. Секој нивни старт беше на раб на исклучување, а само двапати добија исклучување. Се работи за екипа од репрезентативци, десетина странци.
Мора да вложиме додатен напор за да се пласираме во полуфинале. Очекувам поддршка од симпатизерите. Баја Маре доаѓа два дена порано, им одложија меч во првенството, за да може да се консолидираат. “

Марко Стојковиќ (играч на РК Алкалоид): „Сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите во Кочани, на повредените им посакувам брзо заздравување, во мое име и во името на сите ракометари на РК Аклкалоид. Го анализиравме противникот, максимално се подготвуваме за да извлечеме позитивен резултат за да се пласираме во полуфиналето. Ја повикувам публиката да дојде во голем број и да ни даде поддршка, за на крајот заедно да славиме. Ќе влеземе во мечот внимателно, сакаме да оствариме резултат“

Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Баја Маре се игра на 30 март во салата „Автокоманда“ во Скопје со почеток од 19:00 часот. Главните судии доаѓаат од Норвешка, тоа се Мадс Далби Фремштад и Јорген Јорштад, додека делегат на натпреварот е Бранка Мариќ од Србија.

Победникот од овој двомеч ќе игра полуфинале во ЕХФ Купот против РК Олимпијакос од Грција или РК Рунар од Норвешка.